Поезија – Богомил Ѓузел

/, Литература, Блесок бр. 137/Поезија – Богомил Ѓузел

Поезија – Богомил Ѓузел

Троја
Потоп во Интернационалната програма за пишување, Ајова Сити
Професионален поет
Пофалба на каменот
Пролет во апокалипса
Видение
Второ пришествие
Еретик Богомил
Отуѓен дома, задомен во туѓина
Рушејќи го ѕидот
Орелот на Прометеј
Остров на копно
По потопот, пак тие
Крај на векот


Пролет во апокалипса

 

1.

 

Војната доаѓа со снег наместо крв

на сонцето свадбени значки

закитени

Потиснати под нас

ѕвездите колнат

Полето се распостила послушно

Свадба ли е или војна

Пролетна војна

Но никој не се бие

Предавство

Останувам јас само војник

да мреам

Полето преминува преку мене.

 

 

2.

 

Шибјето отстрана напаѓаат

никаде никој под ова сонце

кој знае каде е човекот

се разединил

животински смев од сто грла

мртви и живи

Земјата изделкана од триста черепи

не личи на себе

се здивила како жена без плод

засемена само со топлина

рожбата ќе биде сонце ако се роди

 

Луѓето се борат за тронот

сонцето што го има

Досега е сонцето

но ќе постават нов пес што ’ржи

 

Заминувам

ме следат јуродивци

опашести

Бикот од апокалипса

ќе пробие во куќите

и ќе нè понесе сите на роговите

прободени.

 

 

3.

 

Заспиваме двоен сон

еден ние

друг нашите мошти

земјата што ги исфрлила

Нема место за трет

ни на сон

Јавата е протерана како блудница

Околу нас кружат сенките

како трапови.

 

 

4.

 

Пустините свират

тапаните изгазени

преминале војските или сватовите

останале гајдите одвај да дишат

Една по една

и пустиите гинат

Најлична ми останала тишината.

АвторБогомил Ѓузел
2021-06-02T19:51:42+00:00 мај 31st, 2021|Categories: Поезија, Литература, Блесок бр. 137|