Игор Исаковски – ПИСМА

/, Литература, Блесок бр. 157/Игор Исаковски – ПИСМА

Игор Исаковски – ПИСМА

Книжевна младина на Македонија
Скопје, 1991

 

Пула (again)
03 II 1989

            Здраво брате!

Еве, некако глупо испадна на крајот, не се видовме, но нема врска. Сега сум и онака овде, а за повторно видување ништо не се знае. Барем два-три месеци нема да се видиме. Немој да ми забележиш ако писмово го пишувам неколку денови, бидејќи сакам да ти пишам поопширно (како што сакаш ти), а сакам да се обидам да напишам нешто и за твоите раскази, па ако сакаш наречи го тоа критика. Најмногу ми се допадна „Зборувам“, а некако најмногу наликува на вистински расказ „Жега“. Но, во „Зборувам“ има нешто повеќе, некако е реален, вистинит. Има во него нешто реално, баш онака како што е, „за жал“. Расказот го прифаќам потполно, а само со една работа не се сложувам. Пишуваш: „ …И којзнае колку луѓе по мене, како и многу други пред мене, ќе бидат згазени од вас – Слепото и Бесно Стадо на Ништо…“. Па, јас на ова би рекол нешто. Постои едно старо, многу едноставно и корисно сознание – сè се може ако се сака. Секој што сака да успее во нешто, ќе успее. Без оглед на околината, светот, луѓето. Како што те знам јас тебе (многу добро, мислам) ти сакаш да успееш. Па, патот си го отвораш сам, само напред. Знаеш, Robert Smith (The Cure) sings: “Go on, go on, just walk away, go on go on, your choice is made, go on, go on, and disappear, go on, go on and wait for me…”

Добро сега, песната е љубовна но може и поинаку да се протолкува. И… е па сега… не мора баш она „Wait for me“. Не верувам дека тој „me“ сум јас, знаеш дека сум пасивна личност, а посебно за пишување не ме бива. Но, одиме понатаму. Од „Зборувам“ посебно издвоив две реченици кои се резултат на твоето „бунтовно-заљубено срце“, а јас би рекол дека се резултат на единствената и вистинска школа на животот – улицата. Сакам да кажам дека по различни патишта сме дошле до исти заклучоци, а тоа се:

  1. „Како да чекаат промената да им падне од небото или да им изникне од земјата“ – 100% ОК и
  2. „вечно ќе живеете со своите проѕирни идеи, подлегнати на измислените потреби“. На „проѕирните идеи“ и „измислените потреби“ можат да се додадат уште милион други работи, но поради ефектност на реченицата од нив нема потреба – 99% ОК.

Што се однесува до „Жега“, може да се каже дека е на некој начин класичен бунтовен расказ, приказна која сама по себе зборува за една изгубена генерација што ѝ припаѓа на сегашноста. Мислам дека стилот ти е малку пренагласен; го употребуваш за да нагласиш некои поединости. Имаш добар стил, но не може да се каже дека е изграден. Далеку од тоа. Никој нема докрај изграден стил, тој секогаш се доградува. Но, тој стил може да те одведе во ќор-сокак. Сакам да ти кажам нагласените работи да ги пишуваш поедноставно. Со тоа, тие самите „ќе излезат од анонимноста“ па ќе се добие во динамичност на случките, а читателот ќе се доближи до расказот. (За нешто повеќе е сè уште рано, нели?) Инаку, како што викаат „крајот делото го краси“, крајот е права круна; „…“. Ми делува мистериозно, дури и даркерски – крв, многу крв, безброј удари, дожд, смрт… Кома.

За неименуваниот не би знаел ништо повеќе да кажам, освен тоа дека е сликовит и… чуден, би рекол.

Е сега, „Зборував“ ми е некако „трн во око“. Не дека не ми се допаѓа или дека не го разбирам, но целиот расказ е симболичен (некако расфрлан, па може различно да се разбере и протолкува). И тука би ти обрнал внимание на стилот, премногу фрази (што би рекла Арсова „бомбасти“, ха, ха). Се гледа дека веќе си тргнал во некој ќор-сокак, но и премногу сме паметни и вешти за да заглавиме во нешто такво. Ние сме вонсериски, своеглави, генијалци, сами за себе и штета би било да пропаднеме бескорионо. Затоа брате – пишувај! Учи се на своите и туѓите грешки и секогаш труди се да бидеш уште подобар. Јас верувам во тебе. А за да не помислиш дека сум тотално незаинтересиран за пишување, ти ја праќам мојата трета песна. Имам и музика и мене ми е супер. Но знам дека само јас можам да ја сфатам целосно. Тоа е мојот проблем, не можам да се изразувам слободно. Но, еве ја па пресуди самиот: „…“

А мојата прва песна ја има само во мојата глава и не верувам дека воопшто ќе излезе надвор. А ако се случи да излезе… тоа ќе биде нешто големо, барем големо за мене… И ете, јас писмово го начкртав за еден ден. Со друго не би те давел, знаеш: војска, досадно, монотоно. Имам награден излез како добар телеграфист, ама сè уште не ми се оди во град. До денес бевме во приправност заради седнициве, но се надевам дека сè ќе биде океј. Уште војна или слично ми фали! Барем тоа не сум заслужил. Ајде допишување.

Жани

2025-10-18T22:18:43+00:00 октомври 15th, 2025|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 157|