Последниот ден на зимата
Денес е недела,
воедно и последниот ден на зимата.
Пред некој ден од терасата
видов расцутена кајсија, на студот.
Сега на ред се сливите.
И сите други родни дрвја.
Утре е пролетната рамноденица
и деновите ќе бидат
подолги од ноќите, дури до септември.
Пролетта сепак дојде,
срамежливо и невидливо, наскоро
сѐ ќе раззелени и ќе има
нови почетоци.
Животот ќе воскресне
како и секоја година,
нов и чудесен, за сите и за сѐ.
Ќе се разбудат и мравките
и мечките,
сите инсекти, птици,
рептили и цицачи.
Сите тревки, дрвја и грмушки.
И ќе ѝ се радуваат на пролетта,
прва или не знам која по ред.
Секое суштество напролет
е барем малку дете.