Ебено Скопје, 16 II ’89
Здраво братко!
Денес сум конечно малку наспан и немамурен па си го мрднав газот и еве ме. Овој пат ќе испадне многу. Овде е хаос, малку различен од порано.
Овие денови до рака ми дојде „Антихристот“ од Ниче. Ми текна на оние времиња кога просто се дрогиравме со такви работи. Мислевме дека сме го фатиле Господа за мадињата и дека сме во пичку мајчину паметни. Ех, тогаш беше поубаво, нели? Доволно ни беше да имаме пари за пиво и цигари, за друго не размислуваме. Животот ни беше ебена шема но тогаш мислевме како да побегнеме од часови и како да поминеме со некои шугави оценки што ретко беа одраз на нашето вистинско знаење, само за да фатиме некој уште пошугав услов. Е арно ама, сега сме попаметни и сè и сешто ни пречи. Почнувајќи од оваа уште поебена шема, па сè до политичариве и нивното животно дело – инфлацијата! Јеби га, те ебе кој стигне. Кога сме веќе кај ебењето, јас сум деликвент за Црквата. Таа дозволува секс само во брак еден и пол пат месечно или некое слично срање. Ма, ме боли кур за тие цркви. Не зашто сум антихрист (иако се сложувам со Ниче за прашањето на сомилоста), туку зашто денес читав некој православен календар итн. Пости и слави. Да го ебам, па јас сум поголем верник од сите попови и сè (сл. срања) заедно: Постам речиси секоја вечер, а кога имам пари правам Славје!
Славје! Колку тоа богато звучи! Славевме и во Ровињ, пред неколку години. Бевме седморица и една гитара. Веројатно поради таа гитара, парталавите фармерки и долгите коси нè гледаа како да сме паднати од дрво. Главата ја давам ако вака не мислеа: „Мајката! Југословенските возови доцнат, но нивниот доцни седум-осум години!“. Е сега, преведи ја реченицава на неколку јазици; сепак тоа е интернационална мисла, ха, ха! Долгите коси и искинатите фармерки се денес во мода, а пред три-четири години не беа. Ова е уште еден доказ дека сè се враќа а за плаќањето се знае одамна. Камо среќа политичариве да дочекаат мала пензија и да стојат во ред за црн леб во 4:30 наутро.
Кампот го најдовме бргу, шаторите ги поставивме уште побргу. Тукушто започнавме да уживаме во летниот распуст – почна да врне! Врнеше четириесетина часови без прекин. Почнав да помислувам на дедо Ное… Дождот престана бргу како што почна. Едвај се подзасушивме, ете ти некоја инспекција. Санитарна, мислам. Сакаа да нè казнат, но ние ветивме дека ќе бидеме добри деца. Потоа доаѓаа на секои два-три дена, а бидејќи шаторите ни беа на едно мало брдо во таа Панонска Низина од камп, ние бевме добри деца. Интересно беше што кампот, со улица, беше поделен на Источен и Западен дел. Колку е нашава земја против блоковските поделби, тоа е чудо едно! Нормално, во Западниот дел имаше дискотеки, самопослуги и тушеви. Недостасуваше само да ни бараат пасоши при преминувањето на улицата. Но, сепак си поминавме фино, посебно јас.
Што има интересно:
Зборував со Susanne: „…Сега ќе те замолам нешто. Ако ме одбиеш, ќе ти затворам и никогаш повеќе нема да ти прозборам. Кажи ми колку чини картата до Копенхаген, да ти пратам пари, да дојдеш!“. Јас – молк! Што би можел да ѝ кажам? Ѝ спомнав дека е тоа подла уцена, а таа се прави луда – „не слуша добро“. „Добро, прати ми карта, не пари.“ Тоа сепак ќе беше премногу за мене. „Ќе дојдам утре!“ „Не – вели таа – дојди во март, тогаш сум на распуст.“ „Кој март? 17? ОК!“ Те сакам Susanne!
Сега ќе престанам. Допишување.