Коњски житија на Зоран Анчевски – востоличување на драмскиот монолог во македонската поезија

/, Литература, Блесок бр. 154/Коњски житија на Зоран Анчевски – востоличување на драмскиот монолог во македонската поезија

Коњски житија на Зоран Анчевски – востоличување на драмскиот монолог во македонската поезија

Анчевски го поставува на исто рамниште Букефал со тоа што му го дава правото на слободна волја и избор, „По своја волја му служам јас нему – тој мене. /  Сѐ друго, а друго нема, е глаголење празно“ (Анчевски, 2023:38) Но, колку и да се силни волјата и амбицијата на двајцата, таа има свои граници, па и нивната желба за „царство што го скроивме по наша мерка без мерка, / што не беше ни таа на боговите“ (Анчевски, 2023:39), па мора да дојде до крај. Но, Букефал е тој што е врзан за својата родина за разлика од Александар, тој има доволно свест дека дошол крајот, почовечен од самиот голем човек. Тој ја чувствува т’гата за југ, посакува силен монсун да надојде кој од Индија би го свлекол до океанот, а оттаму да стигне до родината, „Македонија да ја видиш без орелски крилја, без тапани и зурли, / без ловорики и вино. И така скришум да гледаш сл’нце  / кај зајдвит – таму да умираш… Да смириш срце“ (Анчевски, 2023:40). Оваа бравурозна посвета на песната на Константин Миладинов ја отсликува темелната поврзаност со нашата книжевна традиција, со што Анчевски уште поцврсто го вградува драмскиот монолог во нашиот поетски свет.

Тука ја гледаме и врската со ликот на Шарец, можеби најпознатиот коњ во нашиот фолклор, како и врската на нивните стопани, Александар и Марко Крале. За разлика од Александар, историскиот Марко Крале доживува да го види крајот на своето кралство и мачењето на својот народ, па низ сведоштвото на Шарец, Шарец нѐ известува дека „јунак врз себеси носам / кој заборавил на среќа…  Трошни / му се планините: изгорени од ровји, пасиштата му зјапнале / ко отворени рани, шумите бујни / му бегаат по туѓи брегови и неба – / лелекот нивни се меша со плачот / на неговото (велеше) згазено племе“ (Анчевски, 2023:50). Неговите битки сега се со Смртта. Како што знаеме од народното творештво и од песната на Блаже Конески, силата му ја одзема Господ, па зборовите на Шарец се ехо на таа народна легенда, тој знае дека „дните наши се бројани влегоа в торба /  што тешка е ко туч и не се поткрева“ (Анчевски, 2023:53). Како и кај Букефал, поетот го обдарува со мудроста на времето што го прави еднаков со Марка, „поарен од мене се мисли, / но знам јас и саде молчам: / поумен од мене не може да биде“ (Анчевски, 2023:51). А неговата е мудроста на поетот, бидејќи тој воедно е отелотворување на народниот поет, кој ни раскажува по принципот „така сум чул – така ви кажувам“, одразувајќи ја длабоката интертекстуалност на фолклорниот код и творештво. Марко Крале останува запишан на фреските на неговиот манастир, но и во песните на народниот и современиот поет, меѓу кои Анчевски го врамува во формата на драмскиот монолог и преку зборовите на неговиот сопатник-поет.

На крајот од овој трилинг на херојски драмски персони е единствената дама, Ламри, кобилата на кралот Артур од легендите. Тука најочигледно ја гледаме врската на Анчевски со англиската книжевност која длабински  ја има проучувано и преведувано. Кралот Артур и неговите витези на Тркалезната маса се олицетворение на витештвото и на витешкиот код, главниот принцип на владеење во феудалниот среден век, хипотекстот на многу романси и историски епови и романи. Сепак, од сите негови кралици кои се наведени во поемата, честа да го претстави ѝ припаѓа на Ламри, која за разлика од средновековната дама може да се вклучи во битката, да „танцува по бојното поле… облеана со крв и пот“. На тој начин, Ламри е семантизирана во метафора за модерната жена која може да ги види и оцени доблестите и маните на витешкиот код. Како што ни кажува авторот, „витезите сепак се само луѓе, а не верни коњи,… /  та често витешкиот код знаеше пуздер да им се стори“ (Анчевски, 2023:43). Сепак, останува митот за крал Артур како „сидро, јадро на сѐ, суштина што бодри во победа / и во пораз, глас-крепител, вдахновеност за велики подвизи и дела“ (Анчевски, 2023:44). Драмскиот монолог никогаш не се служи со наметнати вистини или еднодимензионални перспективи, а Анчевски му овозможува на читателот да заземе свој став кон валидноста на овие кодови во ова наше современие-невремие.

