Поезија – Богомил Ѓузел

/, Литература, Блесок бр. 137/Поезија – Богомил Ѓузел

Поезија – Богомил Ѓузел

Троја
Потоп во Интернационалната програма за пишување, Ајова Сити
Професионален поет
Пофалба на каменот
Пролет во апокалипса
Видение
Второ пришествие
Еретик Богомил
Отуѓен дома, задомен во туѓина
Рушејќи го ѕидот
Орелот на Прометеј
Остров на копно
По потопот, пак тие
Крај на векот


Рушејќи го ѕидот

Има ли тулата смисла
при рушењето?
Има.
Како пречка, како отпор
да си ја задржи бившата смисла
во реченицата од редот други тули
во страницата од ѕидот

Чеканот како машината за пишување
ја дупчи хартијата – ѕид
и буквите испаѓаат од другата страна
сосема неразбирливи, испокршени
дури и кога е една единствена буква
првата буква од азбуката
апсолутот на А

Најбрзиот начин за рушење е
да се избијат тулите А
без кои не може ниеден ѕид
ниедна градба

со нив потем да се појде во пустина
да се изгради пирамида
што ќе зарика громко и остро А
од основата дур до врвот
за да го чујат ѕвездите
да попаѓаат сите градби
да се избијат сите букви
да се изнамножат до бескрај
ниедна да не личи на друга

Само така ќе се преуреди говорот
само така ќе се пре-строи светот
само така можеби ќе се напише нова песна

Вака ми останува само заморот во мускулите
сувата прав в грло
и избиените тули

главите на тие
што удирале со главата во ѕидот
и што сè уште лелекаат од чеканот

и главата сопствена –
рушејќи го ѕидот
се сруши-
в и Ј-А-С

АвторБогомил Ѓузел
2021-06-02T19:51:42+00:00 мај 31st, 2021|Categories: Поезија, Литература, Блесок бр. 137|