Вербална магија – тајните зборовни формули во магиските и религиозните обреди

/, Литература, Блесок бр. 154/Вербална магија – тајните зборовни формули во магиските и религиозните обреди

Вербална магија – тајните зборовни формули во магиските и религиозните обреди

Баењето како вербална магија

            Повеќе автори ја поврзувале делотворноста на баењето со асоцијативноста на мислењето, но и со моќта на зборовите. Според Малиновски, баењето е суштината на магијата. Тој пишува: „Силата на магијата, нејзината моќ, секогаш мора да се пренесе врз маѓепсаниот предмет. Што е тоа? Накусо, тоа секогаш е моќта што се наоѓа во магичните зборови“.[14] Магиските зборовни формули се најважниот дел од магијата, оној дел што се пренесува по пат на магиско средство и што им  е познат само на оние кои се занимаваат со магија. За домородците познавањето на магијата значи познавање на магичните зборови и доколку анализираме каков било магиски акт, секогаш ќе забележиме дека обредот се фокусира врз изрекувањето на магичните зборови. Зборовната формула секогаш е јадрото на  магискиот обред.

Проучувањето на текстовите и формулите на примитивната магија открива три типични елементи поврзани со верувањето во моќта на магијата.

Првиот елемент се звучните ефекти, имитирањето на природните звуци како што се: ветрот, татнежот на грмотевицата, звуците на морето, животинските гласови и сл. Овие звуци се симболи на извесни појави и се смета дека можат да ги произведат тие појави на магичен начин, преку – нивно имитирање.

Вториот елемент е употребата на зборовите коишто привикуваат, изразуваат или предизвикуваат одредена цел. Така, црниот маг ги споменува сите симптоми на болеста што сака да ја предизвика или, доколку станува збор за смртоносна формула, ќе ги опише во детали болеста и смртта на својата жртва. Во магијата за исцелување, врачот со зборови ќе ја опише состојбата на совршено здравје и телесна моќ. Во економската магија детално се опишува растот на билките, приближувањето на животните, доаѓањето на јатото риби и сл. Или, пак, магот употребува зборови што ги изразуваат чувствата под чиј притисок тој ги изведува својата магија и акцијата што е израз на тие чувства. Во изразите на гнев, тој ќе мора да ги повторува зборовите како што се „јас кршам, јас уништувам, јас палам“, набројувајќи ги органите и деловите на телото на својата жртва.

Трет елемент во речиси секој магиски чин се митолошките алузии, повикувањето на предците или културните херои од кои таа магија е прифатена[15].

Конечно, Малиновски заклучува дека: „Магијата, во секој нејзин облик, ја сочинуваат три основни состојки. Нејзиното изведување секогаш опфаќа: 1.  извесни зборови што се изговараат или се пеат; 2. се изведуваат одредени магиски обредни постапки; и 3. секогаш постои лице кое е извршител на обредот“.

Според ова, во анализата на магијата, треба да се разликуваат: формулата, обредот и изведувачот. Познавањето на магијата,  за домородците (Малиновски реферира на еден дел од Малезија) значи да се познаваат зборовите, а во секој магиски чин, обредот е фокусиран на нивното изговарање. Ритуалот и способноста на изведувачот се само условувачки фактори што служат за вистинското придвижување на овие магични зборови[16].


[14] Во цитираниот превод, англискиот збор spell се заменува со „магични зборови“, односно вербална формула или  басма, со  значење на – маѓепсување, баење и сл.

[15] B. Malinovski: Magija, nauka i religija i druge studije, Beograd, 1971, str. 74–75.

[16] Исто, стр. 122–123.

АвторАна-Марија Бранѓолица
2024-11-12T18:58:52+00:00 ноември 1st, 2024|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 154|