ПОЧИТУВАНИ ПАТНИЦИ
Болницата – мрежа од ходници
со редовно измивана меморија, сива зона
на средбите и збогувањето, портал
отаде кој календарите веќе не работат.
Влегуваш тивко, одиш на прсти, а горе
е интензивната нега – меѓународен аеродром
со лежечки клиенти.
„Почитувани патници“, се слуша
нечујниот глас на пилотот со
прибрани крилја, „ни претстои полетување.
Ве молам, одврзете ги појасите.“
„Што рече тој?“ прашува
мажот со ампутирана нога.
„Не е за тебе“, одговара
жената во кома.