ДОМЕ, СЛАДОК ДОМЕ (извадок од романот Сѐ уште можам нешто да сторам, 2023, Или-или)

/, Литература, Блесок бр. 155/ДОМЕ, СЛАДОК ДОМЕ (извадок од романот Сѐ уште можам нешто да сторам, 2023, Или-или)

ДОМЕ, СЛАДОК ДОМЕ (извадок од романот Сѐ уште можам нешто да сторам, 2023, Или-или)

***

Го качив мојот труп на спалната, се пикнав под тенката покривка целиот сосе главата и го пуштив мојот очај во перницата да јачи во придушен плач.

Ми се врати сликата со крвта на нејот и задоволството од предноста што ја добивав во ситуацијата, но сега веќе бев посвесен откако ме удри реалноста директно по глава и откако загубив сѐ што ми беше неопходно да живеам. Нема за мене повеќе живот ако засекогаш ме напушти дарот со чистото срце да создавам исто толку чиста мисла. Ми се редеше наездата од прашања што се појавуваа само за да ме вратат кон здравиот разум и да ми ги отворат очите да видам колку сум осиромашил и колку навистина сум имал без да знам. Кога ме надвладеаја злите духови и ги повикав ли самиот, јас, проклетникот, кога го кудев животот што го имав и раката што ми дава, а јас сит се жалам на глад? Кога го изгубив Бога и кога се одделив од патот по кој дедо ми ме учеше да одам?

Скриен во темнината од покривката, го молев дедо ми да ми се јави, само уште еднаш, само за да му кажам дека сега знам подобро и дека никогаш нема толку да застранам. Само да го молам за прошка и да ја врати вербата во мене, да ми ја врати и мене вербата дека ќе можам да правам онака како што тој ми покажуваше и дека ќе можам одново да го замислувам животот убав. Сега околу мене сосе сѐ во мене беше во целосен распад, безмилосни урагани што демолираат, сите водени од најголемото зло со темна наметка и железни трепки што се спуштаат до земјата – сега е мигот кога ми е најпотребна неговата рака или неговиот збор за кој ќе се фатам во последен копнеж за спас.

Помислувајќи дека сите неколкупати, вклучувајќи го и овој, последниот, кога ми се јавил за да го зацврсти тлото на земјата на која чекорам, биле во соништата мои, онака како што јас на Марко му се јавував, зедов два апчиња и речиси веднаш ја почувствував брзината со која сѐ што околу мене во реалноста постоеше, почнуваше да ме напушта и со последното откинување на нежните мириси од перницата, се најдов себеси како стојам од другата страна.

Стоев таму со свест на договорена средба и стоев пред прагот од семејната куќа каде што не знаев дали од внатре или од патеката во дворот, тој во секој миг ќе се појави и ќе го видам. И така и бидна: се отвори големата дрвена врата и ја откри неговата снажна висока фигура што веднаш ме обви во чувства од кои целото тело ми мекнееше како во мајчина прегратка, како враќање во најбезбедното место од сите времиња што ги изживеав. Не беше лут и црвен како пред малку, но беше далечен и туѓ, како да прима човек што му го нарушил моменталниот раат.

Повторував во восклик дека толку многу ми е потребна неговата насока.

Но, тој молчеше со израз како да се колеба дали воопшто да ме пушти да го преминам семејниот праг.

Збунето го гледав и го прашував, а неговото лице се топеше во разочарување и став кој осудува. Најпосле се потргна за да влезам, а јас несигурно зачекорив низ куќата до столчето на трпезариската маса каде што седнав.

Тој не седна, ме гледаше од високо и со тежина во гласот почна. Не сум можел ни да замислам колку сум го разочарал. Тој, просто, не ме воспитувал за вака да дивеам. Како сум можел да го употребам сето што тој ме научил за да наштетам? И тоа, кому да наштетувам?

Но… се обидов да објаснам дека јас бев исполнет…

Тој строго продолжи дека нема но, нема оправдување за таква омраза кон сопствен брат! Па уште близнак! И кон никого нема оправдание таква омраза.

Јас, почнувајќи да станувам свесен за слабоста на моите зборови, му велев дека баш затоа, баш така почна: со тоа што дојде тој, а јас почнав да исчезнувам…

Но, тој ме прекина и ми рече дека било доста! Јас сум бил возрасен човек и сега, како што е редот, има да си ја преземам одговорноста. За мене, слики што можат да се остваруваат повеќе нема! И што сум мислел, ако воопшто нешто сум мислел, та нели една од првите работи што ми ги кажал и токму една од последните пред да издише засекогаш било дека замислувајќи ги работите што сакам да станат реалност никому не смеам да наштетувам. Неговото лице беше во солзи кога го рече тоа и кога додаде дека мојот роден брат, на мојот брат сум ја посакал крвта.

Но, јас не ја посакав крвта, јас сакав само да му го растурам настапот и да го тргнам од сцената и да си го заземам местото што ми припаѓа, јас сакав само да не исчезнувам. Искажувајќи го тоа, пред ликот на човекот што го создаде тоа што можев да го наречам Јас, ја чувствував баналноста на сопствените зборови и немоќта, очајот што ме турнале во темните лавиринти на злото. Дедо ми без да изрече на глас, сепак, ми го кажуваше тоа. И не знам што ме болеше повеќе – тоа што ги изгубив сите дарови кои ги добив во наследство или тоа што мојот светец го разочарав.

Клекнав пред неговите нозе да го молам за прошка, но тој, молкум, без да ме сослуша докрај, исчезна. Впрочем, немаше ни што повеќе да кажам освен да се повторувам – дека сум слабак што изгуби сѐ и се изгуби неповратно сам и дека можам само да молам за прошка.

Но, пред мене веќе немаше никој, ја немаше раката што требаше да ме погали, да ме сочува и да ми даде надеж и насока, ја немаше ниту собата, ни семејната куќа, а наместо сето тоа, го чувствував одново мирисот на свежо испраната навлака од перницата.

АвторФросина Пармаковска
2025-02-11T19:02:41+00:00 февруари 8th, 2025|Categories: Поезија, Литература, Блесок бр. 155|