1.
Приказната почнува со автомобил, на автопат. На задното седиште во автомобилот седи жена. Има околу 40 години. Продорни бадемaсти очи. Автомобилот вози бргу. Десниот образ на жената е речиси залепен за стаклото од задната врата на автомобилот. Во нејзините очи е исцртан страв. Автомобилот вози побргу и побргу.
Наскоро автомобилот влегува во тунел. Целата слика станува црна.
Автомобилот не излегува од тунелот.
2.
Болничка соба.
На мониторот се гледа линијата што го покажува животот.
Линијата на животот е поврзана со соодветниот звук.
Кога ќе се видат каблите и цевчињата што излегуваат од апаратот, ќе се дојде до лицето на жената поврзана со апаратот за дишење.
Тоа е жената од автомобилот, со очите слепени до стаклото на задната врата што исчезнаа во темнината на тунелот.
3.
Маж, има околу 40 години, седи на стол спроти лекарката во нејзината канцеларија.
Лекарката има околу 55 години и израз на лицето како да кажала нешто што не сакала да го каже.
– Дали тоа е конечно? – прашува мажот.
– Иако медицината е егзактна наука, секогаш оставаме еден процент шанса дека она што го кажуваат испитувањата и анализите може да се промени…
– И тука ли постои тој еден процент шанса? – ја прекинува мажот.
– Мислам дека во овој случај шансите се многу помали од еден процент. Многу, многу помали – додава жената со сочувство во гласот.
Мажот погледнува надолу, кон кафените плочки на просторијата. Таму, покрај десната ногалка на работната маса, се заглавило розово ливче. Од оние што имаат лепило на едната страна. На ливчето е напишано нешто, но мажот не може да го дешифрира напишаното.
– Во ред – одговара мажот, многу, многу бавно. – Ќе ги потпишам документите дека срцето, бубрезите и коскената срцевина од мојата сопруга можат да бидат донирани на пациентите на кои тие им се потребни.
4.
Мажот, кој пред дваесетина минути ги потпиша документите за донација на органи од својата жена, се вика Иван.
Иван излегува од болницата.
Времето е сончево.
Насекаде сонцето ги осветлува лицата на луѓето, автомобилите, гранките. Ова е животот, глетката во очите на Иван е интензивниот живот што се случува. Тој чекори меѓу луѓето и дрвјата низ просторот во кој се чини дека секој и сè е живо… освен жената од првата сцена.
5.
Иван седи во кафетерија со жена на негова возраст.
Двајцата имаат изрази на лицето како да седеле долго време на масата и како да кажале работи од кои двајцата се веќе исцрпени. Зборувале, аргументирале, одговарале на тезите на другиот, се спротивставувале, додавале нешто, повторувале работи што веќе ги кажале и се обиделе да го разубедат другиот. А сега, по тој долг и исцрпувачки разговор, сфаќаат дека нема што да додадат или да одземат. Дека сè поврзано со темата на разговорот веќе е кажано.
Во една пригода, еден чешки писател го прашале како ја замислува иднината. Тој одговорил дека иднината ја замислува како место во кое сите луѓе зборуваат истовремено. Дрдорат, посветени на своите монолози, не го слушаат она што го кажуваат луѓето спроти нив. „Светот на иднината е свет на монолози, на бескрајни монолози во кои никој не го слуша другиот“, го завршил својот одговор писателот.
Ситуацијата меѓу Иван и жената спроти него е спротивна на оваа апокалиптична визија. Во овој момент, Иван и жената спроти него се наоѓаат во постапокалиптичен молк на двајца што си кажале премногу.
– Дали си сигурен? – прашува жената по долго молчење.
– Да – одговара Иван. – Како што реков – сега кога размислувам за тоа, ти и таа станавте неразделна целина. Ненормална неразделна целина. А не можам да бидам со едниот дел од целината без постојано да мислам на другиот. Без постојано и мачно да мислам на другиот дел – додава, со тон во гласот во кој има потреба од тоа последно објаснување од последната реченица.
– Ама тоа нема врска со реалноста! И самиот го знаеш тоа!
– Реалноста не ме интересира.
6.
Долго ѕвонење на мобилниот телефон.
Телефонот ѕвони со делница на „Реквием“ од Моцарт.
Долга рака посегнува по телефонот.
Сонлив глас кажува „ало“.
