АЛЕН БОСКЕ И ВЛАДА УРОШЕВИЌ: ДЕТСТВОТО И ПОЕТСКАТА ИМАГИНАЦИЈА НА СЕЌАВАЊЕТО

/, Литература, Блесок бр. 159/АЛЕН БОСКЕ И ВЛАДА УРОШЕВИЌ: ДЕТСТВОТО И ПОЕТСКАТА ИМАГИНАЦИЈА НА СЕЌАВАЊЕТО

АЛЕН БОСКЕ И ВЛАДА УРОШЕВИЌ: ДЕТСТВОТО И ПОЕТСКАТА ИМАГИНАЦИЈА НА СЕЌАВАЊЕТО

Ален Боске во ,,Песна за едно далечно дете“ покажува колку вербата во споменот и моќта возрасниот повторно да го открие генијот на детството може да биде дури и единственото волшепство за тој навистина да биде повикан од длабочините на несвесното битие. Насловната предлошко-генитивна индикација ја сугерира посветната природа на стиховите: имено, тоа е песна-писмо за едно далечно, но загубено, исчезнато дете, за кое возрасниот знае дека тоа сѐ уште го очекува неговиот повик да се врати. Песната се одликува со изразито автобиографизиран, интимизирано-сентиментален поттекст. Тоа е детето што поетот бил, за кое се сеќава, но кое веќе тој не е. Стиховите ја сугерираат хронолошката дисонанца во раздалеченоста / отуѓеноста / разделбата меѓу возрасниот и детето. Според говорната ситуација, овие епистоларни стихови може да се читаат низ две конативно-апелативни визури: 1. Песната му е посветена како сентиментално писмо на далечното дете што возрасниот бил: детето би било субјективизирана инстанца независна од битието на возрасниот; 2. Возрасниот во автоепистоларна форма пишува писмо до самиот себеси, врз фонот на едно магиско-обредно упатство, доживувајќи се како тоа далечно и загубено дете, каде што второто граматичко лице прозвучува во вредност на автокомуникативна лирска инстанца. Во првиот случај, епистоларните стихови го нагласуваат диспаритетот меѓу јас кое е возрасно и споменот за ти кое е дете и е отсутно. Постојат чуда кои се возможни единствено во митската епоха на детството: ,,Ти може да си играш да бидеш ластовичка: / сѐ што треба е да ги отвориш рацете / и да скокнеш многу високо, многу високо. // Ти може да си играш да бидеш ѕвезда: / сѐ што треба е да го затвориш едното око, / и потем, да го отвориш, / бесконечно многу пати, бесконечно многу пати. // Ти може да си играш да бидеш река: / сѐ што треба е да плачеш, / но не многу силно, не многу силно“[3]. Во гласот на возрасниот, кој се сеќава на своите детски игри провејува чудникава сентиментална љубомора за сето она што тоа далечно дете можело, а што повеќе не го може како возрасен. Стиховите осцилираат околу волшебните способности и митски моќи на детското битие. Далечното дете, доколку посака да биде ластовичка – нужно е само да го следи магичното упатство на лудистичката вообразба: доволно е да ги рашири рацете и да скокне толку високо, што ќе заборави дека некогаш чекорело по земјата – и тогаш ќе полета со невидливи крилја. Единствено во митската епоха на детството е можно да се стане ѕвезда – само доколку се затвори едното око и се трепка бесконечно долги ноќи. Дали и возрасниот доколку ги повтори тие ритуални свечености на детската игра – ќе може повторно да стане ѕвезда, ластовичка или река? Возрасниот е поразен: тој знае дека за да стане ластовичка или ѕвезда – мора да биде магично битие какво што е детето, кое верува во императивите на имагинацијата. Соништата и вообразбите – немаат вистинско магиско дејство во демитизираната епоха на возрасната доба. Возрасниот во сѐ препознава лажна и измамна сенка на идеалите.

