Поетската слика на лебедот како симбол за Орфеј

/, Литература, Блесок бр. 154/Поетската слика на лебедот како симбол за Орфеј

Поетската слика на лебедот како симбол за Орфеј

Иако лебедот како поетски симбол веќе претходно се спомнуваше во контекст на симболизмот, и тоа особено поврзано со концепцијата на Маларме, кој и самиот има таква песна, сепак овој симбол ги влече своите корени од мислењето на Платон, како што веќе се спомена, според кое се смета дека Орфеј, всушност, пред својата следна инкарнација – не одбрал да биде ниту маж ниту жена – бидејќи не сакал да биде роден од жена оти доживеал насилна смрт од женска рака – туку одбрал да стане лебед. Се разбира, лебедот самиот по себе има своја симболика, што е поврзано со тоа дека својата најубава песна ја пее пред смртта и така ја повикува својата сакана. И во македонската поезија се сретнува овој мотив и тој најчесто се восприема низ диоптријата на симболизмот и повторно, низ малармеовската проекција. За тоа стана збор и во истражувањето на Капушевска-Дракулевска, која убаво забележува дека постои еден поетички концепт во македонската поезија во кој песната се поистоветува со лебед, или обратно и дека тоа е најчеста практика во поезијата на Санде Стојчевски (уште од Кралот на лебедите од 1972) и дека симболистичката предлошка е преземена од малармеовската поетика. Од досегашното наше истражување на современата македонска поезија, успеавме да најдеме неколку песни во кои директно се обработува темата на лебедот. Такви песни откривме кај Михаил Ренџов и Јордан Даниловски. Кај Ренџов најдовме дури и две кратки песни, минијатури („Лебед“ и „Лебедот“), кои ќе ги наведеме во целост:

 

„Лебедот“ (Издишки, 2013)

Се оддалечив

Од другите

За да се сретнам

Со себе сам

И да се изедначам

Со својата сенка –

Како лебедот

Со песната.

 

„Лебед“ (Зраци, 2023)

Сам прогонет во себе

Во ноќна штама

Крик на смрзнат лебед.

 

И двете песни на Ренџов имаат малармеовски призвук, особено „Лебед“. Сликата на лебедот овде служи како портрет на поетот, во првата песна оној што е осамен се соочува со себеси, односно со својата сенка, или ако сакате сопствената душа. Тој е осамен како и лебедот што пее само кога умира, оти тој со песната всушност ја довикува својата друшка. Во втората песна, пак, имаме трагична слика на смрзнат лебед, повлечен и како што вели поетот, прогонет во себе, кој е во неможност да ја испее лебедовата песна, па го испушта само претсмртниот крик. Во овие два примера се укажува на можноста односно неможноста за песна, кога поетот лебед се сплотува или изедначува со својата сенка или душа и ја испева песната и кога е изгонет во студенилото на својата душа и не е во можност да ја испее својата песна, при што во таа ноќна штама испушта само еден очаен крик како замена за неговата песна.

Песната, пак, „Лебед (меѓу лебедите во ОМ)“ (Книга ОМ, 2004) на Јордан Даниловски е доста разбранувана, разѕунета, разглаголена. Во неа сретнуваме пехар и лира, бранувања кои се смируваат од крилата на лебедите во стихот, по небото се слуша ѕун од камбани, пеперутка што се крева. Таа цела жизнерадосна слика, всушност, го најавува Оној што ухнува во рамницата, пеејќи химни (што упатува директно на никој друг туку на Орфеј), чиј звук се извива дотаму каде што музиката е невозможна, за да можат племиња и номади (дали овде се упатува на далечното шаманско потекло на Орфеј) од врвовите да ја вдишат сѐ додека не останат без зборови, па да се сетат на своите длабоки корени. Но, последните три стиха кои завршуваат со прашалници како да не сакаат да се открие докрај неговиот идентитет – па оттука и употребата токму на тој збор – непристапен. Пејачот е непристапен затоа што откритието на неговиот идентитет како лебед и како пејач е подобро да остане скриено во прашалници. Нека се навестува одговорот.

Би сакале овде, за крај, да ја споменеме и суптилната и мимикрирана песна „Обид за вознес“ на Весна Ацевска, застапена во книгата Преобразби (2022), во која лирското јас прави напори да се преобрази во птица – лебед (или ангел) и во која се провлекува нишка од сказните за жената лебед во словенскиот фолклор.

Овде би требало сепак да се спомене и еден феномен за т.н. претсмртна или лебедова песна. Имено, во историјата на книжевноста постојат примери во кои еден автор го пишува своето дело пред смртта, како некаков аманет. Во нашата книжевност такво заветно дело е Света песна од маестралниот Анте Поповски.

АвторСузана В. Спасовска
2024-11-12T18:58:46+00:00 ноември 1st, 2024|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 154|