Проза: Александар Русјаков (Од збирката раскази „Егосурфер“, Арс ламина, 2025)

/, Литература, Блесок бр. 158/Проза: Александар Русјаков (Од збирката раскази „Егосурфер“, Арс ламина, 2025)

Проза: Александар Русјаков (Од збирката раскази „Егосурфер“, Арс ламина, 2025)

Идентификувај се!

Електронскиот ум на металното пловило бара да се идентификува непознатиот субјект… со оклоп од смрт на себе… и рогови што ја черечат секоја креација од љубовни песни и вибрации.

Јас сум… крајот!

Така се претставува без да проговори. Електронскиот ум ја почувствува неговата омраза насекаде низ своите мртви делови.

Каква е состојбата на овој брод?

Електронскиот ум неколку мига како да се двоуми пред да одговори.

Нема веќе никој. Сите се мртви.

Нешто како да влезе во него и го натера така да одговори. Во спротивно, ќе ја кажеше вистината зашто така беше програмиран. Црниот воин со рогови на шлемот се заврти. Како да почувствува нечие присуство околу себе.

Од кога ти почна да лажеш?

Да не го познаваше тој ужасен глас ќе помислеше дека има смеа во неговите зборови.

Сакаш да знаеш што ќе сторам со нив? Со оние што ги скри тука?

Знае што ќе стори со нив. Тоа што го стори и минатиот пат. И додека пред џинот во оклоп од туѓа несреќа се отвoра електричната врата зад која се крие стравот, тој знае дека не може да го убеди да постапи поинаку освен ако не го убие.

Чудно, нели? Секогаш постои некој што мисли дека може да го спаси видот…

Тоа не е чудно, туку нормално, така помисли и го заболе помислата, затоа што злото во оклоп одбива да го прифати природното. И вратата се отвори. Зад неа скорешната смрт ја очекуваа Њут од Арганите, неговата сопруга Ара од Птиреите и нивните две рожби.

Немој!

Ја испрати својата болка кон мислите на уништувачот, иако знаеше дека тоа нема да ја исполни со милост суровата празнотија во телото под тој оклоп. Така и се случи, сопственикот на страшниот глас што го бараше неговото присуство за да го измачува, воопшто не покажа дека ја слушнал молбата почувствувана за него. Стоеше моќно надвиснат над четирите прекрасни суштества кои гледаа во него со своите ѕвездени очи. Па тие воопшто не знаат што е надвиснато над нив, каков ужас ги демне од тој оклоп со рогови на шлемот! Така чувствуваше, го впиваше стравот со кој тие наскоро ќе се исполнат.

Колку само ги жалиш…

Гласот повторно го пронижа. Не само што ги жали, туку и плаче за нив со солзите што ги нема, плаче гледајќи во сребренобелите крилја на Њут, во совршено обликуваните и нежни перки на Ара, во ѕвездените очи на нивните деца, плаче затоа што тие гледаат во бесчувствителноста надвисната над нив, не знаејќи што ги очекува.

Немој да ги повредиш!

Неговата невидлива болка се заглави меѓу роговите на шлемот и таму испари без да допре под оклопот. Ама му врати со глас неслушлив за другите, колку да му даде до знаење дека е свесен за неговото присуство.

Или што? Ќе ме убиеш?

Така му рече со глас упатен само кон него, глас кој повторно го пресече како со нож оној кој слушаше, а потоа уште повеќе се надви над последните живи суштества од расите на Арганите и Птиреите.

Ти си Њут. Ти си Ара. А ова е вашето семејство. Последни од видот.

Злото под шлемот ова го изговори гласно, а тој почувствува дека го боли тој страшен глас што некогаш го љубеше. Да имаше очи ќе го тргнеше погледот од кутрото семејство. Њут направи чекор кон застрашувачката појава во оклоп од смрт што Арганецот не можеше да ја забележи.

Собравме доволно семе… ќе го продолжиме видот, герсекеру!

Герсекер, титулата што ја добиваат оние кои управуваат со летечките бродови, први меѓу еднаквите, родени за да го освојуваат бесконечното. Само што ова над вас не е никаков герсекер, туку монструм во оклоп што дошол по вашите здивови, така чувствува тој додека низ него минува наивноста на Њут. Го боли таа наивност. Гледа додека рогатото чудовиште ги исправа двете огромни раце кон нив како да ќе им ги здроби нежните глави веднаш.

Јас не сум никаков герсекер!

Сака да викне „немој“, „застани“, сака да употреби минимум од својата моќ со која може да го пеплоса тоа чудовиште, ама не прави ништо, само гледа како два зрака излетуваат од огромните раце во челичен оклоп од туѓи умирања и како тие два зрака се претвораат во бел оган што ги гори живи двете совршени творби. Умираат болно, умираат во кратка и мачна агонија додека телата им се топат, додека сосема не исчезнат. Го боли нивната смрт.

Тие крилја… тие совршени перки… тие прекрасни души…

АвторАлександар Русјаков
2026-04-14T15:26:03+00:00 април 13th, 2026|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 158|