3.
Во третото дело – видеообјектот, Јанкулоски-Мотеска изведуваат една визуелна нарација поврзана со повредените пејзажи и отсуството/присуството на човекот во нив. За да ја поврзат оваа уметничка компилација на подвижни слики, тие снимаат на четири локации (некои веќе се појавуваат во претходните две концепциски целини), кои имаат своја аналогија во генералниот поттекст за апсурдноста на егзистенцијата, надоврзувајќи и обединувајќи ги преостанатите две дела. Едната локација се рудниците со антимон и арсен на периферијата на нашата држава. Веќе елаборираните „вселенски“ портокалово-црвени пејзажи, кои беа предмет на интерес доминантно во фотографскиот циклус, овде се продлабочуваат низ визурата на видеокамерата, а концептуалниот базис за отровноста се надградува и драматизира со вклучување и на човечка фигура во тој пејзаж, кои ја пробиваат хармонијата на тој токсичен предел. Преку просторна материјална разиграност на нивното присуство/отсуство, фигурите стануваат директна визуализација на многубројните жртви на овие пејзажи. Звучната ненаметлива, но болна реминисценција на повремен детски џагор уште повеќе ги зголемува траорноста и мачнината кај реципиентот на овој концептуален дискурс.
Втората пејзажна инспирација се Марковите Кули, прекрасен природен гранитен комплекс, кој со својата монументалност и разновидност на денудациските форми предизвикува естетска сензација и воодушевување, како да станува збор за метафизички предел. Авторите внимаваат на материјалноста на просторот и го трансформираат овој пејзаж во место на „преостаната ранливост“[4], физичка и еколошка изложеност на асоцијативни остатоци од војна што овозможува уметничка артикулација на штетни, но и конститутивни форми на интимност и дејствија. Во метафизичката и медитативна убавина на овој пејзаж одеднаш почнуваат да се појавуваат траги на човековата егзистенција, инкорпорирани преку материјализација на смртта. Материјалноста на пејзажот е надополнета со перформативен чин на тркалање на шлемови низ брдо како симболика на отсечени глави во многуте апсурдни војни.
„Потребата да се вклопат сеќавањата без место во замислено или имагинарно место е потрага по морални лежишта и гледни точка.“[5]
Кадрите од мермерните рудници, кои се третата локација, места каде што се вади најубавиот бел прилепски мермер, се своевидни места на траума, на директна девастација и повредување на природата. Тектонските изместувања, стратиграфските промени, звучните „силувања“ од „откорнувањето на пејзажот“ претставуваат места на сеќавање, алузивна историска слоевитост и афективна седиментација на насилството сегашно, но и она од минатото. Овие кадри укажуваат генерално на едно трауматско искуство кое може да се распрсне во времето и просторот, распространето во заплетканите односи меѓу местата и луѓето.
Ова видеодело гледано во целина е визуелна манипулација на експресивен чин со пот-контексти со експлицитна и преносна јачина на изразот, која се постигнува со репетитивноста, преодите и со интензитетот на движечките слики, со менливите кадри на широкоаголниот приказ на дејството и со фокусирање на ненаметливиот и партитативен симболичен звук како детски џагор, „тркалање“ на шлемовите, тресок од паѓање на мермерен блок, за уште понагласена афективност…
Наместо заклучок
Што значи да се постави ранетиот пејзаж како архива на историски повреди и како оваа поетика на просторно сведочење функционира како начин на геополитичка критика?
Проектот „Landscape Experience“ предоминантно се занимава со причините и апсурдите на човековата егзистенција, со убавото и грдото, со кризата на духот, но исто така се занимава и со доминацијата на капиталот, колонијалните политики, идеологиите и технологијата кои влијаат врз разобличувањето на рамнотежата на човекот, живиот свет и природната средина во екосистемот. Овој мултинаративен транстактичен проект на тандемот Јанкулоски-Мотеска на критичко-дискурзивен начин укажува на опасностите што демнеат доколку не се преземат сериозни системски чекори за совладување на најголемите предизвици на Антропоценот, кои се и данок на капитализмот и политиките на власт, како неконтролираната злоупотреба на природните ресурси на планетата Земја во форма на безумни војни (експлицитни или имплицитни, реални или психолошки, физички или хемиски) за нечии идеали, во кои жртви сме сите, а најмногу најмалите, невините и идеалистите. Може ли убавото да биде истовремено и подмолно грдо, естетското да стане слуга на злото, но со намера да го изнајде вистинскиот пат за да стане опомена? Сите овие прашања, со преиспитување на тезата за баналноста на злото, се наоѓаат во проектот „Landscape Experience“.
И за крај, интерпретирајќи стих од песна на Френк Запа, може да заклучиме дека „најгрдиот дел од човековото тело не е носот, ниту прстите, туку ‘мозокот’“ кој доведува до парадоксалност на човековата егзистенција.
[4] Под „преостаната ранливост“ се подразбира искуството на телесното и еколошкото ранување што сведочи за привременоста на историската повреда.
[5] Ulrich Baer, “To Give Memory a Place: Contemporary Holocaust Photography and the Landscape Tradition”, in Spectral Evidence: The Photography of Trauma (Cambridge, MA: MIT Press, 2005), 83.