ДОМЕ, СЛАДОК ДОМЕ (извадок од романот Сѐ уште можам нешто да сторам, 2023, Или-или)

/, Литература, Блесок бр. 155/ДОМЕ, СЛАДОК ДОМЕ (извадок од романот Сѐ уште можам нешто да сторам, 2023, Или-или)

ДОМЕ, СЛАДОК ДОМЕ (извадок од романот Сѐ уште можам нешто да сторам, 2023, Или-или)

Ја испушив целата цигара набрзина и ја изгаснав пред нивните очи кои сметаа дека се однесувам чудно, но не можеа да ми речат ништо затоа што јас сум дома и тие се кај мене дома. Кога Пина го принесе кафето пред мене, ја повлеков нежно да седне до мене и ја положив раката околу нејзината половина, а таа ме бакна в образ. Го гледав брат ми в очи, заборавајќи накусо на Денко, покажувајќи му ја на моето лице токму неговата разбирачка, смирувачка и иритирачка насмевка, секогаш до пола и секогаш лишена од вистинска и силно изразена со глас, смеа.

Го прашав дали е тоа кавал, погледнувајќи накај инструментот положен покрај фотелјата.

Не било кавал, било неј, карактеристичен само за турската и персиската музика.

Кај го нашол?

Му го позајмил некој пријател од Чаршија.

А конците на малиот прст, нели му пречат кога свири?

Практично, во самото свирење доста малку го користел и онака тој прст, но му било тешко што сега морал да го држи цело време сосем исправен и постојано да внимава на тоа.

Тогаш му реков да свири, сакам да го слушам и чувствував моќ како да му заповедам да изведува точка само поради моја лична забава.

Тој, кажувајќи дека ќе му претставува задоволство, веднаш стана, зазеде значаен став и почна.

 

***

 

Во мигот кога тој почна, се случи нешто на кое најмалку бев подготвен и кое воопшто не го очекував. Цела просторија беше преплавена со најубавата мелодија, толку нежна и толку свилена, како да ќе се скрши на секоја воздишка, како да треба многу малку за да згасне и да се стопи со тишината. Но, не го правеше тоа, туку почнуваше одново, се зголемуваше нејзината снага дотолку што можеше да им дава насоки на предметите и да ги храни гладните животни на улиците кои, како опиени танцуваа и ја возвишуваа. И не застануваше таму, туку продолжуваше да се засилува за да ги влече вагоните од возот што кога го видов, си ги почувствував солзите кои ги задржував во очите – таму, крај прозорецот можев да гледам наназад, но наместо предели, гледав мината и луѓе и нашите спомени јасно пред себе ги гледав. Ми мавтаа од нивната непозната земја и ми се насмевнуваа со ангелска чистота. Најдолго ги видов дедо ми и Марко кои имаа на нивните лица некаква младост и провидност која не е карактеристична за луѓето што живеат. И имаа очи со кои можеа да се изразуваат, да ми речат дека тие се тука за да ме потсетат колку е убав животот и колку треба да му се восхитувам.

На последната од сликите што ги гледав во возот наназад, веќе стигнувавме кон сегашноста и го видов мојот брат и неговата појава се соедини со таа што ја гледав пред мене, од реалноста. Во шокот од сѐ што ми надојде, почувствував љубов додека гледав како ги поткрева веѓите потчинувајќи ѝ се на прекрасната мелодија и кога ја сетив врелината на сопствените солзи, без да ме види никој ги избришав и се исплашив – ова мора да е некаква хипноза или друга ѓаволштина што крие дека знае да ја практикува! Сигурно на тој начин ми се прикрадува и во соништата, веќе нема никаков сомнеж за тоа!

Тогаш ми се врати крвта низ вените, заедно со потсетувањето зошто дојдов во дневната соба – се сетив дека не сум ни во минатото, ни во пределите до кои обично немам пристап и околу мене ги нема луѓето кои до пред малку можев да ги видам. Си дојдов на себе додека тој уште свиреше, а за Пина и Денко ништо друго не постоеше и ништо не можеа да видат.

Замижав доволно долго за да замислам, да ја видам пред себе сликата, целиот настан што сакам да го предизвикам, со сите мали детали во центарот и во позадината. Низ мене вриеше возбуда како што никогаш претходно не сум почувствувал зашто никогаш претходно ништо слично не сум изведувал и тоа ми ја зацврстуваше храброста да продолжам додека не истерам до самиот крај. Уште мижејќи, но цврсто држејќи ја сликата во главата, ги отворив очите и ја пуштив да ме напушти мене, а да се всели таму, во реалноста.

И веднаш штом ја поткренав главата: тоа се случи, исто така како што го замислував! Малиот прст заборави дека неговата улога е само да стои исправено без никаква функција и, одеднаш, следен од еуфоријата на останатите деветмина, го направи тоа што никако не смееше ниту да го замисли и нагло се свитка. Конците од раната пукнаа заедно одеднаш, ослободувајќи ја крвта што прсна по кавалот, пардон, по нејот, а и околу по паркетот сѐ до ѕидот во позадина.

Пина и Денко веднаш скокнаа, а исто постапив и јас зашто никако не смеев сега да ја откријам намерата за мојата борба која ќе треба да ја војувам на подолга патека, а не импулсивно и одеднаш и која е единствениот начин на кој ќе се спротивставам за да не исчезнам. Ја покривме раната која не беше воопшто сериозна како што се создаде впечаток со прскањето на крвта, а брат ми нѐ успокојуваше дека не е тоа ништо, всушност, било негова вина зашто докторката му рекла да мирува и да го држи во исправена позиција тие десет дена додека не му ги извадат конците кога раната ќе биде сосем зарасната.

Денко го однесе во болницата каде што пред три дена го шиеја, а нормално, отидов и јас за да го дадам мојот привид од поддршка што никако не смее сега да се открие, но ќе дојде набргу моментот кога ќе се крене завесата и ќе се види сѐ со полна јаснотија.

Таму завршивме брзо и, фала Богу, немаше некакви проблеми освен укори од докторот на смена што не ги следел препораките и што воопшто го извадил самиот на своја рака завојот што требало да му го држи прстот во исправена позиција. Но, бидејќи тоа беше приватна болница, укорите имаа благ призвук, придружени со убедувањата дека тие се секогаш таму за пациентот и да не се двоуми да дојде повторно, кога било, доколку има потреба.

Денко нѐ остави на паркингот пред зграда и ни рече да испланираме нешто за викендот, може и да ги видиме Лео и Јана. Јас и брат ми, откако сфативме дека лифтот не доаѓа, тргнавме пешки до четвртиот кат.

Го прашав дали е добро.

Рече дека е супер, само малку посрамен што ни ја расипал вечерта.

И пак ми се појавуваше вознемиреност во стомакот што се превртуваше на сите тие куртоазни искази како дека му е задоволство да свири, дека се плаши да не нѐ вознемирува, дека е посрамен што ни ја расипал вечерта. Но, повторно воздивнав и ги уништив сите немири што може да ме однесат на точката на која не смеам сега да се вратам.

АвторФросина Пармаковска
2025-02-11T19:02:41+00:00 февруари 8th, 2025|Categories: Поезија, Литература, Блесок бр. 155|