АЛЕН БОСКЕ И ВЛАДА УРОШЕВИЌ: ДЕТСТВОТО И ПОЕТСКАТА ИМАГИНАЦИЈА НА СЕЌАВАЊЕТО

/, Литература, Блесок бр. 159/АЛЕН БОСКЕ И ВЛАДА УРОШЕВИЌ: ДЕТСТВОТО И ПОЕТСКАТА ИМАГИНАЦИЈА НА СЕЌАВАЊЕТО

АЛЕН БОСКЕ И ВЛАДА УРОШЕВИЌ: ДЕТСТВОТО И ПОЕТСКАТА ИМАГИНАЦИЈА НА СЕЌАВАЊЕТО

Куќата на детството, како епитомизација на еден од ,,архетипите на интимноста“ (Durand 1999: 237), попадната во бездната на онтолошкиот заборав и длабокото несвесно во битието – се искрадува од просторите на вечното лето и станува подземна, заборавена, напуштена ноќна куќа. Во песната ,,Ноќни куќи“ на Урошевиќ, возрасниот се симнува по неосветлените скалила на загубениот спомен за детството: ,,Ги знаеме овие соби. / Сме живееле зад тие врати. / Но кога? Напразен е секој наш обид / сеќавањето да ни се врати“ (2020: 195). Тоа е заборавената куќа на детството; времето ја украсило со пајакови мрежи, мртви кукли, скршени и неми прозорци. Но, возрасниот не е сам – во неговата дланка има уште една мала дланка – тоа е детето што бил и кое го води низ ходниците на загубениот космос на првото засолниште од светот: ,,Што бараме на тие скали? / Кој низ ходниците нѐ води? / Дали го знаеме и дали / тој и самиот знае кај оди?“ Тој, бездруго – знае каде оди, само возрасниот треба да научи да му биде послушен и да му верува – одново.

Башлар говори за ,,дијалектичкиот динамизам на куќата и космосот“ (Bachelard 1961: 63) за нивното интимистичко близнаштво, кога сиот космос привлечен од митските соништа на детето може да се вдоми во неговата мала, но куќа во која како ученик на вселената ежедневно го учи поимот на бесконечноста. Песната ,,Куќата на детството“ на Урошевиќ ја тематизира созвучноста на солипсистичката космичност меѓу битието на детето и мистичното битие на куќата која него го закрилува. Стиховите вкрстуваат две сликовни оски контрастирани во космичките ритми на календарот на детството: куќата како битие на просторниот интимизам во зимскиот пејзаж на ноќите минати над книгите во домот и летните средби со морињата. Во граматичката архитектоника, впечатливо е повторувањето на глаголската форма постои во аорист: очевидна е алузијата на возрасниот за неговото мечтаење за една куќа која постои само во сонот и сеќавањето: ,,Постоеше таа куќа во ноќите зимски / полна речници, лексикони и карти на светот, / од која ноќе, од книгите, бегаа киповите римски“ (2020: 152). Куќата во зимата е топос на закрила, на истражување на непознатото; простор во кој се засолнува целиот свет со сите негови авантури, истории и географии на стварното и имагинарното. ,,Постоеше таа куќа на доцното лето“, помни возрасниот, каде што се вселувале најдалечните морски пространства опијанувајќи ја во мирисот на ,,морската трева“. Сугерирана е инсуларната сакралност, засолнетоста на куќата од светот на физичкото време. Куќата станува axis mundi во духовниот универзум на детето. Колку што е стварносна, толку е и химерична и магична. Само во една епоха во денот куќата на детството се престорувала во вистински кораб пресретнувајќи ги сите мориња, а тоа е ноктуралната епоха на сонот: ,,Постоеше таа куќа во која само оној што е буден / не го чувствуваше нишањето на морињата јужни“. Во збунето недоумие, поетот разбуден во светот на возрасните реторички се прашува дали таа куќа на загубеното дете сѐ уште го населува јавето, или постои само во некоја фантастична хетеротопија на соништата?: ,,Дали куќата сѐ уште ги вознемирува соседите? / Дали од неа сѐ уште ноќе бегаат киповите? / Ако постои – би можеле ли и денес во неа да поседите / и, спиејќи во нејзините соби, по мориња да пловите?“ Тајната е дека таа куќа постои, но само кога сонува генијот на детството во битието на возрасниот.

