Коњски житија на Зоран Анчевски – востоличување на драмскиот монолог во македонската поезија

/, Литература, Блесок бр. 154/Коњски житија на Зоран Анчевски – востоличување на драмскиот монолог во македонската поезија

Коњски житија на Зоран Анчевски – востоличување на драмскиот монолог во македонската поезија

Конечно, третата драмска персона (коњолик?) која го симболизира религискиот код, овој пат „паганскиот“, е Слејпнир, коњот на Один. За разлика од Ал Борак, неговиот говор е исполнет со сомнеж и фатализам, една меланхолија толку типична за нордиската митологија и нејзините саги. Тој нѐ подучува: „Знаев секоја битка е загуба, било во победа или во пораз. / … Затоа сега, на старост, ги боледувам сите победи, жалам / што не сетив пораз оти сал така се узнава мерката на светот“ (Анчевски, 2023:33). Воедно, неговиот монолог постојано навестува снемување, како да претчувствува (а од аспект на 21 век), знае дека неговиот свет е потиснат, исчезнат, претопен во реалноста на другите, помоќни религии. Но, кога проговара, низ него се искажува знаењето на поетот кој знае реалности посложени и поприсутни од ограничениот светоглед на религиите, а тоа е суштината на една колективна и човечка меморија и мудрост.

Вториот важен код во поетско-референтната рамка на Анчевски е митолошкиот код, при што тие во исто време се врска и со класичната литература и старогрчката митологија. Тука можеме да ги вклучиме монолозите за Пегаз, Хирон, Хипокамп и Еднорогот, сите на некој начин родени независни и самостојни, но сите човековата рака, макар херојска, се обидела да ги улови и скроти. Покрај овој обид за доминација, сите тие се обиделе дел од својата мудрост да му ја пренесат на човекот, исто како што цивилизациската мудрост се пренесува подоцна низ митовите, легендите и приказните. Оттаму, поетот може од нивната гледна точка да суди за постапките, делата и последиците на човековото однесување, гордост и амбиција. Пегаз е скротен од Белерофон, еден од најголемите митски херои, но за кого тој вели: „Ако по коњот се познава коњаникот, / тогаш мојот Белерофон, не ме заслужуваше“ (Анчевски, 2023:19). Потоа, „За слава, и својата сенка ќе си ја затреше. / Ме фати дури пиев од изворот на музите“(Анчевски, 2023:20). Поетот ни ги пренесува вечната борба и амбиција на човекот да ја скроти инспирацијата, да ја натера да ја слуша неговата волја, наместо да го следи нејзиниот вознес. Дури и тој вознес е поттикнат од амбиција, бидејќи Белерофон сака да се искачи на Олимп на крилјата на Пегаз, за да биде рамо до рамо со боговите. За тоа се и двајцата казнети, но човештвото оттогаш ја нема научено таа лекција, колку и поетите низ ерите да ја истакнувале во своите дела.

Но, Пегаз е свесен дека без него, т.е. без поетската инспирација овој свет ќе биде изгубен и мрачен. Како што самиот вели: „Го спасив светот од трагично и мрачно време, / лелекот и плачот горчлив ги заменив со песна“. Неговиот галоп го отвори врутокот на изворот на музите, Хипокрена, каде што „на поклонение ми идеа смерно тие (поетите) по ред“ (Анчевски, 2023:20). Пегаз исто така станува и соѕвездие, кон кое сите желни за инспирација погледот го креваат, но тој од перспектива на своето историско искуство, ни кажува дека поезијата не секогаш е во вистинските раце. „Оние со лирите и тамбурите нежни во рака со ловорите на глава, ми вдахнаа нов живот“, но и „вдахновение им бевме и на оние мрзливци / што во песните свои од слон мравка прават, /  пијат, палавеат и гордо се нарекуваат поети“, т.е. „мрзеливците со своите харфи и лири / кои драпаат на кимвалите“ (Анчевски, 2023:20).

