Мојата и твојата книга на животот.
Твојата книга на антисмрт.
Или, на мегдан со духот на татко ми
Јас: „Татко, каде замина. Никој не ми јави.
Немав време да дојдам да те испратам.“
Татко: „Каде да ме испратиш?
Се сеќаваш кога ти велев
како со љубопитност го гледам ова
разградување на молекулите, се топат како снегулки, хаххаха.
Ми успеа да се пресметам со
последниот атом. Не сум таму, каде што мислеа дека ќе ме остават, сине.“
Јас: „Дознав на мојот ѕид дека си се преоблекол во вечност.“
Татко: „На кој ѕид. На ѕидот на плачот?
Сиот живот минувам низ такви ѕидови. Знаеш дека ме интересира,
ме интересира единствено квантитетот и квалитетот на солзите и имињата на
мотиваторите на горчливите солзи на праведниците.“
Јас: „Татко, не таков ѕид. Ах, никогаш не те интересирала технологијата.
Тоа се виртуелни ѕидови.“
Татко: „И виртуелните ѕидови паѓаат врз човекот, како тешки греди.“
Јас: „Не ми јавија кога за последен пат си вдишал и издишал. Не бев со тебе. Се прашував на што си мислел, а ниту збор со денови не си изустил.“
Татко: „Не знам дали дишев ниту кога ме сметаа за жив, како што сега, не сум многу сигурен дека не сум претворен во ветер, а ветрот нема проблем со дишењето. Не мислев на ништо одредено. Чувствував и гледав, како ми се враќаш во миговите на твоето детство. Се сеќаваш како еднаш сонив дека те зеле сосила од мене, дека ја грабнале можноста да ти бидам реален татко. Татко во праксата.
Јас дојдов за да останам. Редно време е да ти бидам реален татко. Татко на присуството.“
Јас: „Како мртов татко? Сега, кога замина?“
Татко: „Нема смрт за оние што ќе преминат онаму,
или, со други зборови,
толку пати ја предизвикував пустата, што се истроши.
Умре.
Дури сега ми умре смртта, па можам конечно да ти бидам татко.“
Јас: „Каде е тоа Онаму?“
Татко: „Во земјата на Сатиросудиите.
Таму допрва ќе бидам стрвно сечило за неправедните.“
Јас: „Па, тоа го правеше и овде, на земјата.“
Татко: „А, не, недоволно. Темни вилаети има повеќе одошто мислиш.
Еве, ти ги предавам клучевите на сефот.“
Јас: „Кој сеф?“
Татко: „Сефот на сè што сум пишал и сето она што си го напишала по мене
и она што на своја сметка ти го оставам како наследство.“
Татко: „Запомни, јас сум тој жилав залак на времето, со една смрт и многу умирања.“
Јас: „Да, татко, се согласувам. И смртта еднаш мора да умре.“
Татко: „Ете, сиот живот те учев на тоа. Дека смртта е таа што умира од моќен живот.
Затоа еве ја неа, на вечно почивалиште.
Зар може некој како мене, да почива?!“
Јас: „Да, појдов и таму знаев дека не си во неа. Во земјата.“
Татко: „Секој човек има свој двојник кога заминува. Еден под земјата. Еден над небото.
Ми кажаа донеле бела роза во твое име. Се прашуваш можеби како знам за тоа?
Ја помирисав во твојот дом.
Една рака ја ставила твојата роза врз ковчежето.“
Јас: „Ми кажаа за тоа, татко. Белата роза отсекогаш нè поврзувала.
Ти, толку луциден, а сепак, така невин.“
Татко: „Прашај го Ниче за тоа. Вистинскиот човек, или се одликува
со крајна невиност, или со екстремен цинизам.“
.
Јас: „Ти си бард на секој најдобар афоризам. Циничен, пред сè… хахаха.“
Татко: „Добро е. И ти почна конечно да се смееш, како некогаш. Затоа, не почнувај со патетики. Никогаш. Особено не сега.