ПРЕД
Го болат планините.
Го болат реките, шумите и молитвите што ги испеа за никогаш да не го заборават. Не, планините и капките вода низ кои се крши светлината, тие нема да го заборават, вечно ќе ја пеат неговата песна, затоа што таа песна се тие самите.
Го боли песокот, секое зрно песок од светлозелената пустина го боли со различна болка. Неговата болка. Да имаше глава ќе ја завртеше за да не гледа во таа пустина, сега сета исткаена од неговите страдања. Го боли здивот на пустината, смртоносниот здив од стотици илјади грла кои за последен пат ќе го вдишат и ќе го издишат. Здивот на војната.
Го боли војната.
Експлозиите го поцрнеа небото, ниту едно од оние три совршени сонца веќе не се гледа. Да имаше очи, ќе посакаше да си ги извади за да не го гледа посмртниот танц на животната радост, засекогаш уништена од огнените крици на омразата.
Зошто си го прават тоа меѓу себе?
Прашањето на кое го знае одговорот одекнува низ него како плач што Арганите и Птиреите нема да го чујат. Ништо веќе не можат да чујат тие од заглушувачките експлозии на моќното оружје со кое ќе се истребат меѓу себе.
Го болат Арганите, го болат Птиреите. Нивната совршена убавина ќе исчезне среде убиствената прегратка на смртта, насилната смрт што сами за себе ја родија во своите срца. Го болат крилјата на Арганите, секоја капка живот во нив го боли со поинаква силина, тие совршени огромни крилја врз кои одблесоците на трите сонца создаваат музика од бои, го болат тие крилја и телата за кои се држат исполнети со неговата песна на љубовта, го болат исто како што перките на Птиреите му го полнат постоењето со неисплачлива тага, тие златносончеви перки што ја задржуваат на себе топлината дури и во миговите кога нуркаат во најтемните длабочини на морињата.
Да имаше раце и очи, ќе ги покриеше очите со дланките за да не ја гледа бесконечната кланица во која засекогаш ќе исчезнат тие две совршени раси, створени со песните на љубовта и на милоста. Едните, Арганите, за да владеат со небото, а другите, Птиреите, за да владеат со водите, но и едните и другите создадени да се љубат меѓу себе во средето на совршената планета, онаму каде што се пустините, шумите и планините. И живееја заедно милиони години, се љубеа меѓу себе додека љубовта не се престори во завист, а зависта роди омраза и од неа сега гласовите на војната го расфрлаат своето ехо среде битката за конечно истребување.
Го боли ехото, ама нема уши за да оглуви.
Ти реков…
Ужасниот глас одекнува низ него со застрашувачка силина, тој моќен глас наменет само за него, испратен за да му ја засили болката. Знае дека гласот нема да престане, знае дека секој збор ќе го боли како смртта на постоењето околу него, зашто тој глас и криците на војната се едно, соединето, изопачено.
Ти реков, кога ќе почнат да се убиваат…
Гласот продолжува ритмично да му го касапи биствувањето.
…нема да престанат.
И тој почнува да се крева угоре, што подалеку од светлозелената пустина среде која Арганите и Птиреите се уништуваат меѓу себе, што подалеку од таа љубена планета која наскоро ќе исчезне во заглушувачки тресок, искасапена од моќта на оружјето, што подалеку во темнината на огромниот бескрај за да побегне од гласот од кој не се бега, освен ако не одлучи да го уништи неговиот сопственик.
Го боли тој глас.
Арганите и Птиреите не можат да го чујат, но тие и онака наскоро веќе ништо нема да слушаат затоа што истребувајќи се меѓу себе, ќе истребат сè околу себе, бидејќи сега тој глас ги води, иако не го слушаат со ушите, туку уште пострашно, најстрашното од сè – го земаат со срцата. Тој го знае тоа, страшниот глас сега е нивниот господар и затоа бега угоре, што подалеку од уништувачката сила на ужасот.
Ти реков… војната ќе ги направи совршени…
Гласот го следи додека се крева меѓу двете формации моќни летала кои исфрлаат смртоносен оган едни кон други, кои праќаат убиствени зраци удолу, онаму каде што до пред малку се креваа градовите на Арганите и Птиреите што сами ги подигнаа додека се спуштаа од небото, излегуваа од водите, за да се љубат меѓу себе, удолу, каде што наместо градовите сега се креваат огнени јазици и посмртни крици.