Како што укажува Венко Андоновски во својот поговор кон оваа збирка, Анчевски прави „генијален потег со тоа што се решава да го замени делот со кој ја означуваме целината јавач на коњ и наместо со јавач да ја означи целината со оној дел што неправедно се смета за помалку важен, т.е. коњите наместо јавачите и со тоа прави промена на гледната точка, т.е. фокализацијата. На тој начин, авторот им дава на коњите наративен глас, со кој фокализирано раскажува за својот јавач: кој бил, каков му бил наравот, каква му била душата, низ какви авантури заедно минале“ (Анчевски, 2023:77-78). За Андоновски, „поемата на Анчевски е постмодерно допишување која доведува до ренатализација, метемпсихоза на хуманитетот во коњот. Поемата станува жестока критика на изгубениот човек и на постхуманитетот“ (Анчевски, 2023:78).
Понатаму, со „одбирањето на оваа стратегија, поетот ја обезбедува епската наративна структура, како и интензивна семиотизација на поетскиот текст, но и инверзна фокализација каква нашата книжевност не помни“ (Анчевски, 2023:81). Конечно, Андоновски заклучува дека „на прсти се бројат делата во македонската книжевност кои се толку многу закопани во минатото и митот, а толку живи во сегашноста“ (Анчевски, 2023:88). Оваа сопоставеност, но и дијалогичност се отсликува во вклучувањето на митолошките, историските, фолклорните, книжевните кодови, но и на религиските дискурси и текстовите на популарната култура од кои Анчевски црпи инспирација, но и ги деконструира. Преку дијалогот со овие кодови, ќе се обидеме да укажеме на некои од карактеристиките и темите на овој циклус драмски монолози.
Ќе почнеме со религиозниот код, бидејќи бројчано можеби е и најзастапен, а воедно неговата појава можеме да ја одвоиме во два момента. Веќе споменавме дека циклусот е обрабен со две поеми каде што галопираат две четворки на коњи, едни што ја најавуваат апокалипсата и нејзиниот судбински фатализам, а втората четворка која ја опишува вечната цикличност на раѓањето и смртта на сонцето. Едната четворка го претставува старозаветниот хебрејско-христијански светоглед, а втората паганскиот култ на Сонцето, но прекршен и интегриран во низата големи светски религии преку кои живее сѐ до овие „модерни“ времиња. Тоа се огледува во поењето на коњите за својот господар и јавач:
„Сезерцател е тој семоќен и сеприсутен. Бдее над вас
од час во час, од ден на ден, од утро до мрак-севезден.
Со татковска грижа и строгост каква што никаде нема,
езди тој во чезата огнена што бодро ја влечеме ние“
(Анчевски, 2023:72).
Тука можеме да го почувствуваме присуството на сите големи монотеистички религии, но и континуитетот на човечката мисла во своите обиди да најде смисла и објаснение во суровоста и понекогаш опресивната бесмисла која навидум владее во светот. Тоа што Анчевски во своето богато животно искуство сака да ни укаже, доаѓа токму од таа инверзивна природа на овој циклус. Кај него заканата од апокалипсата доаѓа на почеток, а раѓањето и ревитализацијата доаѓаат надежно на крајот. Но, секој од неговите ликови до својата мудрост доаѓа по долг животен опит, па и сончевите атови на крајот од циклусот нѐ опоменуваат:
„Ах, толку од сказните наши. Господарот баш веќе се буди.
Битката древна со мракот продолжува и не завршува –
туку во недоглед се издолжува“
(Анчевски, 2023:73).
Оваа непрекинатост и повторливост на животот и борбата на доброто и злото се истакнати со поставување на монологот Кантака на почетокот. Тој е коњот на Сидарта, идниот мудрец Буда, човекот што ќе го надмине вечното вртење на тркалото на животот, а воедно го симболизира учењето на будизмот. Оваа поема може да служи и како еден кус воведен курс во историјата и настанувањето на будизмот, како што и сите други монолози ја раскажуваат приказната за својот јавач или за своето потекло како културен, историски или книжевен хипотекст на овој циклус. Трпеливиот читател може многу да научи и да го прошири своето општо и книжевно знаење од овие „енциклопедиски текстови“, како што ги нарекува Андоновски. Нејсе, Кантака и Буда се појавуваат истовремено, како што вели нашиот наратор:
„Се родивме заедно, небаре близнаци. Тој човек –
јас коњ. Обајцата од благородна сорта. Тој принц –
јас чудо: овоплотна цврстина, стамина и трпение“.
(Анчевски, 2023:13)
Човекот (коњот) и митот се раѓаат заедно, но историјата ги одвојува на посебни духовни и физички рамништа. Но, заемното постоење и развој носат поуки што ги збогатуваат обата. Кантака ни кажува дека мудроста не доаѓа веднаш, туку само со соочување со последиците на моќта и владеењето, со реалноста надвор од границите на браманскиот рај – потаму од славењето на бојот, храброста и поразот на непријателот, која историјата и епот ни ги наметнува како смислата на човештвото, покрај кои постојат и живеат староста, болештината и смртта.
„Ах, си мислевме сета вселена е збрана во нашите глави –
коњска и царска, сосе сите соѕвездија, без црни дупки,
ах (какви ли црпки!?)“
(Анчевски, 2023:16).
Само соочувањето со оваа вистина и откажувањето од човечката гордост може да донесат напредок. Оваа хуманистичка и длабоко морална порака одекнува уште од првите страници на оваа збирка. Цикличноста што ја учи будизмот ни е доловена во реинкарнацијата на Кантака во „браман скромен што патот правлив пред себе го мете / за мравка да не згази, да пази на секој двиг, реч добра да изрази“ (Анчевски, 2023:18). Тоа може да се постигне само со прифаќање на љубовта како врвно начело, водич низ овој свет. Како овој азган и аздисан младич во својот следен живот да прераснал во поет чија света должност е „реч добра да изрази“.
Вториот аспект на овој религиозен код е монологот на Ал Борак, коњот на пророкот Мухамед. Тој ни ја пренесува природата на неговото учење, на исламот: „Милоста му беше оружје скапо, добриот збор – / стрела најубоита. Гласник божји беше, печатот негов / и срце му беше жигосан“ (Анчевски, 2023:46). Во неговиот глас нема простор за сомнеж или возмутување, исто како што поемата е изградена од 5 речиси монолитни строфи кои галопираат во долг анжамбиран стих кон вознесот до небесата, кое е крајното исходиште на секој верник.