Мачките на Алеп
Мачките на Алеп се оглушија една по една
И се оглушуваат во секој нов ден
Од експлозиите што ги наоѓаа во дувлата
Додека сонуваа за шарените клопчиња
Истурени преку тафтениот тепих
Секогаш кога ќе оглуват
Домашните им бегаат со бовча на рамото
Им останува само сетилото за мирис
И очите кои не сакаат да ги видат дувлата
И патиштата до фрлените празни конзерви
На војниците кои зборуваат јазици што тие не ги разбираат
Како што не ги разбираат јазиците на конзервите
Арапски, руски, англиски, повторно арапски…
Алеп, оваа руина од конзерви и шрапнели
Руина на живи јазици на мртовци
Мачките на Алеп не дека не знаат да зборуваат
Да бараат леб, да бараат да бидат косовски мачки
Но тие оглувеле
Не го слушаат нивниот плач
Камо да ги слушаат
Странците
Кои таму бурно доаѓаат и си заминуваат
Им преостанува да талкаат по урнатините како сенки
Да одат по сенките на Алеп на УНЕСКО
По шадрваните кои не се шадрвани
Плоштадите кои веќе не се плоштади
Ни патиштата веќе не се патишта
Ни џамиите веќе не се џамии
Муезините побегнаа оглувени
Не го слушаш повеќе нивниот глас
Вревата ли ги оглуви
Онаа врева што им ги расипа дувлата
Се слушаат само шепоти, разговори, песни и пцовки
Од сите светски јазици
Како во кулата Вавилонска
Јазици кои ги оглушија мачките на Алеп
Им остана само инстинктот за преживување
И за да најдат некое дувло за дремка
Кога ноќта се протега и ги покрива како ѕвездено небо
Небо на кое му го нарушуваат редот нештата што личат на ѕвезди
А тоа се сателити, воени авиони или заборавени светулки
Мачките на Алеп кои можеби изгледаат и како деца
Се случува да се будат и на некој столб
Кој некогаш бил археолошки музеј
Од каде се појавува самракот на Алеп
Оваа сепија од прашина на мртва надеж
Овој крик што светот не го слуша
Се будат радосни што повторно слушаат
Убедени дека нивното мјаукање ќе го слушнат војниците
оџите, хуманитарците, лекарите и магнатите…
Тоа им трае колку сон на пеперутка
Колку траекторијата на граната до нивното дувло
Мачките на Алепо се оглушуваат една по една
Некои од експлозиите
Другите од молкот…