18 II ’89
Пак сум наспан и немамурен! Веројатно зашто пиев само пиво (2-3 вотки) и зашто Мира има добиено, ха, ха, ха! Таа те поздрави сношти. Згора на тоа се извини за плачењето.
Што најмногу ме мачи (јас сум вечно незадоволен тип но ова е премногу) од Susanne сè уште немам писмо, а јас не можам да ѝ се јавам, освен од пошта. Додуша, ѝ пратив едно искрено писмо, па ако и тоа не ја натера да ми пише – тури му пепел. Воопшто не ми е сеедно. Напротив! Сепак, се надевам на сè најубаво, како и секогаш (ха ха ха).
А сега најпрво да ти се заблагодарам на опширната критика што ми помогна да расчистам со некои работи. Твоите песни
Тоа сум јас: На едно место е собрана љубов, болка (овие две работи како секогаш да одат заедно), романтизам (ти, Кети, Скопје, порано), бунт (или неприфаќање на пораз). Мене ми се допаѓа, а ти најубаво можеш да си ја одредиш ритмиката. Уметноста е всушност плукање на сите шаблони и граници. Колку си понов, толку си подобар. Мислам дека Х.М. рече нешто слично. (Глупаво се чувствувам кога во неговите зборови наоѓам мои идеи. Тогаш моите идеи се на некој начин отуѓени од мене.)
Синови на ноќта: Бунтовна, резигнирано даркерска песна (разочараноста во нешто секогаш мора да имплицира импулс за борба и промена), со мала примеса на рок во рефренот. А онаа желба мртва, мртва, мртва ми асоцира на мртви идеали, на разочараност во сегашноста. Баш се сетив на Милеровиот Макс. Отприлика вели: „Секоја генерација го смета времето во кое живее за најлошо можно време. Но светот е отсекогаш груб, посебно кон креативните луѓе“. Препорачувам промена на „… Некој, некој, гласно повикува“ во: некој гласно, гласно повикува. Некој навистина треба ГЛАСНО да повика за да му се слушне гласот во оваа глупава врева наоколу. Извини ако ова ти наликува на солење памет, но знам дека и ти можеш да пишуваш, како и јас, како и секој друг на овој свет што има мадиња да каже сè што мисли. И Бодлер бил плукан и жигосуван како морален декадент, па сепак направил многу нешта. Можев да земам многу други како пример, сеедно.
Остани ми поздравен и јак и немој да бидеш пасивен.
П.С. Ебено е Скопјево.