Се затвори ковчегот на Мајка во зимска ноќ,
земјата си го поврати земното, небото светото.
Во ковчегот на Мајка има неколку диплени кошули,
везени од лелено, костенливо платно;
неколку фотографии на татко ми од туѓина
и една дуња што нè залисува со мириси.
Има едно крсте од вознесение во Јорданија
една празнина од болка
што ги исполнува нашите немушти зборови.
Ковчегот на Мајка ги содржи сите светли патишта
ослободени од земјава и продолжени до бога.
Таа назорум му се приближува за да го отвори
со една солза престорена во пламен.
Сред големите ризници на овој несмасен свет
ковчегот на Мајка е скапоцен, зашто дури сега,
свети исполнет со неповторлива душа.