Македонскиот поет Богомил Ѓузел фигурира како еден од првите и најдоследните пренесувачи на поетските теории и практики на многу англосаксонски поети, меѓу кои се истакнуваат Т. С. Елиот, В. Б. Јејтс и Езра Паунд. Тој во 1960-тите години преведува есеи и песни од овие автори, но и самиот пишува свои огледи за нивната поетика. Од хронолошки аспект, интересно е да се напомне дека песната „Геронтион“ од Т. С. Елиот првпат била препеана на македонски јазик во 1960 година од страна на Ѓузел, во првиот број на списанието „Разгледи“. Но контактот на Ѓузел со овие автори не застанува само на поле на преводи, туку тој преминува во критичка рецепција во самиот негов поетски, и помалку обемниот есеистички, опус. Повеќето проследувачи на неговото дело ги забележуваат овие проникнувања, особено по појавувањето на збирката Алхемиска ружа во 1963 година и нејзините „Белешки“ кон песните, кои неминовно асоцираат на белешките на Елиот кон поемата „Пуста земја“. Иако Ѓузел во својот критичко-поетски опус вмрежува поетики од сите горенаведени автори, има нешто што особено ја нагласува како предоминантна неговата склоност кон Англо-Aмериканецот Т. С. Елиот. Тоа се најнапред многуте заеднички нишки во нивните поетики: значењето на историјата и на минатото, нивното актуализирање и општење со сегашноста (па и со поетовата реалност), свртување кон архетипите на меморијата, антисентиментализмот и антиромантизмот во поезијата, дистанцирањето на поетскиот субјект од авторот на песната, изнедрување на емоцијата во поезијата низ сликите што се претставуваат често со шокантен израз што ги надминува границите на реалното, потоа и прокламираниот интелектуализам, херметичност на поезијата (тешка поезија). Ова е особено видливо во Белешките во Алхемиска ружа (односно во „напомената“ пред белешките), каде што Ѓузел ја исклучува „илузијата на апсолутната оригиналност“ и зборува за општењето на еден поет со светот, односно поетското искуство и „светот на некои надворешни искуства“, под што тој ги опфаќа и светот на книжевноста и општеството во кое поетот твори. Се разбира, и Ѓузел се залага за „одреден позитивно-негативен однос кон традицијата“, односно критички, што резонира со Елиотовата идеја за традицијата, која не може да се „голтне како збрложено таблетиште“. Во контекст на авторовата оригиналност, односно „новината“ во книжевноста, и Ѓузел, како и Елиот, вели дека оригиналноста не треба да се бара присилно, небаре од зазор оти тоа не води задолжително кон квалитет, туку знае да доведе до „дезинтеграција“ на сензибилитетот на поетот. Овие идеи кај Ѓузел се среќаваат уште од манифестот што во коавторство со Радован Павловски го објавува во 1960 година, а во кој се залагаат за едно обмислување на епот во македонски рамки, епот што се раѓа од минатото/меморијата на народот, а не од историјата (Ѓузел секогаш прави реска разлика помеѓу конструираната историја и неизбежното минато), епот што е „личен и општествен, т.е. обележје на едно време“, епот во кој современиот херој – поетот, обичниот човек – низ своевидна разградба на моделот на епот, ќе мора да се (из)бори за своите проблеми, за својата современост, за преиспитување „стари вредности што треба да се проверат“.
Ѓузел важи за многустран и сложен поет, подеднакво македонски колку и странски, подеднакво автобиографски колку и универзален, па затоа е тешко да се одберат две песни што можат доследно да се споредат. Сепак, целта на оваа кратка компарација на поетиките на двајцата автори има за цел да покаже дека токму сензибилитетот на Ѓузел е најблизок со оној на Елиот, односно тоа е рамката на неговата поезија бидејќи му дозволува потоа да прима и да обработува секакви импулси. Оттаму произлезе и изборот на „Геронтион“ и на „Болен Дојчин“ – две песни што ќе ни овозможат да испитаме како функционираат поетиките на двајцата автори и притоа да прикажеме и еден мошне значаен аспект од нивното творештво без да се фатиме во стапицата на бркање извори и определување видови цитатност во песните.