Replay

Replay


Превод од германски: Елизабета Линднер

Се плашам од појави што не сум ги измислил самиот. И ова копито … На работ од креветот ѕирка од под покривката во темнината. Шубе ми е. Без да погледнам натаму го покривам, ја спуштам главата назад врз перницата и ги затворам очите, како дете кое си мисли, дека она што не го гледа и не постои. Тоа ме потсмирува. Иако сепак требаше да знам дека е лош предзнак.

Не сум будала. Розата е роза е роза е роза. Барем толку бев научил кај Матана. Знакот најпрвин не е ништо друго освен знак, упатство, патоказ, не е еднаков со она што го покажува. Знакот сам по себе е невин. Сам по себе не значи ништо и нема причина да се обеспокојувам само затоа што нешто е видливо.

Предзнак, пишано, судбина … Знам за што зборувам. Јас сум специјалист за знаци. Барем се сметам за таков, бидејќи уште многу рано започнав да барам знаци, да откривам знаци и да толкувам знаци.

Започна со играта „ако сега – тогаш“: ако сега колата на следната кривина скршне лево, тогаш ќе добијам сладолед. Ако оди на десно, тогаш нема. А ако вози право, тогаш ме чека нешто попримамливо што не се ни споредува. Мора само да бидам трпелив. А потоа трепкачот на задниот дел од колата засветка жолто – десно, а моите надежи беа веќе закопани под земја.

Од трепкањето на светлото од колата погледот се премести врз трепкањето на небото. Ѕвездите сигурно зборуваат. Кога рано попладне се враќав од училиште го вклучував телевизорот и менував програма на Дневен хороскоп и возбудено исчекував додека да го кажат мојот знак и да ги објават астролошките прогнози. Часот во кој се емитуваше емисијата беше од голема предност, бидејќи половината од денот беше веќе поминат. Доколку астрологијата го потврдуваше она што се случило, тоа значеше дека она што не се случило, дури сега ќе настапи. Доколку не постоеше никаква поврзаност меѓу хороскопот и денот, онаков каков што го имав доживеано до тој миг, тогаш сето тоа ми претстоеше, небаре мојот ден всушност и не беше започнал вистински. Какво треперење и исчекување, ех, ветувачки радости и страдања и неодлучности … Ѕвездите сигурно не лажат.

До ден денес не можам да отворам весник, а најпрвин да не побарам во содржината каде се наоѓа хороскопот. Доколку има хороскоп, но јас претпочитам списанија кои не се лишуваат од таква рубрика, не можам поинаку, освен повторно и повторно да отворам на таа страна и да се информирам за она што ме очекува. Пари, работа, љубов, сите можности, повремено дури и, доколку списанието го бива за нешто, тој беше обработен графички во форма на благо разбранувани линии, фази на мир, остри издигнувања, та дури и од самите шари, од линиите што се преплетуваа, од точките на пресекот и отклонот на кривите линии, може да се види каква склоност има следниот миг.

Малку подоцна дојдоа броевите, универзум за себе, бескрајни простори, сонца, планети и празнина, Небо и Земја, а среде сето тоа – едно непрекинато мрморење. Секој број имаше нешто да ми каже, често во облик на загатка, понекогаш дури и сосема некодирано. Човек мора да вежба, да ги наслушува пораките. Броевите не секогаш ја оддаваа својата вест без да фрлиш ждрепка.

Од самиот почеток се издвојуваа некои броеви, простите броеви на пример, тоа ми беа првите вежби. Потрагата по нив беше како лов на неделивото јадро на нештата. Ми се чинеа како да се таинствена, од своја страна бесконечна азбука од која се составуваа зборови и пораки.

Во тоа бев упатен, секако може така да се каже, за време на мојата настава по Бар-мицва. Моите родители немаа никаква врска со религија, затоа и речиси немав поим од ништо религиозно. Бог и неговите закони ми беа сеедно. Ама Бар-мицва мораше да се направи, барем заради забавата и подароците. Татко ми можеше да покаже што имаме, да направи големо шоу со стотина гости. Наставата не беше повеќе од предуслов со кој се добива пристап, еден вид влезен билет за забава и за благословот од подароците. Значи неколку месеци морав двапати неделно да одам на час по веронаука.Учителот ми беше намуртен старе

ц кој плукаше додека збореше и чиј здив од устата ми предизвикуваше гадење. Немам поим што му се случуваше со внатрешнината. Од ушите му растеа бели снопчиња четинести влакна, а јас не можев никако поинаку освен, кога седев спроти него, да зјапам во нив со некое чувство помеѓу гадење и фасцинација. Значи религијата, си мислев, смрди и бодликаво ти избувнува низ уши.Уште по првите две посети сè повеќе копнеев по денот на

забавата, затоа што тоa би значелo крај на ова мачење. Ќе излезам од опасната зона, нема да морам секоја вечер пред огледало панично да си ги прегледувам ушите и во присуство на други, речиси манијакално, да ја држам устата затворена или да мрморам низ заби, од страв дека религиозниот мирис и мене веќе ми се издигнува од внатрешнината.
Не, навистина не бев фан на ова подучување во божјите нешта. Во секој случај тоа се смени кога мојот учител ми откри дека хебрејските букви, кои безволно и со големи маки бев научил да ги разликувам една од друга, поседувале и бројни вредности, така што кога пред себе имав една од оние хебрејски книги со најмалку седум жигови, всушност зјапав во гигантски колони од цели броеви. Буквите од еден збор можеа да се собираат, а на тој начин можеше да им се влезе во трагата на скриени известувања, доколку се бараат зборови кои, до душа, означуваа сосема различни нешта, но заради соодветноста на нивните бројни вредности се чинеше алудираат на тоа, дека меѓу себе поседуваат некоја тајна врска, скриена сродност во значењето, која само требаше да се открие и која, во ова бев сигурен, содржеше некоја порака.
(Извадок, дел 1)

АвторБенјамин Штајн
2018-12-19T12:54:34+00:00 декември 21st, 2015|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 103-104|