Оваа реска опомена за (зло)употребата на Божјата мудрост и вдахновение ја наоѓаме и во монологот на Хирон, најмудриот кентаур, за кого рапсодот „ќе ви каже дека / суштество ко мене нема на века“ (Анчевски, 2023:24), „најмудриот човек меѓу кентаурите / и најмудар кентаур меѓу луѓето“ (Анчевски, 2023:25). Хирон е симболот на знаењето и мудроста извлечен од митскиот код, учителот на низа славни херои како Ахил, Асклепиј, Енеј, Одисеј, Тесеј на кои им дели ука. Тој е симболот на учителот преку кој Анчевски ни укажува на небрежноста и неценетоста на вистинската бесмртна мудрост од страна не само на големците, туку и на човештвотото. Хирон ни кажува дека „иако бесмртен судбината сакаше да умрам од ученичка рака“, таа на Херакле, но без горчина ни порачува дека „учителот не треба бесмртен да е, ами делото негово“ (Анчевски, 2023:27), па својата бесмртност му ја подарува на Прометеј кој го донесе огинот меѓу луѓето. Анчевски преку ова нѐ подучува дека без искрата на мудроста не може да постои ни пламенот на цивилизацијата.

Еднорогот е митско суштество кое не припаѓа само на една митологија, како што самиот вели „ме има на сите страни на светот, во секоја вера, легенда / и мит, сал во природата мојот облик навистина го нема“ (Анчевски, 2023:58). Неговиот монолог е една од пократките, но поефектни поеми во циклусот, а Анчевски го користи ова иконично животно како симбол, на „потребата на човека за убавина на кроткост“. Се разбира, секој добар драмски монолог е приказ на доброто и лошото, светлото и темното, скриеното и искажаното, па еднорогот воедно е „роден… во најтемните долови / на стравот од незнајното и од пустата желба тоа да се дознае / и сфати“ (Анчевски, 2023:59), што го прави овој монолог еден кус, но длабински рендген на човековата психа низ столетијата.

Тоа што е освежувачко и длабоко хуманистичко во овој циклус е што Анчевски ги ползува овие митски теми, овие митски безвремени ликови кои се спој на природата и човековиот обид да ја објасни нејзината мистерија, да укаже на третманот на природата од страна на истиот човек. Хипокамп, кој воедно е морско коњче, но и отелотворување на хипокампусот, делот на мозокот, каде што „сите спомени си наоѓаат бавча, коткаат чувства, / само таму минатото иднината ја крои“ (Анчевски, 2023:29). Меѓутоа, човекот не ги учи лекциите од минатото, па „бездушно / иднината ја краде: ме лови, ме готви, ме суши и ме продава за пари“ (Анчевски, 2023:29). Истата еколошка порака ја испраќа и преку Пегаз: „Ве гледам / од сводов и севезден сакам да прашам: / имате ли вие трошка усет за зеленото азно  / што храна ми беше обилна и голема радост? / За синилото што со себе го носев за спомен / на мојот татко“ (Анчевски, 2023:23). Конечно, судбоносно одекнува пораката на Пегаз на крајот од неговиот драмски монолог: „Змијата се кренала против гулабот – / моето крило, закрилата моја. / И колку од утре, ни вас ќе ве има“ (Анчевски, 2023:23).

На митскиот код се надоврзува фолклорниот каде што народот ги зачувува спомените за своите најголеми херои и војсководци, при што во Коњски житија можеме да го издвоиме триптихот посветен на коњите на Александар Велики, Марко Крале и крал Артур. Преку приказните за нивните херојски дела се градени светогледот и принципите на многу општества, па нивната приказна раскажана од една различна перспектива дава добра можност да се преиспитаат крајните одредишта и вредности на херојскиот жанр во кој се воспеани. Букефал, можеби најславниот ат од овие краишта, кој на почетокот обзнанува „Кападокија ми рождение, / Македонија возграждание“ (Анчевски, 2023:36),  ја отсликува немирната авантуристичка и често безобѕирна природа на својот господар Александар, кој иако не е спомнат по име, одекнува низ целиот драмски монолог. Така, Букефал како да ги опишува двајцата: „Та како можам таков да седам мадро? / И живот по животов ќе ми е малку / за наумот преку секој врв да барам друг, / зад секој изгрев да бодинам кон друг…“  (Анчевски, 2023:37), стихови што се ехо на зборовите на еден друг немирен патник, Одисеј на Тенисон, кого ни староста не го спречува да ги бара новите авантури и знаења следен од верните соборци.

АвторМилан Дамјаноски
2024-11-12T18:58:33+00:00 ноември 1st, 2024|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 154|