Изложба „Трансформации – Flusso – Flux: 1998 – 2025“ на Љупка Делева

/, Галерија, Блесок бр. 157/Изложба „Трансформации – Flusso – Flux: 1998 – 2025“ на Љупка Делева

Изложба „Трансформации – Flusso – Flux: 1998 – 2025“ на Љупка Делева

Д-р Ана Франговска, куратор

По повеќедецениското живеење и творење во Венеција, македонската авторка Љупка Делева го презентира својот најнов проект „Трансформации – Flusso – Flux: 1998 – 2025“, кој има ретроспективен и критички карактер. Изложбата е мултимедијален архив на нејзиниот творечки опус, вклучувајќи фотографии, видеа, перформативни акции, акварели, цртежи, интервенции и други визуелни експерименти. Особено значајно е тоа што голем дел од овие проекти се прикажуваат за прв пат пред домашната публика, отворајќи простор за комплексна визуелна и концептуална анализа на трансформациите во уметничката практика.

Проектот се занимава со трансформација на идентитетот низ призма на транснационалност, хибридност и постмиграциски субјективитет. Идентитетот се артикулира како процес на непрестајно конструирање и реконфигурација, во кој чинот на стекнување ново државјанство функционира како институционализиран акт што влијае врз самоперцепцијата на субјектот – симболички „нов слој“ што ја структурира динамиката на припадност и неприпадност.

Делева ја истражува двојната позиција на современиот мигрантски субјект, кој е истовремено емигрант (од напуштање на татковината) и имигрант (во процес на адаптација во новата културна средина). Оваа дихотомија ја артикулира како критичка оска на постмодерната и постколонијалната субјективност, следејќи концепти на Хоми Баба за in-between space и cultural hybridity, како и идеите на Стјуарт Хол за cultural identity as a constantly evolving process.

Проектот ја претставува миграцијата не само како географско преместување, туку како онтолошка и естетска состојба: идентитетот е во постојан флукс помеѓу културите, социјалните улоги и родовите позиции. Дихотомијата помеѓу „потеклото“ и „новата средина“ ја рефлектира и теоретската дискусија за дијаспорски идентитет (Safran 1991; Clifford 1994), кој ја истражува амбивалентноста на припаѓањето и припадноста, како и продуктивноста на културната хибридност.

Покрај транснационалната димензија, проектот ги истражува и родовите и социјалните аспекти на идентитетот, особено конфликтот помеѓу улогата на граѓанин, нa мајка и на уметник, како и нивната интеракција со постмодерната и постколонијалната рамка на хибриден идентитет. Така, изложбата се движи кон критичка рефлексија на опоненции, константна реконфигурација на субјективноста и визуелното артикулирање на личниот и колективниот процес на идентификација.

Во таа смисла, „Трансформации – Flusso – Flux: 1998 – 2025“ ја артикулира универзалната состојба на современиот мигрантски субјект: флуиден, хибриден, контекстуално конструиран, секогаш во процес на критичка и естетска реинтерпретација, кој се позиционира во меѓупросторот меѓу културите, нациите и социјалните улоги.


Референци:
• Bhabha, H. K. (1994). The Location of Culture. London: Routledge.
• Hall, S. (1990). “Cultural Identity and Diaspora” in Identity: Community, Culture, Difference. London: Lawrence & Wishart.
• Safran, W. (1991). “Diasporas in Modern Societies: Myths of Homeland and Return.” Diaspora: A Journal of Transnational Studies, 1(1), 83–99.
• Clifford, J. (1994). Diasporas. Cultural Anthropology, 9(3), 302–338.
• Said, E. (1993). Culture and Imperialism. New York: Knopf.

АвторЉупка Делева
2025-10-18T22:19:03+00:00 октомври 15th, 2025|Categories: Изложба, Галерија, Блесок бр. 157|