На скалите меѓу трети и четврти светлото автоматски се изгаси и застанавме еден до друг во темницата. Тој се сврте кон мене, а јас кон него и тој не можеше, но јас го гледав. Насмевката не му беше тука, а тоа ме наведуваше да мислам дека чувствува неугодност или можеби, страв. Јас пливав во новите чувства на моќ и не брзав да ја прекинам таа, безмалку, несекојдневна ситуација.
Ме праша дали имам мобилен.
Му одговорив дека немам.
Да оди тој или ќе одам јас да запалам?
Му реков дека ќе одам јас, но да почека само миг. Го прашав дали има сонувано ваква темнина.
Рече дека не памети, можеби некогаш, но не може да знае за сигурност.
Таквите соништа не можат да се заборават.
Молчеше.
Отидов до четврти да го запалам светлото и го почекав. Му ја избркав збунетоста од лицето со тоа што му реков дека, просто, сум бил љубопитен затоа што сум чул дека близнаците може да имаат слични соништа.
Тој си дојде на себе враќајќи ја насмевката што тогаш одбив да ја гледам и со сочувство ми рече дека мора многу да се страшни тие соништа.
Му одговорив дека не се воопшто ако знаеш точно каде стоиш и ако можеш да гледаш.
Влеговме дома. Дневната беше празна. Пина имаше оставено порака дека отишла да се сретне со некоја жена за нарачка. Му реков на брат ми дека ќе го оставам малку да одмара.
Пред да го напуштам просторот што го имаше окупирано, го кренав нејот и ја избришав полека крвта со тоалетна хартија натопена со многу малку вода.
За крај му реков дека можеби е најдобро да му го врати на пријателот зашто треба да внимава на повредата.
ВРАЌАЊЕ ВО РЕАЛНОСТА
Влегов во спалната соба со слаткиот вкус на малата победа од првата борба до целта што веќе можев да видам како се остварува: како мојот часовник почнува одново да чука, а самиот јас и мојата појава силно се исцртува во сиот простор каде што ќе зачекорам и во целата реалност чиј центар бев јас.
Но… се случи одеднаш катастрофата што сѐ ќе престори во разлутени виори од ужас… беше тоа мигот што ги збриша, како најлутата природна непогода, сите мои заблуди што маршираа низ мене со своите страшни чекори кои имаа тргнато да војуваат.
Се случи кога во момент на умор од слатките наслади од враќањето на мојата личност, задремав седејќи на подот, потпрен на малата табуретка и го видов сосем накратко ликот на мојот дедо како што никогаш не сум го видел досега и кој, самиот, не ми доаѓаше туку-така во сонот освен ако не постои некаква многу важна работа. Неговото лице беше луто и црвено, вените на неговиот врат јасно се гледаа, а гласот, исто толку изменет од лутината, ми рече дека не ме одгледал така, не ме одгледал за да бидам тоа. Сум заборавил ли сѐ за чистото срце и сите добри работи што сум можел да ги направам? Рече дека штом сум заборавил, подобро натаму и ништо да не правам, ништо да не можам да направам. На крај рече дека меѓу можноста цели светови да создавам сум одбрал, не ништожноста, туку злото силно колку самата смрт сум го одбрал и исчезна.
Се штрекнав рипнувајќи од подот со срцебиење што уште можев јасно да си го чујам. Не се разбудив само од малиот сон што можеби не траеше подолго од една минута, туку се разбудив во реалноста во којашто можев да гледам чисто, да видам сѐ што се случи и мојата пропаст сосем јасно можев да ја видам.
Сѐ што сакав да направам, сѐ во кое сиот се вложив со целиот мој животен елан, сите добри дела што требаше да ја означуваат среќата што некому сум му ја создал и што, најпосле, ќе ме одведеа до мојата среќа – сето тоа исчезна затоа што немаше ни трага од тоа во сегашноста и во реалноста од која толку неповратно се откинав. Јас, проклетникот, пораснав и седум илјади денови потрошив и ништо значајно не направив.
Стоев избезумено со очите вкопани во засушениот бамбус што стоеше веднаш до прозорецот и, со заблуденост на месечар што ги побркал сонот со денот, пробав да го замислам кутрото растение како оздравува и раззеленува, но никако не успевав! Тогаш го видов мојот крај пред мене и светот мој што заедно со мене пропаѓа…
***
Молк и очај. Воздишки што се гасат. Пропаст, нека ме земе побрзо и нека ме преклопи со својата наметка еднаш засекогаш. Нека…
Вратата нежно се отвори и се појави Пина која пред да ме здогледа ничкосан на подот, имаше насмевка со најубав сјај.
Ја замолив да излезе, да ме остави сам.
Таа, напротив, седна покрај мене, ми го исправи трупот и ме потпре на спалната.
Ја преколнував само да отиде, барем на еден час.
Но, таа почна да плаче и да ми поставува прашања кои ги одмолчував зашто нивните одговори не умеев ниту да ги наслутам: Зошто ја оттргнувам и зошто се дистанцирам? Зошто не сакам да ја делам со неа мојата тага? Зошто, свесно, веќе некое време ја исклучувам? Зошто сум сѐ понедостапен и зошто сѐ помалку се смеам?
Продолжував да молчам, а во себе сите корени од животот ми се откорнуваа. Па одново ја преколнував да ме послуша, само еднаш, само сега.
Зошто никогаш откако почина Марко не ѝ зборувам за мојата болка? Зошто откако дошол брат ми сум се променил, како да не ми е важна и како, кога ќе имаме дете, ќе го делиме нашиот живот, како ќе ги решаваме предизвиците што ќе се појавуваат? Како ако вака ја исклучувам? И тогаш ли ќе ја терам да излегува? Како, воопшто, можам да го побарам од неа тоа? Како може да замислам дека таа би ме оставила тука, во таква состојба? И, како би ѝ било нејзе, кога ѝ значам цел еден свет и повеќе, би можела за мене и животот да го даде, зарем не ми е жал ниту малку за неа?
Замолчев сосем, без преколнувања да ме остави, без никаков поглед во очите, надевајќи се дека ќе се навреди што не ѝ одговорам на толку значајни прашања и ќе излезе, но таа уште беше тука.
Тогаш позајмив само малку од неодамнешната смиреност само за да си ја постигнам целта и да бидам оставен сам, ѝ реков дека сум добро и дека е моментално, од посетата на Марко и целата работа со крвта на раната на брат ми ме вознемирила.
Ме гледаше сомнежливо в очи некое време, но и од нив го испуштив спокојот што толку извежбав да го одглумам и ѝ кажав дека само сакам да заспијам, да одморам.
Конечно успеав и таа ме гушна некако мајчински и, потпирајќи ја мојата глава на нејзините гради, ми велеше дека сѐ ќе биде во ред, дека ќе смислиме нешто и ќе направиме одново сѐ што треба. Таа е тука, ќе биде сѐ во ред, да не се грижам.
Ме бакна во челото и ми рече да одморам убаво и кога ќе се разбудам да ја викнам, таа ќе била во собата за работа.