Црно чекање
додека те барам
низ лошиот час
и се молам да не те стигне громот
зелени змии чекаат со отворени усти
зад првата грмушка
натоварена со ужас
знаат дека те чекам
со талисманот што го чувам
за тебе
затоа чекаат во заседа
за да ја попречат убавината
што ја нуди ерос
а ти бегаш од мене
со торба полна со црни зрна од оникс
оставајќи тешка сенка
зад себе
по изгазената трева
ги наоѓам симболите
кои се траги од моите маки
качувајќи се по нагорнината
на голгота
да стигнам
до тебе