Одлука
Годините врват и оставаат
траги на телото и душата
човек никогаш не е ист
не е важно каков бил
ниту каков ќе биде
важен е мигот, денот,
сегашноста
која единствено и постои
Сè остава трага:
болестите, здравјето, љубовта,
зависта, траумите, радостите…
за добар читач на лица
се препознаваат во браздите
и мазните делови, по образите,
околу очите и устата…
Жалењето по младоста
е голема мака
и одраз на копнежот по бесмртност
а не треба така
Решен сум да живеам
во мир и согласје
со она
што останало од мене