Престани!
Тоа сака да му го каже на проколнатиот глас, тоа посакува да му го испрати без да го изговори, ама силно го боли градот под него, градот што исчезнува во бескрајната врескачка врева на разорувањето. Секое уништено здание, секое убиено тело со крилја, тело со перки, го боли како да му откинуваат парче по парче од телото што го нема.
Ти реков… креацијата има смисла само ако се уништи…
Гласот ужива да го измачува и тој знае дека нема да престане… нема да престане освен ако не го убие, ама како да убие кога љубовта не умее да убива?! Да имаше солзи ќе го изгаснеше огнот на смртта, плачејќи врз него. Затоа бега што подалеку од совршената планета која полека се претвора во страшно сеќавање.
Ја гледа планетата. Прекрасните, магични бои. Совршената убавина што полека се претвора во злокобна лепеза од постојани експлозии и тој знае, чувствува… колку многу го боли таа планета. Само уште неколку пеколни потреси и сè ќе замре, ќе исчезне, ќе се стиши… освен тој рапав и едноличен глас.
Ти реков… ќе ја уништат планетата…
Гледа како некогаш совршените, од љубов извибрирани творби, крилестите Аргани и Птиреите со златножолти перки, полека го уништуваат сето она околу нив, сакајќи да се уништат меѓу себе.
Секогаш на крајот уништуваат…
Проклет да е, проклет да е тој глас, тоа го чувствува. Како што се оддалечува од планетата таа станува темна, речиси црна додека околу неа се движат огромните и моќни летечки станици на двете раси кои до вчера заедно го создаваа тоа што сега здружно го уништуваат. Мали и големи убиствени летала пловат околу него без да го видат, пловат, а потоа исчезнуваат во експлозии откако силните проектили ќе ја погодат својата цел. Моќни раси, моќно оружје, моќна смрт. Го боли нивната моќ.
Ти реков… кога ќе го уништат сопствениот дом, ќе го окупираат небото…
Сега и небото го боли. А проклетиот глас не престанува. Иако само тој може да го чуе, погласен е од апокалиптичната врева во која се уништува сето постоење околу него. До последната љубовна вибрација која наскоро ќе биде уништена. Сака да побегне од тоа бојно поле. И бега, додека гласот го прогонува, ама и бегајќи знае дека она што го снемува, како од него да се кине, како него да го парчосуваат убивајќи се меѓу себе.
Ти реков…
Му рече. Не еднаш, милион пати досега го слушал тој проклет глас. Да имаше очи ќе ги затвореше за да не види како исчезнува сè во смртоносната агонија на деструктивноста. И потоа, останува само бескрајната космичка празна тишина, морбидна тишина, оти тоа е посмртна безгласност што ќе ја понесе со себе во вечноста.
Го боли тишината додека чека да се случи тоа што секогаш се случува. Го гледа огромното чудовиште од проѕирен метал како плови среде вселенското море од тишина меѓу остатоците мртви парчиња војна, тоа речиси проѕирно и моќно чудовиште што Арганите и Птиреите го создадоа за некогаш да го истражуваат со него бескрајот што ги опкружуваше, ама тој знае дека сега во него е само она, скриеното и сопственикот на одвратниот глас, убиствениот глас. Ја познава неговата радост наречена омраза, знае дека сега ќе се покаже за да се поклони пред него.
Платформата на џиновскиот летечки брод полека се отвора. На неа исправен застанува тој, горд на својата џиновска става, со непробојниот оклоп сошиен од туѓи умирања, со црниот, како празнотија без љубов, шлем што му го покрива проклетото лице, а долгите рогови на тој шлем, на чии врвови блескаат мртвите очи на сите проколнати души, како да го распоруваат бескрајот.
Ти реков… брзо ја засакуваат омразата.
Го боли неговата омраза. Околу нив веќе нема ништо. Ниту планета, ниту бојно поле. Само мртвата тишина исполнета со гордоста на рогоглавиот воин во оклоп од мртви сеќавања.
Погледни…
Му се обраќа без да го движи телото.
…ова е мојата креација, моето совршенство.
А потоа само се завртува и исчезнува во зинатата уста на металното чудовиште со кое некогаш Арганите и Птиреите пловеа по бескрајот. Тој исчезна, ама гласот остана да копа тунели полни болка низ него.
Ти реков… никогаш нема да престанам да те барам.
Вистина е. Така рече. И бара, насекаде бара за да уништува. Сега ќе го најде и тоа што е внатре скриено. Проклет да е, проклет!