Поезија: Ирена Павлова де Одорико (извадок од „Јас сум Живка“)

/, Литература, Блесок бр. 159/Поезија: Ирена Павлова де Одорико (извадок од „Јас сум Живка“)

Поезија: Ирена Павлова де Одорико (извадок од „Јас сум Живка“)

Видов дека убав дом ми дари во твоето срце,

во твојата „Афористичка татковина.“

Јас: „Тоа е единствената таковина што ми ја дари и што ја знам.“

Татко: „Токму тоа сакав да го слушнам. Преживеав и јас во татковината

од мојот хумор, а и секој ден те учев на тоа. За да преживееш.

Затоа, одговорно како хуморист ти тврдам дека не сум јас таму.

Погребното претпријатие, традицијата на оплакување и скапиот мермер имаат нешто заедничко. Само Богочовекот знае што и хумористите. Оние вистинските.

Ваква мисла ми дојде.

Јас: „Сепак, сакав рака да ти допрам, чело да ти бакнам.“

Татко: „Каде? На погребот мој? Нели веќе разговаравме за ова?

Не бев, зашто не беше во моја организација, хаххаххаха.“

Јас: „Нема да ми забележиш што тој ден, сепак, напишав патетична песна?“

Татко: „Штом е посветена на мојот двојник, забелешка немам.“

Јас: „Еве, би ти ја соопштила сега.

Си замина

На небесен гурбет

Со мојата Бела Роза

Нежна рака ја купи

По моја нарачка

Од цвеќарка

Пророчица

Машка рака ја положила

Врз дрвениот покрив

Од твојот вечен дом

Иако знам

Дека за тебе

Земјата

Дури и небото

Се привремени

Ниту еден од ожалостените

Не знаел од кого е

Сега сум сосема сигурна

Дека твојот вечен дом

Нема да го прокисне

Ниту една лажна солза

Уште помалку реч лицемерна

Врз тој покрив

Бдее и моето небо

А врз него

Таа нежна чуварка

На една неовената љубов

Среде овој виолетов копнеж

За твој воскрес

Како на небото

Така и на земјата.“

Татко: „Се претворив во уво, ќерко. Прекрасен бил тој човек кој почива, мојот двојник.

А ти, немој да плачеш бадијала. Безживотна и неуморна. Се сеќаваш кога ти пеев за една роза сина?

‘Во срцето носев една роза сина, но помина некој, розата ја скина.’

Ех, твојата мајка.

‘Ако имаш ѕвезди, биди мое небо. И не е важно што сме останале, јас, без патоказ во чекорите, ти

Уста веќе немам за стих, без маглив превез на невиноста.’ Така ѝ напишав, го стуткав ливчето и го фрлив од возот.

Одзади пишуваше место, датум и време за средба, кога ќе се вратам од војска.

Затоа ти ќе продолжиш онаму, каде што

светот веќе застанал да нишани со реч.

Фактот што сиот живот во рацете држев пенкало, го спаси светот за еден крвник помалку.

Дојди да ти покажам уште само неколку потези,

директно во центар, од позиција на висок лет,

чедо мое, ќерко моја Живка.“

Јас: „Живка?“

Татко: „Да, Живка.“

Јас: „Јас сум Павлова

Ирена Павлова.“

Татко се насмеа и ме погледна.

Јас: „Да му ги читам песните на твојот ‘Двојник’, татко?“

Татко: „Слободно, слободно. Да те потсетам дека ти еднаш напиша:

‘Разликата меѓу убиец и светец е броењето до десет’.

Пред да ми прочиташ, пред да им прочиташ, пред да те прочитаат и пред да чуеш, изброј и нека избројат до десет​.“

Јас: „А ти, пак, напиша: ‘Писатели, пишувајте книги со повеќе глави. Барем една, ќе се погоди паметна’.“

АвторИрена Павлова де Одорико
2026-11-02T20:00:43+00:00 октомври 31st, 2026|Categories: Поезија, Литература, Блесок бр. 159|