Годишната доба е феноменолошка есенција на споменот. Башлар искажува дека токму собитијата на природните промени, ,,зимата, есента, сонцето, летната река, сите се корени на апсолутни доби. Тие не се само спектакли за очите, тие се душевни вредности“ (1969: 117). Во детството, летото има едни закони, зимата – други. Во песната ,,Циркусот“ на Боске, летото е празнична доба – бескрајно долга и сончева мнемоничка церемонија кога детето го напушта светот на обврзноста кон навиките, прозаичните повторливости наметнати од возрасните. Летото има свое тајно игралиште на кое го кани детето како свој метонимиски близнак, а тоа е циркусот: ,,Сретнав еднаш, далеку зад ридовите, / еден циркус во неговата тенда / во која ги заковуваа на столб кадрестите / комети, / зелените месечини“ (1996: 148). Стиховите оркестрирани во граматички аорист го сугерираат сеќавањето на возрасниот за еден свет кој бил, но кој повеќе не е. Циркусот сега постои само во миражниот град на детството во сеќавањето. Чудесниот циркус со исчезнатите ридови се пројавува од густата магла на сентименталната историја – топос кој во клучот на астрономската имагинација на Боске бидува осветлен од летните спектакли на кометите и небесните тела. Циркусот е семантизиран како свечен топос за детската мечта алчна за изненадувања и авантури. Циркусот не е место што може да се посетува ежедневно, но единствено во летните недели – чин што ги дезавуира вообичаеностите и детските здодевности на зимата: ,,Зиме тоа им беше забрането на учениците, / би му штетело на Карло Велики, на општата гравитација, на Жан Расин и на хипотенузата“ – со иронија на совесен ученик, предупредува возрасниот. Зимата е годишната доба на училишните униформи, бројалки, граматики, хемиски формули, додека летото е врата кон еден полуониричен, шеговит, надреален свет полн изненадувања од ,,бенгалски тигри“ и кучиња што ,,свиреа на виолина“.

Во ,,Попладневна претстава“ на Урошевиќ е зачувано сеќавањето за едно миракулизирано летно мечтаење. Митскиот топос на градината се отвора како волшебна и блескава театарска сала. Достатно е детето да му отшепоти на сонцето дека настапува час по сонување, за сите сили на природата да се растревожат за да ја спроведат таа желба: ,,Сонцето не е на залез / но светлините се ниски; / намотувајќи се на калем / воздушното платно се искри“ (1973: 62). Детето е свидетел на кинематографските магии на светлините среде градината каде што во мрежата од самрачни зраци што се мешаат со небото меѓу дрвјата, тоа осведочува незаборавен спектакл: ,,Ho се јавува нова глетка: / нем филм тоа нели е? / Меѓу лисјата како да се плетка / дилижансата на Мелиес“. Детството навистина трае колку и еден ониричен филм на Жорж Мелиес. Филмската фантазмагорија во градината окончува со брзината со која си заминува и детството: ,,Претставата ја растураат птиците. / A ја гледале само оние / што попладне спиеле под јаболкниците. / Филм ли е тоа, сон ли е?“ На крајот, зар возрасниот не си го задава тоа прашање во интроспективните и збунети реминисценции на детските спомени? Што беше тоа? Дали постоеше нешто наречено детство? Сакралната претстава на детството – може да продолжат да ја гледаат само оние што ја зачувале филмската лента врз која сѐ уште блеска емулзијата на споменот. Според законите на онтолошкиот емпиризам, генијот на детството продолжува да живее само во космичките пространства на битието, а возрасниот – е оставен осамен за да ја проучува сложената метафизика на сеќавањето.


Користена литература

Боске, Ален. (1989). Во спор со зборот. (препев: В. Урошевиќ). Скопје: Мисла.
Боске, Ален. (1996). Утрешнина без мене. (препев: В. Урошевиќ). Скопје: Детска радост.
Урошевиќ, Влада. (1959). Еден друг град. Скопје: Култура.
Урошевиќ, Влада. (1973). Ѕвездена терезија. Скопје: Нова Македонија.
Урошевиќ, Влада. (2020). 333 избрани песни. Скопје: МАНУ, Магор.

Bachelard, Gaston. (1961). La poétique de l’espace. Paris: Presses universitaires de France.
Bachelard, Gaston. (1969). The Poetics of Reverie: Chilhood, Language, and the Cosmos.
Boston: Beacon Press.
Bosquet, Alain. Lyrics translate. https://lyricstranslate.com/fr/alain-bosquet-lyrics.html.  (Пристапено на: 1.7.2025).
Bosquet, Alain. Poésiemuziketc. https://poesiemuziketc.wordpress.com/2012/07/26/alain-bosquet-poemes/. (Пристапено на: 1.7.2025).
Durand, Gilbert. (1999). The Anthropological Structures of the Imaginary. Brisbane: Boombana Publications.
Gautier, Théophile. (1903). Émaux et Camées. Paris: Librairie Charpentier et Fasquelle.
Gusdorf, Georges. (1951). Mémoire et personne. Paris: Presses universitaires de France.
Lavelle, Louis. (1945). Du temps et de l’éternité. Paris: Aubier, Éditions Montaigne.
Rousseau, Jean-Jacques. (1953). The Confessions. London: Penguin Books Ltd.
Schopenhauer, Arthur. (1984). Counsels and Maxims. London: George Allen & Unwin Ltd.

 

АвторЕлена Карпузовска
2026-11-02T19:59:28+00:00 октомври 31st, 2026|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 159|