(кон „Во главата слушам песна (лирски рефрени)“ од Елизабета Баковска,
Скопје: Или-или, 2020)
Збирката раскази „Во главата слушам песна“ од писателката Елизабета Баковска има поднаслов лирски рефрени. Секој од овие куси раскази завршува со име на песна и нејзиниот изведувач, во исклучително широк распон на музички жанрови, стилови и исполнители, од Бапчорки, Васка Илиева, Диме Поповски, Ана Костовска и Мизар, преку Боба Стефановиќ, Мери Цетиниќ и Хаустор, па сѐ до Офра Хаза, Дејвид Боуви, Јан Гарбарек и Бах. И секоја од овие песни прави директна асоцијација со некоја ситуација или емоција претходно опишана во расказот и секоја од нив очигледно има свое емотивно место во животната плеј-листа на авторката. Можеби Баковска не станала дел од училишниот хор, можеби понекогаш фалшира додека му пее приспивни песни на своето дете, но тоа не ја спречува музиката постојано да ги привикува спомените и „парченцата сеќавања, траги од нашите животи што можеби ќе ги споделиме со некого пред темелно да ги избришеме“ (Баковска, 2020: Траги од иднината[1]).
Секоја песна која Баковска ја слуша во главата е всушност носталгичен флеш-бек на настан од подалечното или неодамнешното минато, случајна или смислена, рефлексивна или емотивна врска која ги спојува нарацијата и музиката во силна симбиоза. Во неа истовремено се испреплетуваат времињата и гледните точки, па „возрасната нараторка во прво лице се сеќава на некој настан од минатото и го прикажува низ двојна перспектива – онака како што го доживеала кога била дете и онака како што го гледа како возрасна, од сегашна перспектива, кога ги сфаќа сите значења и импликации што биле присутни уште тогаш одамна, но кои девојчето не умеело да ги препознае“ (Малеска, 2020: Немирни сеќавања со траги од сегашноста).
Случките украдени од сопствената меморија на Баковска ѝ служат првенствено за евоцирање на детските денови како извор и на радости и на стравови, но и како присутни траги кои го детерминираат целиот живот. За тие сеќавања кои за разлика од татковите кошули се немирни и нестрпливи, авторката ни вели: „Немам сила да ги редам, немам волја да ги смирувам. Не можам да ги кријам од светот, ги покажувам, ги изложувам со искреност што понекогаш ти се чини непотребна. Ги оставам така стихијно, како деца на голем одмор, да ми се втурнат низ ходниците на мозочните врвици и да ме соборат. Никогаш не изградив мавзолеј, никогаш не наследив ниеден семеен занает. Ги имам само овие чевлиња од зборови. Обујте се пред да излезете! – им викам на сеќавањата, а тие само понекогаш ќе ме послушаат (Баковска, 2020: Сеќавања).
Но, иако овие чевлиња се бескрајно лични, натопени со капки љубов од иста крвна група кои ја бојат поинаку секоја индивидуална човечка приказна, со сите ситни, навидум небитни детали кои потврдуваат дека баш овие сеќавања се посебни и само нејзини, Елизабета Баковска, всушност, ја раскажува универзалната приказна на човек кој се соочува со смртта на родителите, но и со минливоста и смислата на животот воопшто, со самотијата и тагата која нѐ начекува неподготвени, со распуканата реалност и мачнината во душата која останува засекогаш во нас во мигот кога престануваме да бидеме нечие дете. „Понекогаш ме прашуваш што е смрт. Не знам. Се трудев да ја разберам, но јас бев само беспомошен сведок на нејзината плима“ (Баковска, 2020: Смрт). И притоа мајсторството на авторката е особено видливо во начинот на кој оваа толку сложена емотивна клацкалка ја слика без видлива патетика и претерана сентименталност, па сепак и низ таа рационализација на зборовите и грижлива селекција на асоцијациите суптилно избива нејзината длабока сетилност.
„Кратките раскази (кратки кратки раскази, микрораскази или микрофикција, како што би можеле да се наречат) во збирката ‘Во главата слушам песна’ (лирски рефрени) – внимателно структурирани, уметнички ефективни и емотивно топли – издвојуваат значајни лични моменти од животот на авторката и откриваат аспекти и односи што обично се затскриени или чии импликации не се видливи сè додека самите раскази не ги откријат нивните потенцијални значења, низ креативните слики на Баковска“ (Малеска, 2020: Немирни сеќавања со траги од сегашноста). Тоа овозможува лесна идентификација со опишаните „минливи мигови“ дури и ако не се нималку налик на вашата реалност и можност секој читател да почувствува некаква поврзаност и блискост со приказните на авторката, и со училишните приредби и со вошките, но и со стравот од заборавот и сите мостови што ги градиме или рушиме меѓу нас и саканите. Деликатните емотивни состојби преточени во реалните описи на атмосферата не само што имаат способност убедливо да допираат суштински теми, туку и да провоцираат самоанализа на нашите сопствени животни избори и длабоко понирање во лавиринтите на нашите души.
Книгата не е нумерирана, па при цитирањето ги користам насловите на расказите.