ДОМЕ, СЛАДОК ДОМЕ (извадок од романот Сѐ уште можам нешто да сторам, 2023, Или-или)

/, Литература, Блесок бр. 155/ДОМЕ, СЛАДОК ДОМЕ (извадок од романот Сѐ уште можам нешто да сторам, 2023, Или-или)

ДОМЕ, СЛАДОК ДОМЕ (извадок од романот Сѐ уште можам нешто да сторам, 2023, Или-или)

Мојот чекор по патот накај дома се разликуваше од тој кога кај Марко доаѓав, но се обидував да се охрабрувам од неговите зборови и, општо, да ја земам неговата перспектива која освен иронија со добра намера, нудеше и извесна доза на ведрина, особено во тоа дека јас сѐ уште не сум сосем исчезнат и, за разлика од него, јас сѐ уште можам нешто да сторам.

Едниот повик беше од братучед ми Денко и еден од Пина – ги одложив и двата. Се качив во автобусот што ме остави на два километри од дома, па кога излегов на станицата, продолжив покрај широкиот булевар со намера да ги испушам неколкуте цигари што ми останаа. Чекорев бавно и ослободено, ѕверев во излозите од приземјето на луксузната станбено-деловна зграда, го галев мачорот што излезе пред мене и го занимавав до блиската продавница каде што влегов накусо да му купам мачешка храна во мала кесичка, играв уште малку со него додека не се умори и заспа, па конечно стигнав до мојата зграда каде што седнав уште малку на клупата под сенка, се чув со Јана и веќе немав што да правам со себе, освен да влезам дома.

Дома влегов тивко зашто сакав, доколку нема никој в дневна, да се искрадам тивко директно по ходникот во спалната, но таму упаднав во ситуација која, да не бев сосем шокиран, ќе ја земев за  комична или, во најмала рака невообичаена. Пина и Денко седеа на каучот во дневната, а брат ми, застанат на еден метар пред нив, покрај масата, свиреше на нешто што ми изгледаше и звучеше како кавал. Тие го гледаа со насмевката што помислував дека е инфицирачка, но збогатена со сјај во очите од восхитот што им се разлеваше по целите лица кои во игрива веселост го следеа секое ситно и благо движење од главата и телото на овој полн со ведра леснотија, изведувач.

Можеби сето тоа успеав да го видам во една секунда, а можеби долго сум стоел покрај плакарот за чевли кога најпосле ме виде тој, мојот брат, а по него се свртеа и останатите двајца кои како да се вратија во реалноста од некој егзотичен свет што, секако, им бил поубав.

Денко веднаш рипна од каучот и тргна кон мене, срдечно ме поздрави кажувајќи ми, со извесен укор во гласот, дека ме барал. Пина му се придружи, но го направи тоа со смеа, па не морав да давам некакви изговори и објаснувања. Брат ми, како да му одам дома, ми рече да седнам, да им се придружам, но јас го направив мојот уморен израз, велејќи им дека многу сум испешачил на враќање и сакам малку да легнам, а него му намигнав во гест што требаше да го потсети на муабетот за осамата. И сите тројца, како и тоа да беше навистина инфицирачки, го прифатија моето повлекување со истиот толку здодевно протоколарен став на разбирање и кимнување со главата, но и извесно сожалување што ми создаваше гнев кој едвај успевав да го контролирам.

 

***

 

Влегов во спалната ослободувајќи ги сите шилци што ми се имаа закачено на телото и ги видов облаците од мисли околу мене што се згуснуваа во обрач кој сѐ повеќе се стеснуваше околу мене за да ме згмечи, оставајќи ме без ниту најмала можност да вдишам. Го видов во едниот најсветол облак Марко кој ми се мрштеше осудувајќи ја слабоста од која никако не можев да се ослободам, но набргу почна да го снемува оставајќи ме сам во сликите што ги гледав без да ги повикувам и кои никако не можев да ги протолкувам зашто нивната содржина беше темна и нејасна.

