Тоа му го рече викајќи гласно од своето присуство.
Ти реков… јас сум тој што ги завршува сите твои започнати приказни…
Го фрли звучно своето проклетство од главата под шлемот со рогови и појде низ бродот, удирајќи со челичните чизми по подот.
Проклет да си!
Кажи нешто ново!
Го следи додека се движи низ долгите ходници на бродот. За миг, помислува, кога би имал раце, би го зграпчил за вратот и сосема возможно, би го скршил тој негов врат. Ја отфрла таа помисла. Само продолжува носејќи ја болката со себе да го следи низ огромниот метален простор додека не стигне до контролната соба.
Семето, тој го бара семето. Тоа веќе го знае. И она што ќе следува откако ќе го пронајде. Што згрешив? Што грешам во моментов? Звуците од инструментите во контролната соба звучат како смислена мелодија за отпуштање среде напнатата празнотија на уништувањето.
Тој застанува пред командната табла. Мониторите се појавуваат како светлечки правоаголници кои лебдат во просторот.
Добре дојдовте во контролната соба! Наша мисија е пронаоѓање нова планета со услови за живот. Која е вашата наредба?
Аргански јазик. Птиреите не ги изговараат своите мисли. Тие ги вибрираат како чувства преку совршените перки. Зошто мисли на ова во моментот кога знае дека приказната на Арганите и Птиреите засекогаш ќе заврши?
Уништи го целиот семенски материјал на бродот! Семето е контаминирано.
Немој!
Го болат сопствените неизговорени зборови. Се фаќа себеси како чувствува дека трепери среде сета своја присутна бестелесност.
Уништувањето започнува сега!
Го боли тој метален глас без жив сопственик, глас вграден во меѓупланетарното летало што сега ги слуша заповедите на тоа бесчувствително битие изгубено во сопствената омраза. Што да прави со него? Додека го чувствува сето ова започнува процесот на уништување. Тоа зуење, колку само го боли тоа зуење додека убиецот во оклоп од туѓа несреќа мирно гледа во мониторите пред себе.
Уништувањето е завршено!
Не!!!
И без да сака крикнува во себе, тоа чудно непознато чувство, болката од немоќ, сето тоа вреска во него.
Стартувај го бродот! Крајна цел – центарот на галаксијата.
Центарот на галаксијата е самоубиствена мисија, ве молам одберете други координати!
Два гласа, два удара во срцето кое сигурно ќе се стегнеше во болен грч ако го имаше во себе. Два гласа, едниот метален, безживотен, другиот груб, бесчувствителен. Центарот на галаксијата… да има грло, овие зборови сигурно ќе го задушат од силината на нивната болка… ете и тоа го дозна… центарот на галаксијата. Но, чудовиштето во оклоп од туѓи вресоци како да има заборавено дека уште некој е присутен насекаде околу него. Со еден замав на огромната рака рогатиот воин жестоко го пробива командниот пулт. Лесно ја извлекува раката. Во неа сега зуи и трепка мал овален предмет кој изгледа како да е жив, како полека да се гасне, да умира… срцето на машината… додека конечно не замре меѓу прстите во челичен оклоп. Со еден потег го здробува.
Самоубиствена мисија…
Го заболеа тие два збора, неговиот глас, циничната суровост со која го исполнува просторот околу своето оклопно тело. Го гледа како притиска по контролната табла. Огромната летечка машина затреперува. Потоа почнувa да се движи, најпрвин полека, како да го проучува бескрајот околу себе.
Ти реков… можеби ми ја одзеде моќта да бидам секаде…
Моќта… Да, му ја одзеде моќта, барем поголемиот дел од неа, но и со она малку што му остана…
…ама уште ја имам вечноста за да те барам…
Ја има вечноста за да талка низ неа барајќи живот за уништување. Што да правам со него? По којзнае кој пат почувствува дека го боли неговото постоење. Меѓуѕвездениот брод се обви со силна бела светлина, крикнаа моторите во него и буквално исчезна од просторот каде што дотогаш мирно лебдеше.