– Извинете ако се јавувам во непријатно време…
– Не, не, во ред е…
– Јас сум Маријана, мајката на Искра Делчева. Сакав само да ви се заблагодарам за она што го направивте за Искра. Не знам што друго да кажам, никогаш не сум била вешта со зборовите. Дури зборовите никогаш и не ми биле важни. Сакам да ви кажам дека многу, многу, многу сум ви благодарна и дека никогаш ова нема да го заборавиме ниту јас, ниту маж ми, ниту Искра. Ако некогаш, кога било, ви треба нешто, сметајте дека ние сме ви дел од семејството…
Настапува куса непријатна тишина.
– Маријана?!?
– Да?
– Рековте дека зборовите никогаш не ви биле важни. А што е тоа што ви е важно?
7.
Јавен базен.
Девојка, има 19 години, плива по првата лента на базенот. Во другиот дел од базенот има уште десетина пливачи кои повеќе се брчкаат во водата отколку што пливаат. Само девојката плива од едниот до другиот крај без да запре. Кога ќе помине неколку должини, запира и малку се поткрева на оградата од базенот. Врз нејзиното лице течат капки вода. Има сина капа за пливање. Убава е.
На едната страна од базенот има мало гледалиште, неколку реда со пластични столови. На три-четири стола седат исто толку набљудувачи.
Подоцна, во соблекувалната, девојката го брише складното тело со пешкирот, детално се посветува на растојанието меѓу ножните прсти, пазувите, меѓуножјето. Се брише темелно и со некаква целосна посветеност на телото, на секој дел од кожата. Во овој момент се добива впечаток дека таа е кожата, таа е телото.
Потоа се облекува на истиот начин.
Кога ќе излезе надвор, лицето ѝ го осветлува силното сонце. Се насмевнува со широка насмевка. Како сонцето да е тука само за неа.
8.
Иван талка низ продавница за алати, опрема, домаќинство. Се чини дека талка низ рафтовите бесцелно, колку да го пополни со време просторот во кој се нашол. Неговиот рамнодушен израз на лицето се менува кога ќе дојде до полицата со чекани. Има десетина вида чекани во разни големини и варијации. Гумени со гумена рачка, со дрвена рачка и железна глава, целосно метални чекани. Иван зема еден чекан со средна големина. Изработен е од гума. Му ја проверува тежината, го префрла од една рака во друга, со предниот дел од главата на чеканот ја потчукнува десната јаболчница.
Во следната слика спушта чекан на подвижната лента. Чеканот што го избрал е малку поголем од оној што го пробуваше пред малку. Го плаќа и излегува од продавницата.
Таму, на излезот од продавницата, лицето му го заплиснува сонцето на мајското попладне. Сигурно има куп пријатни мириси во околината.
9.
Силно осветлена дневна соба расфрлана со играчки, гумени подлоги, разни детски додатоци. Во собата се тројца: Ана, Симон и Мирјана. Бебето има околу шест месеци, мајката околу четириесет, а таткото педесет години. Мајката ги држи дебеликавите раце на бебето, а тоа несигурно чекори низ просторијата. Сите се смеат. Во еден момент, таткото легнува на подот и Мирјана го поставува малото ноџе на лицето на таткото. Како да се двоуми дали да стапне на неговото лице. Сепак, запира и со ножните прсти меко минува врз лицето на татко си. Знае дека не треба да го гази, туку дека треба да го милува.
Се смее беззабо.
10.
Слабо осветлена спална. На големиот кревет лежи гола девојка.
Тоа е Искра, девојката што пливаше во базенот.
Над неа маж на околу триесет години, го поставува десното колено меѓу нејзините нозе. Во рацете има неколку парчиња жица во различна должина, од жици долги дваесетина сантиметри до жици долги до еден метар. Мажот зема едно кратко парче жица, а другите ги остава на креветот. Краткото парче жица почнува да го витка околу левиот зглоб на девојката. Прво прави еден поголем обрач, а потоа го стиска обрачот додека тој не се забие во белата кожа. Во еден момент девојката, чие лице е набиено во перницата, крикнува од болка. Мажот прави уште еден круг со жицата, а потоа зема друга, подолга жица. Оваа втората, подолга жица почнува да ја навртува околу левиот ножен зглоб на девојката.
На лицето на девојката има радост.