Конечно, во едниот облак ја видов чашата која беше полна до самиот врв на кој се наѕираше меурот од вода што ќе пукне во секој миг отсега и, поплавувајќи ја секоја останата надеж дека може нешто да се спаси, ќе ме земе мене, давеникот, во својата прегратка.

Гледајќи го сето тоа, одеднаш во мене тивко и срамежливо, но сепак изненадувачки живо, изнурка на површина гневот кој толку многу го потиснував, па ги забодев одново шилците во мојата кожа и ги растерав облаците од мисли што ме притискаа затоа што ми требаше целата болка и сиот јад ми беше потребен да го чувствувам за да можам да се борам. Ова е мојот дом и мојот живот, и ако исчезнам, тоа ќе биде единствено затоа што јас самиот така сакам!

Застанав за миг за да се обвијам со смиреност закитена со иста таква, блага и незавршена насмевка, укажувајќи си самиот на себе дека така најдобро ќе можам да се борам – зошто би ги покажал моите ѓаволи пред луѓето што самите ги хранеа и доколку не беше така, зошто се чувствувам како да исчезнувам? Ќе можам ли некогаш да ѝ простам на Пина што не го придвижи моето време кога тоа застана и што, воопшто, не ни успеа да го види тоа? И што, во изговорите за мојата тага по Марко и желбата за осама, таа најде простор да биде ведра?

Зачекорив суверено во дневната соба и се судрив веднаш со изненадата на нивните лица која ноншалантно ја зграпчив само со едната дланка и ја фрлив оддалеку во кантата за ѓубре, кажувајќи им дека, сепак, би испил едно кафе со нив зашто сакам да ги видам.

Брат ми го остави инструментот покрај фотелјата на која седна, укажувајќи ми го целото внимание што го заслужувам. Пина веднаш отиде во кујната, не дека беше задолжена за моето кафе, туку затоа што сметаше дека сум уморен и со тоа ми помага. Се сместив до Денко кој, за чудо, беше во недостиг од забегани муабети, па и од вообичаената гордост што ја манифестираше пред нас двајца, како да сме големото откритие од неговата лична лабораторија или, барем како, во најмала рака, да придонел кон неверојатното, едно во стотиците илјади вкрстувања на судбината. Ме праша како е Јана, а јас му одговорив дека, всушност, ми изгледа како да е доста добра. Брат ми извади цигара што отвораше ризик да ме извади од првичната намера и да ми паднат сите одбранбени ѕидови што ги подигнав, но со силен напор го задржав привидот на смирението, подавајќи му ја запалката што беше поблиску до мојот крај од масата.

Кога го пушти облакот од чад меѓу нас тројцата, почнав да се чувствувам комотно во мирот што го проектирав, но можев и да ја насетам својата самодоверба што ми дојде сосем изненадувачка. Тогаш погледнав во Пина која уште беше во кујната, свртена со грбот кон нас и ја грабнав цигарата во истиот миг кога тој ја потпре на пепелникот, создавајќи одново изненаденост на нивните лица што, повторно, ја замолчев, гестикулирајќи им да бидат тивки и да си ја гледаат нивната работа. Тие го направија тоа, а јас, овој пат јас, испуштив облак од чад кој го наполнив со сознанијата дека ова сум јас, јас ја пушам цигарата во домот што е мој, со устата, грлото и дробовите што мене ми припаѓаат, а тоа значи и ќе значи дека постојам. Можеби исчезнаа моите седум илјади денови во неповрат и можеби, јас, проклетникот, ништо не успеав значајно да направам, но тоа не е нивна работа, туку само моја, не е ни на Пина, туку единствено моја затоа што јас сѐ уште не сум исчезнат! Нека ме гледаат и нека ме видат затоа што јас сум тука и нигде не одам!

АвторФросина Пармаковска
2025-02-11T19:02:41+00:00 февруари 8th, 2025|Categories: Поезија, Литература, Блесок бр. 155|