Проза: Александар Русјаков (Од збирката раскази „Егосурфер“, Арс ламина, 2025)

/, Литература, Блесок бр. 158/Проза: Александар Русјаков (Од збирката раскази „Егосурфер“, Арс ламина, 2025)

Проза: Александар Русјаков (Од збирката раскази „Егосурфер“, Арс ламина, 2025)

Таа бела светлина… временски скок… право низ бесконечноста… право кон… зар тој веќе знае? Чувствува како околу нив се крши огромниот празен простор. Кога белата светлина што го обвиваше меѓуѕвездениот брод исчезна, наоколу повторно завладеа безгласната вселена. Да има рака ќе му ја спушти нежно на рамото, врз тој оклоп од туѓи умирања, ќе го допре за да му даде од совршенството на љубовта. Дали тоа нешто би променило? Знае дека тоа е само неговата болка што го тера така да чувствува, затоа што на тоа суштество одамна му беше дадена бескрајна љубов која тој бесно ја отфрли. Знае, тој и овој пат го нашол тоа што сака од него да го скрие.

Ти реков… секогаш ги наоѓам твоите тајни патишта…

Знае дека е тука, во бродот, насекаде околу него, знае дека сака да го спречи во намерата, да го премисли, затоа и така му зборува. Тој глас… неговиот проклет глас…

Уште неколку временски скока и меѓуѕвездената машина ќе стигне онаму каде што не смеат да пристигнат. Веќе ја чувствува радоста на животот кон која се движат со огромна брзина. Сè што треба да направи е да го убие и агонијата засекогаш ќе престане. Тоа добро го знае. Го заврти кон него своето сеприсутно постоење. Тој е седнат на големиот централен престол среде контролната соба. Загледан пред себе кон бескрајната вселена каде што наскоро ќе се појави совршенството на креацијата. Сега е моментот да заврши со него и таа уништувачка сила што го претвори во монструозно битие. Само треба да го посака тоа и ништо нема да остане од него, од неговиот оклоп исткаен од туѓ пекол, од тој шлем со огромни рогови кои сакаат да ја искасапат вселената.

Го боли вселената.

Размислуваш да ме убиеш, нели?

Тој чувствува, тој ме чувствува.

Што сакаш од мене?

Тоа го праша, а знае каков одговор ќе добие.

Ти реков… сакам сè!

Сака сè, по извесно време сите посакуваат сè, особено тоа што го немаат, не знаејќи да се радуваат на она што им е дадено, не знаејќи дека тоа сè сигурно ќе ги убие.

Тоа ќе те убие.

Ете, му кажа. Илјадапати му кажал досега. Дека сè не може да се понесе во себе, да се осознае низ себе.

Само ти можеш да ме убиеш…

Вистина, само тој може да го убие. Само ако сака. Но…

Љубовта не убива.

И ова му го кажал илјадапати досега.

Ти реков… ако не ме уништиш ти, јас ќе те уништувам тебе…

Зад неговиот грб виде како црната вселена почнува да трепери. Сега е моментот ако сака да заврши со него, сега дури не гледа што се отвора зад него среде вселената. Блескавата моќна совршена светлина на младото сонце веќе навлегува низ проѕирниот ѕид на огромната летечка машина. И тој ја чувствува топлината на сончевите зраци. Се завртува. Гледа во совршеното сонце кон кое се приближуваа.

Ова ли сакаше да го скриеш од мене?

Го боли постоењето. Му го чувствува неконтролираниот гнев како пулсира низ неговото тело. Што го прави ваков? Со каква само восхитена омраза гледа во чудесниот свет што се отвора пред него. А таму, отаде проѕирниот ѕид се открива совршената креација околу младото сонце. Го виде како ја подава долгата рака кон проѕирниот ѕид, сака уште сега, оттука, да го здроби совршенството пред него.

Знам каде си го скрил постоењето…

Го боли мигот, тој ја подава својата рака во оклоп од туѓ плач за да покаже онаму каде што пулсира животот, кон третата планета од сонцето.

Сино… Сакам сино…

Сака сино, сака да ја уништи сината планета, тоа добро го знае. Го боли водата, да има очи на бестелесното свое бивствување, уште толку вода од очите ќе исплаче.

Гледаш, повторно го најдов тоа што го криеш од мене, повторно ќе го уништам тоа што си го создал… така ќе биде додека не признаеш дека сме еднакви…

 

Го болат планините.

Го болат дрвјата, плодовите, срцата на тие што ги оживеал. Го боли сето негово создание што го опкружува додека огромната меѓуѕвездена машина се спушта бесшумно на планетата. Совршени бои, нестварен мир, ритмични звуци на распеани птици среде тивката песна на ветерот, сето тоа го нагрдува моќната метална машина од која излегува страшниот воин со оклоп од туѓа тага. Застанат на платформата од бродот, изгледа како некој вселенски господар дојден да го покори сето она што го гледа пред себе. Чекор по чекор, се спушта на земјата.

АвторАлександар Русјаков
2026-04-14T15:26:03+00:00 април 13th, 2026|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 158|