Ton Souvenir est comme un livre bien aimé,
Qu’on lit sans cesse, et qui jamais n’est refermé.
Albert Samain[1]
Битието на возрасниот свеченоста на сеќавањето секогаш ја доживува под аурата на иницијацискиот, орфички, но и фантазматски мистицизам на когнитивните моќи за преселба на сентименталното битие во загубеното и заборавено време на детството. За да се сеќава, возрасниот мора да ги напушти хроноегзистенцијалните закони на непосредната сегашност за да зачекори во трансцендентниот ареал на имагинарното и сакрално време на споменот. Споменот за детството иманентно поседува исцелителна моќ; само враќањата во минатото, ,,толку живи и толку вистински“, може да му помогнат на битието да опстојува во времето ,,среќно без разлика на несреќите“, верува Русо (Rousseau 1953: 204). Луј Лавел укажува дека сеќавањето ,,сведочи за неопходноста сите нешта да замрат за да воскреснат, т.е. да исчезнат за да преминат од материјално или феноменолошко постоење, во духовна егзистенција, што ќе рече, во апсолутна“ (Lavelle 1945: 322-323). Во песната ,,Замокот на споменот“ на Теофил Готје, штом ќе настапи доцната ноќ, еден мечтател копнее по враќањето во своето минато. Во симболистичката атмосферичност на копнежот по засолнување во минатото од светот на профаното време на егзистенцијалната историја, мечтата отвора предел од урнатини на еден веќе заборавен и уништен свет покриен во магла и темнина. Стиховите на Готје, во митска алузија, ја мистифицираат фигурата на Сеќавањето – ,,прозрачна и бела“, која како Аријадна ќе му подари клопче со нишка која води до ,,стариот замок на споменот“. Во замокот, мечтателот открива салони со ѕидови полни портрети од нему познати личности, кои слегуваат од платната бришејќи си ги лицата со жолти шамичиња од прав, што врз нив го оставило времето. Во средбата со нив ,,пурпурот на животот топол / пак низ вените на минатото тече“ (Gautier 1903: 155). Кога настапува зората, сенките на минатото исчезнуваат, а сегашноста напразно му заповеда на мечтателот да заборави на сѐ. Искушението на поетот е како да му побегне на емпирискиот логос на сегашноста и како од времето да го украде митското клопче, за да може, кога и да посака, да се врати во призрачниот замок на сеќавањето.
Мечтаењето како сеќавање во неговиот поетски егзистенцијализам, во поезијата на Ален Боске и Влада Урошевиќ, е издигнато на рамниште на очудувачка наука на исконската жовијалност на сонувањето. Башлар, во реминисцентно ехо на Бахтиновата премиса за семантиката на прагот, го задава прашањето: ,,Но, дали е исто битието на оној кој отвора една врата и оној кој ја затвора?“ (Bachelard 1961: 249). Мечтателот кој ја отвора вратата кон замокот на споменот на загубеното детство, напуштајќи го тоа царство на бесмртниот гениј, не може назад да се врати како истата личност. Во една од најраните песни на Урошевиќ – ,,Влез“, во ониричен мираж, се сокрива сликата на возрасниот кој стои беспомошен, збунет и заталкан пред затворената врата на куќата на детството[2]. Таа врата за него се затворила во мигот кога генијот на детството потонал во есенски сон. Во неговите дланки – отсуствува клучот кој треба одново да го пронајде. ,,’Рѓосаните бакарни птици на оградата / не можат да се исплашат. Одамна / ги познаваат дождот и мовта“ (1959: 41) – резигнирано соопштува лирскиот субјект. Тоа е пејзаж на отсуството, пејзаж на загубеното време. Возрасниот безмалку и да не го препознава прагот на куќата на детството. Времето е неумолив ,,посредник меѓу материјата и духот “ (Lavelle 1945: 114), а во клучот на тој каузалитет, тоа невидливо ја трансфигурира материјалната појавност во петрифицирана фантазма на сеќавањето. Шопенхауер ја забележува склоноста на времето да приредува илузии во расудувачките моќи. Понекогаш сме обземени од ,,копнеж да бидеме во некоја далечна точка, а всушност, само копнееме назад да го вратиме времето што сме го минале таму – деновите кога сме биле помлади и посвежи одошто што сме сега. Во тие мигови, Времето се подбива со нас носејќи маска на простор; и ако отпатуваме во таа точка, може да видиме колку многу сме биле измамени“ (Schopenhauer 1984: 141). Возрасниот може да се врати во домот на детството во материјалниот емпиризам, но тогаш просторот ќе проговори со суровиот јазик на Времето: минливоста е неизбежна и беспоштедна. Дали возрасниот посакува, копнее да се врати во таа стара, напуштена и заборавена куќа на детството? Не. Возрасниот посакува да се врати во куќата на детството – како време, а не во куќата на детството – како простор. Тие бакарни птици на оградата некогаш можеле и да зборуваат со детето во долги, ноќни летни разговори, но не повеќе. Возрасниот повеќе не го говори магичниот јазик на детството. Обезнадежен, како туѓинец, останува да гледа низ затворените прозорци како низ маглите на исчезнатите времиња сѐ уште бродат привиденијата на спомените, несвесен за неподносливоста на застрашувачката празнина, тишината и неразборитите траги, што зад себе ги оставил суровиот гениј на времето – оној кој некогаш тој не ни знаеше дека постоел: ,,Сепак – / ќе останете немоќни пред влезот на куќата / над кој се врежани некакви чудни години / што се нејасни“ (Урошевиќ 1959: 41). Просторите и предметите кои постојано фигурираат во перцептивната свест не можат да ја покажат брзокрилоста на генијот на времето. Брзотечноста на времето и минливоста на драгоцените предмети, битија и места – стануваат очевидни само кога личноста била разделена од нив подолго време. Доколку битието се оддалечи од просторите и личностите од детството, кога ќе се соочи повторно со нив, ќе биде ужаснато од морничавата сила на застрашувачкото сознание за трагите на немилосрдната неумоливост со која времето ги обложило драгите спомени.
