Парадоксалноста на човештвото

/, Галерија, Блесок бр. 150/Парадоксалноста на човештвото

Парадоксалноста на човештвото

Теоретизирајќи

„Човекот е единственото суштество што свесно се однесува спрема своето постоење“, а во контекст на филозофијата на егзистенција ако продолжиме со Сартровото размислување за слободата на човекот во смисла на личен избор, бирање можности и преземање одговорност за случувањата и ризикот за своето постоење, се извлекува заклучокот или контрадикцијата за бесмисленоста или апсурдот на човековата егзистенција, што честопати и во многу примери низ историјата на човештвото се потврдува.

Суштинско надоврзување на теоријата на егзистенцијализмот и неговиот апсурд е навлегување во релевантноста на опонентноста ДОБРО-ЗЛО. Многубројни научници, филозофи, теоретичари, теолози, психолози, биолози се обидувале да навлезат во суштината на оваа дихотомија и дали, всушност, ги носиме двата дела од „јаболкото“ во нас по природата на нашето суштествување. Која страна од двовалентната целост ќе превагне, зависи од менталниот и психофизичкиот состав на нашиот ум, но и во голема мера од опкружувањето, т.е. од социо-политичкиот систем кој свесно или несвесно го премостува „кабелот“ и од моралните и етички новородени индивидуи креира „монструми“ подготвени да уништуваат, убиваат, војуваат, да вршат геноцид. „Човекот, пред сè, постои, се среќава со себе, се издигнува во светот – а потоа се дефинира себеси.“[1] Ова дефинирање на самиот себеси, доколку е во конфронтација со светот околу себе, го проицира концептот за апсурдноста на егзистенцијата, од друга страна.[2]

Уште една платформа, која круцијално се поврзува со поводот за овој есеј, е кованицата „парадоксална грдост“ која се однесува на естетиката на грдото, злото, непријатното. Естетиката, како збор, во својата етимологија се поврзува со убавото и со пријатните чувства. Опоненција на убавото е грдото, кое како естетска категорија, во согласност со дихотомијата, би предизвикало непријатни чувства, болка, страдање, а како естетска вредност би било безвредно и неважно. Но, во современата уметност и современата естетика, всушност, не е така, т.е. уште Карл Розенкранц ѝ дава посебно место на естетиката на грдото како засебна вредност и значење, кое ја слави „убавината“ на, ајде да не го употребиме зборот грд, поинаков автономен начин. Оттука таа не се занимава со чистата формалност туку со подлабоки концептуални и интелектуални значења. „Не можеме да ја гледаме убавината како невина“, пишува филозофот Кетлин Мари Хигинс, кога „возвишениот сјај на облакот како печурка го придружува моралното зло.“ Дебатите добиваат на сила како што светот се менува, додека значењата „убаво“ и „грдо“ се лизгаат и се поместуваат. Виктор Иго понудил интересен поглед на грдоста кога напишал дека „убавото“ е „само формата што се разгледува во нејзиниот наједноставен аспект“, додека „грдото“ е „детаљ од големата целина што ни бега и која е во хармонија не со човекот туку со целото создание“.

Траумата и ранетите пејзажи; за „Landscape Experience

Ако духовите го изместуваат времето, тогаш пејзажот го мери времето. Пејзажот е запис на времето – тој ја содржи историјата и ја „памети“ нејзината материјалност.

–– Патриција Келер, Обездушени пејзажи  

Почетните размисли за суштествените теориски основи на релација егзистенција, апсурд, добро-зло, убаво-грдо… се вовед во мошне комплексниот визуелен и идеен контекст на мултимедијалниот проект „Landscape Experience“ на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска, национален репрезент на престижното 59. Венециско биенале. „Landscape Experience“  вклучува повеќе медиумско-медијациски платформи како видеоинсталации, објекти и фотографии. Напуштените, опустошени и ранети пејзажи, ставени во нов контекст, со нови слоеви на значенска и дискурзивна транскрипција лежат во базисот на проектот. И во своето досегашно творештво овие двајца автори во бројни независни проекти, на разновидни начини, ја актуализирале проблематиката на „повредените пејзажи“, обидувајќи се со естетиката и поетиката на убавото да ги изразат сопствениот револт и крик против општествената неодговорност и хегемонистичките политики на власт, кои не се занимаваат со јавното добро, туку користејќи ги параметрите на грдото, нечовечното, злото, завидното, невкусното, уништуваат природа, средина, жив свет, загадуваат воздух, но и убиваат, креираат војни или создаваат механизми и помагала за масовни геноциди. Споделените искуства за ранливоста се синоним за секојдневната реалност и начин на естетска експресија.


[1] Jean-Paul Sartre. “Existentialism is a Humanism, Jean-Paul Sartre 1946”. Marxists.org. Retrieved 2010-03-08.

[2] Wartenberg, Thomas (2009). Existentialism: A Beginner’s Guide. Oxford: One World. ISBN 9781780740201.

АвторАна Франговска
2023-06-08T11:48:49+00:00 јуни 6th, 2023|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 150|