In Medias Res

Си беше еднаш еден град во чиишто дуќани, кога некој ќе посакаше некому да му се јави, а тоа да не биде писмо со милозвучни зборови, никако не можеше да се најдат разгледници. Можеби токму поради тоа, туристите со фотоапарати околу вратот започнаа сè поретко да го посетуваат овој град. Откако ќе потрошеа метри и метри филм, тие првин ќе застанеа крај портата на џамијата кајшто се наоѓаше дуќанот на сега веќе покојниот чичко Ариф и ќе купеа разгледници. Потоа, на неколку странски јазици ќе напишеа изрази од типот „ јас сум добро“, „мислам на тебе“, „задутре се враќам“ или „искрени поздрави од Т.“. Всушност, и да најдеше човек разгледници, не сум сигурна дека ќе најдеше токму од оние со поглед врз стариот градски амам, чиишто тркалести прозорци и камени ѕидови се вгнездени во моето детско сеќавање како главен дел од градот. Ни самата не знам колку пати сум ги распрашувала постарите кои ме држеле за рака минувајќи покрај амамот што претсавува тоа чудно, неразбирливо, камено здание со ќошиња затворени со голем катанец. Одговорот беше краток и прост: „Амам“. Со тоа, колку да ми кажат дека не треба да чепкам понатаму, завршуваа сите објаснувања. Така ми ставаа до знаење дека за такви нешта не се зборува пред деца и дека има работи за коишто се молчи пред нив. Потпрена кај пармаците на мостот под којшто течеше спокојно реката, многу пати сум мислела дека токму таа ги знаеше тајните на стариот амам. Водите треба да ги знаат сите тајни на еден град. Постарите раскажуваа дека некогаш, водата на реката преку некои мали поточиња што ги нарекуваа бразди, течеше низ сите дворови на градските куќи. Минувајќи така, водата требаше да ги собере со себе сите истории на куќите, бидејќи нема куќа без историја за љубов, љубомора, пакост или мудрост. Имаше приказни и тогаш кога се затвораа портите и пенџерињата со катанци, за да не излезат во чаршија како муабети. Но тие истории не можеа да ги скријат од поточињата кои ги грабеа од куќните прагови за да ги истурат во реката која течеше покрај стариот амам.

Убавата Аска често минуваше покрај амамот за да ја посети тетка си, која живееше од другата страна на реката, во куќа на првиот сокак карши џамијата. Во касабата за неа велеа – блазеси му на оној среќник што ќе ја земе. Овие муабети што нејзината мајка ги слушаше од комшиката седејќи крај браздата во дворот пиејќи кафе со шеќер, допреа и до ушите на Аска. Така, Аска почна сé почесто да се гледа во огледало. Мајка ѝ ја беше забележала како таа со саати се облекуваше и се дотеруваше пред да ја посети болната тетка на другата страна на реката. Но за ова ни збор на мажот, Реџеп бег, бидејќи на мажите не им се кажуваат вакви работи, бидејќи, не-дај-боже да ги сфатат погрешно, ќе го превртеа светот. Сепак, одоколу на мажаси му стави до знаење дека на нивната ќерка ѝ дошло времето за мажачка. Реџеп бег ја прекина кратко со еден турски израз од Истанбул: „ренги ренгине, денги денгине“, што значеше „бојата ќе бојоса а денгот ќе го зема денгот, уште ниедна беговска куќа не ми ја побарала ќерката за невеста“. Таа му го донесе кафето без шеќер и со тоа заврши муабетот.
Кога Аска требаше да замине на другата страна на градот, си ги плетеше своите коси во опавче над белиот врат, го облекуваше фустанот од басма со цветови и ќе ја фрлаше наметката од италијанска свила. И пред да го одмине, ќе погледнеше накај амамот, со надеж дека вратата ќе биде отворена и ќе здогледа нешто внатре. Сепак не. Нејзината женска љубопитност не можеше да ја отвори вратата на амамот. И остануваше само да го мине вториот дел од патот, размислувајќи за тоа куполесто здание и да си ги замислува работите кои се наоѓаат во него. Беше изнаслушала многу нешта, но без сомнение многу поинаку изгледаше одвнатре. Тоа беше место кое го делеше животот на жените од градот, во дел на жените и дел на момите, таму кадешто момите ги подготвуваа за првата невестинска ноќ. Нешто мистериозно се случуваше таа ноќ. Следниот ден по таа ноќ, сé се менуваше во погледот на младите невести. Очите, истовремено им стануваа мечтателни и меланхолични. Тие престануваа да бидат зборлести девојки и само за една ноќ стануваа неми жени кои ги мереа зборовите дваесет пати пред да ги изустат. Аска често пати зборуваше со своите другарки за тоа што се случува таа ноќ. Верените другарки ѝ ветуваа дека ќе ѝ раскажат за доживувањата од таа ноќ. Но сите, безмалку сите, веќе следниот ден ќе заборавеа на дадениот збор и како да сакаа да се сокријат зад нивните студени погледи.
