(за графичката микропроза на Перо Георгиев)
Она што го работи Перо Георгиев и што многумина нѐ освои првин на социјалните мрежи, потоа се прошири и на други нешта (на корици на книги, да речеме), а до крајот на 2020 година го очекуваме да излезе и како авторска книга во издание на „Или-или“, може да се дефинира како графичка микропроза, со ретка, радикална редукција на зборовното сѐ до нема графичка нарација. Линијата на Георгиев е говорлива, прикажлива,.. таа најчесто и највешто „раскажува“ поткрепена или потпомогната со малку зборови, понекогаш и со само еден или дури и со ниеден збор. Немо.
Контекст
Во време на засилена актуелност на т.н. графички романи, Георгиев создал една своја, автентична творечка форма – графичка микропроза. Синтетичката литературна форма која го соединува текстот со сликата; зборот со линијата; нарацијата со цртежот се нарекува графички роман уште од 1977 година. Формулацијата, која веднаш стана и жанровска одредница, прв ја употребил Вил Ајзнер, американски стрип-цртач, веројатно затоа што зборот „стрип“ веќе не можел да го објасни и да го опфати она што тој го сакал и го работел. Графичкиот роман стапува на тронот на жанровите десетина година подоцна, поточно 1992 година, кога едно токму такво дело ја добива Пулицеровата награда. Станува збор за култниот биографски графички роман за холокаустот на Арт Шпигелман – „Маус“, неодамна преведен и на македонски јазик (во издание на Темплум) и тоа го сметам како вистински момент, воспоставување некаков идеален контекст за појавувањето и на микропрозата на Георгиев. .
Она што сака да го направи графичкиот роман со текстот и цртежот е истото она што го прави и Перо Георгиев, со тоа што текстот во конкретниов случај (најчесто) е микропроза; книжевна дескрипција на она што се гледа или книжевно упатство за она што треба да се направи/напише за да се гледа. Претпоставувам дека симбиозите на Георгиев не се правени секогаш од едното кон другото, туку дека постапките се менувале и се преплетувале. Претпоставувам, исто така, дека не секогаш биле првин цртежите, потоа текстовите; ниту пак, обратното – првин текстовите, па цртежите. Но, за да се постигне ваков степен на кохерентност, симбиозата мора да се одвивала низ најразлични процеси, блиски и различни од едната целина до другата.
Двата краја на светот, машкиот и женскиот
„Животот на смртта“, како што навести Перо Георгиев дека ќе се вика неговата прва книга, самиот по себе е еден од поинтересните наслови на кои сум наишла во поновата тековна издавачка продукција. Во контекст пак, на „содржината“ којашто ја крие / ја носи во себе, насловот е во совршена корелација и со неа. Насловувањето на нештата, понекогаш, како во овој случај, е и нивно најдобро дефинирање.
Рамката на она што го работи Георгиев, независно дали тоа е собрано во книга или не, е мошне прецизно поставена во творечки блокови, аспекти или конкретни целини, циклуси. Тоа се прецизни јадра на ова впечатливо создавање. Независно од тоа како ќе бидат организирани (дообликувани, надополнети) во „Животот на смртта“, тие веќе се предефинирани: „Себерез“, „Свет“, „Лица“, „Град“… Во „Себерез“ е веќе обликуван главниот ликов поларитет – бабата и дедото; машката и женската страна на светот. Зашто Георгиев светот го гледа, го пишува и го црта низ овие фиктивно обликувани обрасци / матрици на меморијата, трајноста, љубовта и постоењето – бабата и дедото. На тенката линија помеѓу можната биографичност и прецизно обмислената фикција со нагласка на мудрост и вечна љубов. За да се постигне лирски личен тон, Георгиев ја избрал присвојната форма на мудроста и на искуството, па бабата и дедото (двата краја на светот и на книгава!) ги пишува и ги црта како да се негови дедо и баба. Лиричноста на приказните и на цртежите одлично ја вдомила оваа идеја на авторот. „Свет“, „Лица“, „Град“,.. се продолжетоци, имплементации на „Себерез“ врз светот околу нив, околу нас.
Перо Георгиев е и добар раскажувач, сосем независно од цртежите и од визуелната компактност. Напати со раскошен, а минималистички наратив, напати со наклонетост кон сентенцата. Издвојувам неколку негови фрази како покази за раскошната нарација:
- „Баба ми живееше повеќе во очите на дедо ми отколку во нејзиниот фустан“;
- „Се плашеше, ама немаше омилен страв“;
- „Баба ми ги слушаше капките од дождот и го штимаше својот глас“;
- „Студено и топло, високо и ниско, лево и десно, горе и долу, темно и светло, Кирил и Методиј“… (Последново е одличен пример за зеугматско набројување, за низа од контрасти во која упаѓа едно сосем поинакво двојство, според познатата реторичка фигура – зеугма. Вакви творечки „маневри“ се мошне ретки и во сериозни и искусни творечки писма.)
Или, како покази за наклонетоста кон сентенците:
- „Единствениот пат до спокот е неспокојот“;
- „Нештото е некогаш поголемо од сѐ-то“;
- „На ситна прашинка корен пушташе“;
- „Што ќе се прави со толку многу живот“…
За да го нагласам поексплицитно беспрекорниот спој помеѓу текстот и цртежот, она што е срцето на ова творештво, ќе посочам и неколку совршени „поврзувања“:
- Гребеше по кората на дренот“ е претставено со цик-цак линијата во која завршува линијата на раката искршена во лакотот;
- „Грицкањето нокти“ е претставено како чешле устремено кон усните;
- „За баба ми времето не постоеше“ и цртежот со две клатна во кои завршуваат линиите на телото на бабата;
- „Сложни сестри куќа разнебитуваат“ и цртежот на две девојки со заедничко здолниште – превртена куќа…
Оксиморонот од насловот („Животот на смртта“) се провлекува и внатре, во самиот текст. Еве само еден пример за тоа: „Единствената вера во која дедо ми веруваше беше сомнежот“. (Ваквиот оксиморон е и раскошна нарација и сентенциозност во исто време.)
Понекогаш редукцијата на текстот, „книжевниот дел“, Георгиев го сведува само на еден збор. (Како „мајка“, на пример.) Но, тоа суверено си функционира на ниво на корелација со цртежот, така што воопшто не ги разнишува структурата и постапката во создавањето. Напротив, ги прави послободни, поинтересни и пошаренолики. Истово се однесува и на помалкуте поангажирани текстови-цртежи, ама тие претставуваат фина доза на актуелност која ѝ дава дополнителна продорност, дури и димензија на креацијата, не пречејќи ѝ ни најмалку.
Мошне интересни се и портретите, односно микропрозите и цртежите од циклусот „Лица“. Тука се Митко Хаџи Пулја, Минас Бакалчев, Владимир Георгиевски, Асанж, Горан Стефановски и многумина други.
Творештвото на Перо Георгиев (бездруго и неговата очекувана книга) има тројно значење: еднаш за него – за да ни се претстави како многу занимлив и свеж автор какви што нема многумина во нашата книжевна средина; вторпат за издавачот – зашто ги збогатува своите постојни едиции и третпат – за отворање на македонскиот книжевен контекст со гранични, хибридни синтези и поджанрови.
Ова ретко и несекојдневно создавање по мерка на многумина љубители на концентрираниот книжевен израз, на ликовното „нагости“ во книжевното, ама и обратното: на книжевното „нагости“ во ликовното, е вистинско освежување на поширокиот домашен творечки контекст.