КОПЕР
Живеевме во Копер. Во една од двете кули над пристаништето. Повисоката беше во розова боја, ја нарекуваа Томосова кула. Веројатно затоа што во повеќето од становите живееја работници од фабриката за мотори. А мене ми беше најбитно само тоа што во неа живееше мојата соученичка од прво одделение, чиј татко беше во затвор. Барем така велеше мојата мајка. Ние живеевме во кулата со виолетова боја. Бидејќи беше прилично пониска, ние ја нарекувавме зграда. До ден-денес се сеќавам на адресата. Музејски плоштад 4. Покрај зградата беше поштата, а од другата страна на улицата беше моето основно училиште. Колку што знам, од неодамна ја имаат срушено. На нејзино место изградија катна гаража. Сега не знам каде се наоѓа основното училиште, ако е уште таму и ако уште се вика „Јанко Премрл Војко“ и ако пред него сѐ уште стои неговата биста. Тогаш, во времето кога уште бевме деца и си игравме пред зграда и кога на шест години сами одевме до градот без да знаат нашите родители каде сме и поради тоа воопшто не ни беше грижа, тогаш бевме главни. Се враќавме дома кога почнуваше да се стемнува. Тоа беше единственото правило до кое требаше да се придржуваме. Родителите секогаш стоеја најмногу двесте метри од нас, не беа секогаш нервозни и не нѐ држеа постојано за раце и моравме да внимаваме на автомобилите, кои можеа веднаш да нѐ прегазат. Бевме слободни. Со сестра ми, која имаше речиси четири години, одевме на градската плажа, таму си игравме во морето, фрлавме школки на дното и нуркавме. Кога мајка ми ќе го зготвеше ручекот, на балконот од нашиот стан на осмиот кат, обесуваше црвена крпа со сини риби и кога ќе ја здогледавме, знаевме дека мора да си одиме.
Во тоа време имав пет или шест години и имав тројца пријатели. Тоа беа Марко, Горазд и Давид. Сите живееја во Копер и бевме заедно уште од градинка. Се сеќавам дека Давид имаше долга коса, што беше незамисливо во тоа време. Еден ден ја видов неговата мајка како плаче. Таа стоеше пред малото училиште, го држеше Давид за рака и плачеше. Следниот ден Давид дојде во училиште со истрижана коса. Тој не беше лошо расположен и ниту еднаш не ја спомна фризурата. Кога попладнето дојде да го бара мајка му, забележав дека таа повторно плаче. Го галеше по кратко потстрижаната коса и вилицата ѝ се тресеше. Многу години подоцна дознав дека сакала да има ќерка. Се разбира, како дете никогаш не ми се чинеше чудно тоа што Давид секогаш носи алишта во нежно пастелни бои. До денес многу добро се сеќавам на неговата розова маица со малечко девојче што седи на нокшир, а во раката држи букет цвеќе. Толку добро се сеќавам на тоа само затоа што лудо посакував да имам иста таква маица, а тој не сакаше да ја смени ниту за мојата морнарска маица и згора на тоа и за уште пет големи џамлии што му ги нудев. Сега знам зошто секогаш беше толку убаво облечен. Во споредба со него, Марко, Горазд и јас бевме обични битанги. Од друга страна, Марко имаше нешто што сите навистина сакавме да го имаме. Најмногу, најмногу од сѐ. Имаше најголемо, но навистина најголемо и воопшто најдобро куче во градот. Се викаше Џеки и беше од расата на бернардинци. Марко живееше со баба му, која имаше ресторан од другата страна на улицата, спроти нашата зграда и Џеки секогаш доаѓаше до оградата од задната страна на дворот, за да можеме да го галиме по разбушавените влакна. Кога поминував покрај оградата со моите родители, го довикував и кога ќе се доближеше до оградата и ќе ми дозволеше да го погалам, гордо погледнував кон родителите дали забележуваат колку сум „кул“ што можам да го галам најголемото куче во градот.
„Џеки, Џеки, мирен Џеки!“
И тргнував пред нив по Чевларската улица како некаков мал паун. Горазд живееше во една од старите куќи во близина на морето. Во малата градина пред влезната врата имаше два велосипеда без помошни тркала. И кога одевме на прошетка покрај морето, поминувавме покрај неговата куќа, моите родители секогаш застануваа и разговараа со неговата мајка, а јас зјапав во тие велосипеди како да беа од злато. Секогаш имав чувство дека моите родители многу ја сакаат мајката на Горазд. Инаку, таа никогаш не доаѓаше со нас на прошетка, а сепак со неа разговараа со часови. И со неа долго се смееја, а со бабата на Марко или со мајката на Давид никогаш ништо не разговараа. Тогаш зборот образование ништо не ми значеше. Колку што знам, на возрасните им беше важно тоа што мајката на Горазд работеше како судијка во Пиран, а не тоа што мајката на Давид продаваше чевли во продавницата „Борово“ на Кидричевата улица или тоа што бабата на Марко секоја среда послужуваше полнети пиперки и секој петок похувани сардини во Траторија. Покрај тоа, што можеше да биде поважно од сето ова кога еден ден добив нов велосипед. Црвен со бели точки и ленти на рачките, кои се вееја додека го возев. Инаку, имаше и помошни тркала, но татко ми набргу ми ги извади, така што потоа се возев како и возрасните. Ама со негова помош, но сеедно ми беше. Вежбавме на улицата меѓу Таверната, која тогаш уште беше ресторан и полицијата. Мајка ми пиеше кафе во „Компас“ и нѐ гледаше. Секојпат кога ќе паднев, таа бргу стануваше, но татко ми веќе ѝ покажуваше со раката пак да седне и дека сѐ е во ред со мене. И онака моите колена беа како една голема рана. Исто така, речиси до шесто одделение и на лактите имав рани. Тоа никогаш не ми пречеше. Во суштина не му пречеше никому, освен на мојата баба Павла, која живееше во Љубљана и зборуваше дека на девојчињата не им доликува да имаат рани како момчињата. Девојчињата треба да си играат игри за девојчиња, како што се, на пример, готвење и слично, а не да се качуваат по дрва и потоа да се целите извалкани. И навистина, во училиште имавме некакво готварско катче, каде што моите соученички демек се преправаа дека се некакви дами, кои приготвуваа чаеви за своите пријателки и вареа кафе и печеа колачиња. Јас никогаш не им се доближував, ниту, пак, тие ме покануваа да си играм со нив. Со Горазд и Давид се јазевме по лулашките и воопшто не ми беше грижа за времето поминато со чај и слични работи, кои би требало да ги интересираат малите девојчиња. И кога со новиот велосипед научив да возам без помошни тркала, тогаш бев најсреќното дете под сонцето. Кога некој од повозрасните ќе ме видеше и ќе ме пофалеше, како на пример, полицаецот Ѕвездан, кој мама го познаваше, тогаш почнував да возам побргу и се тркав, тркав, а потоа бев многу задишана и целата црвена во лицето.