Така, таа ноќ остануваше да се создаде во фантазијата на секоја од девојките посебно. За време на посетите на тетка ѝ, Аска беше го забележала помошникот на продавачот на ткаенини. Во главата ѝ беше поминала помислата каква би изгледала ноќта со тоа високо момче со очи како грозје, но набрзо ќе ги одвееше мислите од тие нешта. Имаше впечаток дека и момчето сфатило каква улога му доделила таа во ноќта на животот и со неговите очи правеше да ѝ паѓа свилениот чаршаф од главата, откривајќи ги нејзините коси како печени костени во ноември. Но од топлите погледи кои ја разгоруваа надежта за најразличните варианти за градење на животот, немаше многу фајде. Животот на момите на овој град се градеше многу поинаку и не се одредуваше од истурениот мед во скришните погледи.
Треба да се каже дека секој ден се правеа муабети за мажачки на момите. За ова Емине ханума четири пати беше отидена на кафе кај мајка ѝ на Аска. И, по многу двоумење, и натегање петтиот пат, одлучи да и каже дека Вели бег ја бара ќерка ѝ за снаа. Мајка ѝ на Аска, како бегова жена, се воздржа. Тивко изусти дека Вели бег е во поодминати години и дека веќе со години живее со својата ханума. Тоа што тие немаат деца е божја воља, а не човекова, рече ханумата на Реџеп бег и со тоа го заврши разговорот. И со тоа ќе завршеше оваа приказна да не беше Реџеп бег оној кој стана љубопитен поради честите посети на Емине ханума во нивната куќа. И така, едно попладне, додека го пиеше своето кафе без шеќер и пушеше лула со тутун од Холандија, ја праша жена си без да ја погледне в очи, што значат зачестените посети на Емине ханума во нивната куќа. „Женски мухабети, бегу“ – одговори жена му. „Нашата Аска ја барале за Вели бег. Бива ли таа работа? Старец и женет, да зема младо моме како нашата Аска“. „Како така, мори“, скокна од место Реџеп бег. „Од каде знаете вие жените такви работи? Да знаевте, немаше да имате долга коса“. Го извади испегланото шамивче од џебот и почна да игра оро насред соба. „Ренги ренгине, денги денгине“ рече. „Ја верив ќерката, бидејќи бегова куќа само во бегова може да влезе“.
На Аска ѝ кажаа дека ја дале, но не ѝ кажаа други подробности, освен дека свадбата ќе биде наскоро. И таа не прашуваше понатаму. На момите никој не им објаснуваше за тие работи. Одговорите ги знаеја другите, од нив се очекуваше да сфатат без да им каже некој нешто и да се однесуваат како што им прилега на децата од видните куќи на касабата. Токму затоа Аска ништо не праша. Таа требаше самата да ги сфаќа сите работи и добро да ја прифати филозофијата на семејниот живот во нејзиниот нов дом, филозофијата дефинирана со зборовите „слушнав и не слушнав ништо“, „видов и не видов ништо“. А Аска беше наслушнала дека нејзиниот вереник не беше младо момче. И не е дека не го видел, на некои свадби случајно ја видела жената на Вели бег, Мукадес ханума, која и покрај нејзините години, беше една убава и добро одржувана жена. И сега ќе требаше да се однесува како да ниту слушала ниту видела нешто.
