Поезија – Богомил Ѓузел

/, Литература, Блесок бр. 137/Поезија – Богомил Ѓузел

Поезија – Богомил Ѓузел

Троја
Потоп во Интернационалната програма за пишување, Ајова Сити
Професионален поет
Пофалба на каменот
Пролет во апокалипса
Видение
Второ пришествие
Еретик Богомил
Отуѓен дома, задомен во туѓина
Рушејќи го ѕидот
Орелот на Прометеј
Остров на копно
По потопот, пак тие
Крај на векот


Потоп во Интернационалната програма за пишување, Ајова Сити

 

Откако небото заплака

еве веќе 31-ви ден како не излегувам –

земјата сега мора да фаќа со клешти

и во штипките да и’ остануваат партали месо.

 

Се замислувам себеси на таква клапкалка, што ако

на едната страна падне и атом (а не пак бомба)

мене другата страна да ме катапултира

право во факот на Балканот.

 

Ќе се претвориме ли во божје око

што виси по воздух ко семафор

и, намигајќи, управува со сообраќајот на народите?

 

Засега сум само алчно око што на терезијата

тежи повеќе од светот.

 

Лифтот во Аркава почна да откажува

и катовите не можат да ги додржат своите жители:

на првиот инсектите се претворија во неврони

што ги загубиле своите сопственици,

на вториот влекачите се проголтуваат меѓу себе

и прават синџир што ги губи алките,

на третиот вегетаријанците урликајќи од глад

ги пустошат фрижидерите,

на четвртиот цветовите-месојади

се думаат како да го изедат бога,

на петтиот – проговорувајќи македонски –

ги замешав јазиците до непрепознавање…

 

Секој стих потонува ко олово

а би требало да знае да плива

и да скока низ обрач ко истрениран делфин.

Тежок сум на зборовите пердувести –

глаголот треба да е вечно напнат пенис

што ќе удира но и ќе гали,

придавката мора да се плази,

именката да е сексуална двоцевка,

сврзникот универзален калауз…

 

Небото не е веќе размазено лапе

туку ламја што липа, олуците не само

што гргорат туку прават гаргара

каналите станаа подземни Мисисипи.

 

Зборовите не можат повеќе да нè сварат –

скарани од нас тие сега меѓусебе се дават,

јазиците им се испреплетуваат и кинат

од желба да ни кажат многу што

но пелтечави неми лигави идиоти

 

место тоа водат љубов со виножитото.

АвторБогомил Ѓузел
2021-06-02T19:51:42+00:00 мај 31st, 2021|Categories: Поезија, Литература, Блесок бр. 137|