Песната ,,Дојди во Франција, дете на далечините“ на Боске е уште една песна-писмо, но и песна-покана за патување до детето што возрасниот бил. Возрасниот во клучот на епистоларната конвенција на една сентиментална реторичност го кани детето што бил, помнејќи ги чудата за кои тој мечтаел додека бил токму тоа дете, а кои сега постојат само како носталгични драгоцености на имагинацијата. Во припевното повторување на фразата ,,Дојди во Франција, дете на далечините“ – Франција е земја полна ,,пченици што танцуваат“ и кои ,,прилегаат на кукли“[4]. Впечатливо е што екскламативниот повик на возрасниот интерпункциски се заклучува со точка наместо извично, сугерирајќи го неговиот притаен воздржан плачлив липот, уплашен во загриженоста дека детето (кое не е наивно и лекомислено) што бил, нема да биде опчинето и уверено од неговите ветувања за чудесните глетки. Тој му ветува дека таму, во таа сказнична Франција тоа нема да биде осамено: таму, тоа ќе запознае момчиња исти како него ,,кои си играат, кои учат, / кои сакаат да бидат среќни“. Поканата е интонирана во милослива молежливост и покорна бојазливост. Возрасниот не е наполно убеден дека ќе успее да го врати тоа далечно дете. Детето привлечено од гласот на возрасниот предострожно се доближува од космичките далечини, што е сугерирано преку преминувањето кон микрокосмосот на градот Париз: ,,Дојди во Париз, дете на далечините“ – го моли возрасниот, ветувајќи му ги со жизнерадосна замечтаеност најнезамисливите авантури и подароци: ,,Во мојата куќа има музика, / сонце, торти, / мудри книги, / и надвор има една огромна жирафа / – Ајфеловата кула, / којашто ти ќе можеш да ја боиш во сино, / во виолетово, во црвено, / колку долго и да посакаш“. Детето што возрасниот го кани можеби ќе ја прифати оваа ласкава покана, но доколку таа му е понудена само нему. Психоегзистенцијалниот феномен на често, пејоративно (нарцисоидно) предназначената егоцентричност во однесувањето на децата не смее да се поистоветува со метафизичката и сакрална солипсистичка осаменост, која аксиоматски (и како парадоксално изненадување) поседува творечки и екстровертен, благороден сензибилитет. Духот на детето ќе биде заведен од чудата во таа куќа во Париз, полна музика, торти, книги, но најмногу од тоа што во тој град живее таа висока железна жирафа – Ајфеловата кула која тоа ќе може да ја обои онака како што ќе посака. Детето во својата игра ќе може да ја празнува својата осаменичка мечта – несвесно подарувајќи му ја на светот – најневеројатната кула која некогаш била создадена.

Споменот за космичката магија на осамеништвото во детството, Боске, низ автоироничниот поглед врз семејното, ексцентрично отпадништво, го зачувал во песната ,,Осаменост“: ,,Тој им зборуваше на вулканите, / се разбираше со реките. / Навечер, беше многу близок со несреќните ѕвезди. / (…) За да ги разбере / синилото и планетата, / тој се оддалечуваше од своите блиски“ (1989: 45).  Возрасниот Боске во овие стихови го заклучува ехото на споменот за својот малечок, мечтателен двојник. За да го разбeре јазикот на вулканите, реките, ѕвездите, жирафите, камењата, планетите и небото – детето, во анархистичкиот дух на митскиот контемплативен солипсизам, мора да се откаже од рационалните јазици на човештвото. Битието на детето не се чувствува како да припаѓа некаде и своите лудистички епифании не може да ги искуси во домот или средбите со врсниците. Детето се чувствува како најмногу да припаѓа под малото прозорче низ кое може да ги набљудува ѕвездите другарки, над отворените енциклопедии со древни народи и острови или во некој непознат предел во соништата. Затоа, и преку учтивиот императив во стиховите: ,,Луѓе чесни, луѓе праведни, / научете го / да биде малку помалку сам“, возрасниот со иронично-подбивна сочувственост ја претставува осаменоста како искушение и пречка на детската свест – што треба да се надмине, повикувајќи тоа дете што тој бил – да ја пресретне совесната загриженост на околината. Возрасниот знае дека без тајната на тоа космичко осамеништво на детството, тој никогаш немаше да верува дека може да се разговара со најдалечните и неоткриени ѕвезди.


[3] Препевот на илустративните одломки од песната ,,Poème pour un enfant lointain“ на македонски јазик е на авторката.

[4] Препевот на илустративните одломки од песната ,,Viens en France, enfant lointain“ на македонски јазик е на авторката.

АвторЕлена Карпузовска
2026-11-02T19:59:28+00:00 октомври 31st, 2026|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 159|