Галеријата на драмски персони е збогатена и со коњи кои и не доживеале толку славни судбини поради намерите и егото на своите господари. Овие монолози се и најизразено сатирични и критични, но со една игрива нотка на хумор, па затоа може да ги слушнеме јадосувањата на Тројанскиот коњ, кој станува симбол за подмолната измама и предавство, како и на Инкитат, кој е именуван за сенатор од страна на лудиот цар Нерон. Тие се куси, но ефективни песни кои одекнуваат со гласот на народот предаден и изневерен од своите водачи. Имаме и комичен пандан на витешкиот код, монологот на Росинанте на Дон Кихот, тој трагикомичен задоцнет рицар на Сервантес, кој го носи својот коњ од „една до друга загубена битка што за него / беше сал потврда за рицарската судба“ (Анчевски, 2023:56), двајцата стари ара и привиди од кожа и коска. Но, за разлика од Дон Кихот, Росинанте на Анчевски сепак носи некоја ука од нивните пикарескни талкања,  а тоа е „ сѐ се брои / ко искуство вредно и надеж што се римува со љубов, / дека злобните почесто доблеста со радост ја ништат, / отколку доблесните, полни со страв и јанѕа, ја штитат“ (Анчевски, 2023:56). Конечно, ни дава и нишка надеж дека „доброто и злото / не траат за навек… / ако злото / го следеше долго време, можеше ли доброто да е назад?“ (Анчевски, 2023:56), зборови што потсетуваат на крајот на Шелиевата „Одата на западниот ветар“.

За крај од циклусот, Анчевски покажува дека не е волен и расположен да дебатира само со класичните дела и кодови, туку се чувствува удобен и во популарната култура, па овој циклус на коњски житија ги опфаќа и приказните на Илчи – коњот на Винету, Сенката – коњот на Гандалф од Господарот на прстените, како и Џоли Џампер, верниот коњ на еден од најомилените стрип-каубои на овие простори – Таличниот Том. Тој со ова покажува дека сите претходно споменати жанрови и кодови сѐ се уште живи и плодотворни во современата популарна култура, која веќе се израмнува по значење и вредност со класичната литература. Се разбира, тоа е и добра можност шеговито да остави неговиот циклус да одјава кон зајдисонцето и да си го најде својот пат до читателите „оти патот без врвици натаму не води,  / сал во овој свет само Господ оди“ (Анчевски, 2023:68).

Би било небрежно да не се спомене и мајсторството на Анчевски во версификацијата и структурирањето на драмските монолози, каде што го следи Браунинг во експериментирањето и остава темата да ѝ го даде ритамот на поемата. Каде што е потребно да се наслика жарта на борбата или темпераментот (Букефал, Шарец), таму неговиот стих е концизен, стегнат и разигран, а каде што темата бара поголема контемплативност или наративност, таму неговиот стих е одмерен, сталожен, никогаш непотребно забрзан или издолжен, туку течен и брановит како голема река (Кантака, Сенка). Конечно, во одредени поеми знае да ја употреби и Спенсеровата строфа или формата на скратениот сонет на Џ.М. Хопкинс, само некои од алатките од неговиот богат поетски арсенал. Тоа се огледува и во богатиот разбој на книжевни и историски референци, како со светската и англиската книжевност, така и со богатата македонска поетска и фолклорна традиција, како што укажавме претходно во текстот.

Има уште многу да се согледува, открива и пишува за ова значајно поетско дело, но ќе оставиме критиката и читателите во иднина да го дадат својот суд и да откријат нови слоеви и димензии во циклусот Коњски житија на Зоран Анчевски. Јас, само на крај, ќе го повторам и потврдам моето мислење дека со ова дело, драмскиот монолог како форма и жанр е втемелен и посаден во богатата почва на македонската поезија, а не се сомневам дека во иднина ќе инспирира уште многу други вакви поеми, па и циклуси.


Библиографија:

Анчевски, Зоран. 2023. Коњски житија (поема), Скопје: Арс Либрис, Арс Ламина публикации

АвторМилан Дамјаноски
2024-11-12T18:58:33+00:00 ноември 1st, 2024|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 154|