Коњски житија на Зоран Анчевски – востоличување на драмскиот монолог во македонската поезија

/, Литература, Блесок бр. 154/Коњски житија на Зоран Анчевски – востоличување на драмскиот монолог во македонската поезија

Коњски житија на Зоран Анчевски – востоличување на драмскиот монолог во македонската поезија

Збирката поезија Коњски житија на Зоран Анчевски е навистина невообичаена и изненадувачка појава на нашата поетска сцена, бидејќи како прво се работи за збирка на драмски монолози, жанр што не е својствен за современата македонска поезија. Но, она што навистина ова дело го прави уникатно е тоа што улогата на драмската персона која ја има задачата на наратор во овој жанр им е дадена на славните коњи од историјата, митот и книжевноста. За да се изведе оваа интервенција во богатата текстура на македонската поезија, да се вплете една нова нишка во таписеријата на македонската книжевност, а воедно да се избегне ризикот од карикатуралност или празна перформативност, потребна е сигурната рака на искусен поет, ерудит и познавач на тајните на поетскиот занает.

Зоран Анчевски е токму тоа, особено во својата зрела фаза како книжевник и поет, која се одликува со истакната продуктивност и интелектуална и емотивна слоевитост, која се проширува и збогатува со секоја нова збирка. Тоа го препознава и нашата критика, со тоа што двапати е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ (2018, 2022), а пак Коњски житија на Зоран Анчевски е добитник на наградите „Григор Прличев“ за најдобра поема во 2022 и наградата на Друштвото на писатели на Македонија за најдобра збирка поезија за 2023 година. Познавајќи ја неговата долгогодишна работа како професор и преведувач на англиската поезија, неговата работа и искуство во рамките на „Струшките вечери на поезијата“, на кои беше и директор, но можеби најмногу како еден од водечките македонски поети на неговата генерација, сето ова воопшто не изненадува. Ако погледнеме назад во историјата, за да дојде до појава на речиси сите нови, свежи книжевни форми, потребно е да помине еден период на акумулација, инкубација и зреење на еден поетски глас, за конечно да из’рти во еден кус временски период. Но, тоа секогаш се случува на почвата на веќе постојната книжевна традиција и творештво, чие арско ѓубриво го користи и кое потоа го надградува и врз чие тло неговите плодови се надвишуваат.

Семето што ќе из’рти многу често се зема од странство, но ако фати корен, тоа многу бргу станува автохтоно и ги презема карактеристиките на своето ново поднебје и ја збогатува трпезата за сладокусците. Во случајот на Коњски житија, тоа „семе“ е земено од англиската книжевност во вид на драмски монолог кој заеднички го развија Роберт Браунинг и Тенисон, а подоцна го презедоа доајените на модернистичката поезија како што се Т.С. Елиот и Езра Паунд. Уште од самите негови почетоци, драмскиот монолог е хибриден жанр меѓу поезијата и драмата, однапред дизајниран да прима и интегрира различни жанрови, но и историски, митолошки и книжевни извори кои го хранат неговото тело. Но, искусниот градинар, каков што е Анчевски, знае како на овој западен „жанр“ да ги накалеми и македонската култура и традиција, па драмските монолози да одекнат во нашата жива и моќна поетска реч, и тоа не само во една поема, туку во една цела парада на мајсторски изведени и подредени драмски монолози.

Уште од самите почетоци, драмскиот монолог е податен за да вклучи најголем распон на историски и книжевни ликови, од светци до убијци, од кралеви до просјаци, од  Фра Липи Липи до Калибан. Меѓутоа, Анчевски не се задоволува само со таа слобода на изборот на перото, туку оди и подалеку, предизвикувајќи ја инклузивноста на формата со тоа што главните драмски персони кај него се – коњите, а тема се нивните животи за кои тие говорат во нивен глас. Се разбира, да им се даде глас на животните не е нова или чудна постапка во книжевноста, почнувајќи од митологијата преку басните и во современието, т.е. цртаните филмови или графичките новели, т.е. понародски, стрипчиња. Меѓутоа, животните секогаш имаат алегориска димензија, тие се антропоморфизирани за да симболизираат некаква човечка доблест или мана, ретко имајќи една тридимензионална природа. Даденото човечко воедно им ги одзема интимното и субјективното, очудувањето и очовечувањето не воделе секогаш до чествување на самите животни. Анчевски сепак прави една стопардовска интервенција, ги вади во меѓупросторот на нивните митски или книжевни приказни и како своевидни Розенкранци и Гилдестерни им дава глас за да ја раскажат својата верзија на историјата. Се разбира, притоа не бега од сите претходно наведени аспекти на нивната употреба во книжевноста, туку на слоевит начин ги користи како отскочни моменти за нивни медитации и контемплации на суштествени теми.

Галеријата (ергелата?) на ликови што Анчевски ги претставува  е навистина опсежна и е сочинета од 18 поеми, но од вкупно 24 коњи/драмски персони. Бројот 24 може да го толкуваме на повеќе начини, како паралела на часовите во денот само во една опачинска перспектива, со оглед дека циклусот почнува со доаѓањето на Јавачите на апокалипсата (ноќта), а завршува со четирите огнени коњи на Сонцето. Понатаму, во христијанската апокалиптична литература, 24 е бројката на 12 племиња на Израел и 12 апостоли на Исус во Откровение на Јован, бројка што ја симболизира целосната Црква чиј епиграм ја отвора Коњски житија. 24 е бројката на Витези на Редот на подврската чие настанување е објаснето во поемата поврзана со митот за крал Артур, „Сер Гавејн и Зелениот витез“. 24 карати е мерката за чисто злато, но да не одиме предалеку, затоа што уште многу паралели може да се направат со ова слоевито интертекстуално дело,  не само на ниво на рамката на циклусот.

АвторМилан Дамјаноски
2024-11-12T18:58:33+00:00 ноември 1st, 2024|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 154|