ПАТОТ ДО ПЕСНАТА
на Анте Поповски
Ти можеше со чудна леснотија
да ги обединиш Орфеј и Исус.
Го слушаше и шепотот на ѕвездите
на твојот и на нашиот совршен јазик.
И можеше во Ерусалим, на гробот на Бога,
заедно со монахот Арсениј Солунски,
да ги видиш трите трски на жените мироносци:
едната гори како свеќа,
другата чади како гламна,
а од третата линеат солзи.
Ти можеше со знаење да дојдеш
до поетска оаза во пустина
и можеше да бидеш толмач
на водениот печат и на градот што тоне.
И пред тебе мнозина се прашуваа,
ама само ти го знаеше одговорот:
уште од младини сонцето,
каменот и маковите ти помогнаа,
те внесоа во милниот наш јазик –
за да го возвишиш во света песна.