Возрасниот не ги поседува спомените. ,,Поскоро, нашите спомени нѐ чинат она што сме. Тие нѐ поседуваат нас“ (Gusdorf 1951: 221), исто како што детето го поседува возрасниот, а не обратно. Во ,,Златен век, детство“ на Урошевиќ, насловната алузивна индикација експлицитно го семантизира митскиот поттекст на златната, овидиевска епоха на совршените, божествени почетоци и нерастревожливата благосостојба на животот на земјата. Тоа е митскиот мистицизам на првите мугри на животот на битието. Космосот е штотуку создаден, космогониските сили пулсираат со полноживотната радост на празнувањето на животот. Сѐ е сказнично, совршено, искапено во бесмртните светлини на денот кога земјата се врти толку неусетно бавно што денот трае со векови. Навестувајќи ги овие аксиоми, Урошевиќ, изведува загадочна, фигуративна метабола во значењата. Секое од петнаесетте тристишија е отклучено со експозитивната граматичко-синтаксостилематска сугестија на припевното повторување на глаголско-наративната конструкција во реминисцентен аорист – ,,Имаше…“. Глаголската форма сугерира латентно семантизиран присвоен, субјективно интимизиран однос на инстанцата на лирскиот субјект кон митофилософската прагма на детството. Со тоа се ефектуира избледнување на посредната идентитетско-трополошка дистанца помеѓу дискурзивната проекција на гласот на имагинарниот субјект и мнемофантазматската свест на фактуално-историската, т.е. интимната личност на поетот. Златниот век е време на еден миракулизиран, онирично митизиран свет. Движењето на реминисцентната фокализација поаѓа од феномените, пејзажите и сеќавањата за надворешниот свет, преселувајќи се кон микрокосмичноста на домот / куќата: ,,Имаше во полето големи белутраци / во кои беше заробен огнот / и кои мирисаа на дамнешни битки кога ќе се судреа / еден со друг“ (2020: 374). Свет кој лебди сѐ уште, но единствено во призрачниот замок на зачуваното, а загубено време на духот, кое возрасниот одново го пронаоѓа во битието како рушевина од онирично време, која повторно оживува во имагинарните контури на предметната појавност на природата и куќата на детството: ,,Имаше пруги низ кои не одеа повеќе возови / но со уво допрено на нив / можеше да се чуе татнежот на вагоните што минале / пред години“ (2020: 374). Во тој свет имаше и ,,телефонски бандери“ – се сеќава возрасниот, во кои ,,брмчеа некакви небесни разговори“. Ламентот на сеќавањето овде не е сентиментализиран. Тагата по детството се насетува во естетизирана, полусонлива нијансираност на митска елегичност на споменот. Нагласката врз она што имаше во контрастно семантизирана синонимичност сугерира хронолошка дисонанца за тоа дека траењето на тој свет кој беше, кој го имаше – сега повеќе не постои. Граматичката форма имаше упатува на содржина, на богатство, на исполнетост, на време, кои сега веќе ги нема. Возрасниот како полутивко да сугерира меѓу стиховите: Сега веќе ги нема таа пруга, тие белутраци, тие возови, со што настанува и порамнување меѓу имаше и едно сенишно изговорено беше во духот на класичната формулаичност на конвенцијата на бајковната наратологија. Поетскиот каталог со слики се поместува кон хронотопот на домот. Во светот на куќата на детството имаше ,,празни лушпи од полжав во кои / сѐ уште се слушаше шумот на морето / кое јачело горе додека тие лежеле во длабочините“. Световите на просторите и времињата се проникнуваат: куќата на детството во себе ја наследува панкосмичката музика на постоењето на човештвото и природата – географијата и историјата на планетата се вкрстуваат во детската одаја како сакрален axis mundi. Детството е единствената епоха кога една ,,детелина со четири листа исушена“ може да биде вистински магиски талисман скриен во книга ,,полна приказни за земји што не постојат“. Но, дури и врз сакралниот гениј на детството, скришум започнуваат да му се закануваат непознати сенки. Колку и да е безопасно и наивно, во животот на детето, настапува време кога се појавуваат забраните. Оние чудесни и мирисливи шкафови на Рембо стануваат ,,шкафови во кои не се наѕирнуваше“, кои не е дозволено да се отвораат. Во куќата на детството настанува дијалектичка средба меѓу закрилничките сили на космосот и силите кои настојуваат да го прогонат детето вон рајскиот и метафизички хронотоп на детството. Златната епоха закономерно се движи кон микрокосмичкиот есхатолошки фатум. Излезот од златната епоха на детството е на повидок и се огласува со злокобни фанфари: ,,Имаше и лоши маѓосници што со своите чинки / ни го заменија сето тоа за пластика и за хартиени пари / и нѐ измамија дека на тој начин ќе станеме возрасни“. Кои се фигурите на овие ,,лоши маѓосници“? Бездруго, тоа се возрасните како митски трикстерски суштества. Кога ќе биде измамена од нив, личноста може да избере: или ќе се помири со лажните, сенишни аксиоми на возрасната доба, или ќе се оддаде на метафизичката потрага по генијот на детството.
[1] ,,Твојот Спомен е како сакана книга, / што не се затвора и се чита вечно“, Албер Самен
[2] Детството Урошевиќ често го инвоцира синегдохично: во сликите на предметите, домот, градината…