Аска не го пречекори прагот до денот на свадбата кога ја разбудија рано наутро велејќи и да се подготви за одење во амамот. Нејзе и беа кажале дека дента кога се мажи, на момата ѝ се здрвуваат рацете и никако не може да ги придвижи. Нејзините братучетки ја облекоа со обичниот син фустан за да се качат после во пајтоните послани со шилтиња, кои раскошно ќе застанеа во калдрмата пред вратите на амамот. Кога се отворија тешките порти на амамот, Аска како да беше во сон. Помисли колку е студеникав амамот однадвор, а колку топлина извира одвнатре. Топли беа и камените плочки што ги газеше и кои пуштаа една посебна врева од топуците на женските кондури. Во средината се наоѓаше шадрванот со кристално бистра вода, додека одоколу во собичките имаше дрвени клупи кадешто се седеше крај топлата вода која пушташе пареа. Аска ја соблекоа во една од тие собчиња. Нозете, рацете и долниот дел на стомакот и ги намачкаа со една смола од кафена боја, чиешто тегнење предизвикуваше болка, особено од врвовите на својот недопрен венеричен брег со кожа со млечна белина. И по лицето „ја погалија“ со еден конец, така што бојата на нејзината кожа, губејќи ја темната мов по лицето, стана како свежо сирење кое се продава на пазарен ден. Потоа ѝ ја расплетоа долгата плетенка на косата и ѝ ставија кана од Арабија. По миењето, косата ѝ стана сјајна како оган, како сјајот на песокот на таа далечна земја. На крај, ѝ го избањаа виткото тело, триејќи ја по слабините и исправениот грб. Аска се чуствуваше разгалена од толкуте раце на жените кои се вртеа околу неа, од горе, од долу, и посакуваше никогаш да не престане овој обреден чин. Тоа беше ритуал што ѝ се допаѓаше, проследен со песни испеани низ пареата на топлата вода. Толку врева се дигаше што не можеше раце да ги земат од вжарените решоа, за да го испијат чајот во малечките кристални чаши донесени од Солун, и да ги вкусат сувите кајсии и лешници од Адана. Потоа постарите хануми, си ги запалија цигарите што ги беа зеле скришум од кутиите на своите мажи и што со најголема внимателност ги чувале да ги испушат во една ваква пригода.
Аска ја облекоа во нејзината соба редејќи ѝ ги сите облека една по една врз нејзиното кревко тело. Главата ѝ ја покрија со шамија плетена од свила, додека лицето со дебел црвен превез. Очите ѝ ги затворија со леплива смеса што ја нарекуваа туткал, за да не ги отвори додека траат свадбените обичаи. Тие ќе ги вршеа сите работи и таа немаше ништо да види. Од целиот обред, Аска претпостави дека ручекот беше поставен во нејзината куќа, а потоа дојдоа свадбарите со песна. Подоцна, таа се поздрави со своите, и на крај, ја седнаа на меките шилтињата на пајтонот. Се обидуваше да си ја замисли куќата кајшто отиде невеста, бидејќи ништо не можеше да види. Седната во една одаја, таа ги чуствуваше погледите на луѓето околу неа и беше љубопитна да ги распознае боите на тие погледи, дали беа седнати или стоеја тие што ја гледаа, дали им се допаѓаше или не.
По неколку часа, Аска го почуствува мигот кога одајата почна да се празни. „Ова е мојата соба“ рече во себе. „Сега треба да почне мојата ноќ“. Ноќта навистина започнуваше. Младоженците обично беа поддржувани од некоја жена од семејството. Придружбата на Вели бег беше неговата прва жена, Мукадесе ханума. „До денес сме биле маж и жена, од денес сме брат и сестра, биди благословен, наследник да имаш“, му рече и ја затвори вратата на излегување. Мукадесе ханума ја остави вратата зад грб и ѝ се причини дека врз нејзините плешки ѝ беше натоварена цела Шара со сиот снег, како на глава да го имаше ожарениот вршник со којшто некогаш печеше бурек за Ѓурѓовден. Од другата страна на вратата слушна чекори кои се доближуваа.
Почувствува како две раце ѝ го открија лицето скриено под црвениот превез, додека таа ја фати неговата десна рака, ја допре со усните и челото, кажувајќи му дека од денес тој е нејзиниот господар. Држејќи се со рацете за ѕидот, влезе во малата врата на амамџикот за да го исчисти туткалот од нејзините очи. Кога излезе од таму, виде дека ја чекаше маж со побелена брада, подгрбавен, со побелена коса и си рече: „Зошто Господе не стори, кога ќе се мажиме, да ни ги залепат очите така што никогаш повеќе да не ги отвориме“.
Утредента, скоро половина касаба дојде да ја види младата невеста на Вели бег. И имаа што да видат – невидена убавина од глава до петици. Но, оттогаш нејзините очи се здобија со студен снежен сјај. Аска сфати зошто ниедна од нејзините другарки не раскажувала за првата брачна ноќ. Онака како што ни таа немаше да зборува за тоа. Зборовите ќе останат во снегот на нејзините очи, што ниедна пролет на овој град нема да го стопи.

Често застанувам кај пармаците на мостот кој се наоѓа блиску до стариот амам. Понекогаш ми се случува да запалам по некоја цигара, иако сум свесна дека добрите девојки на овој град не пушат цигари низ улица. Сега веќе ги нема браздите по куќните дворови, луѓето одамна ги затнале. Само реката си тече спокојно носејќи ги со себе нераскажаните тајни. Од трите моста свиени како лак, остана само еден, додека два ги урнаа пред многу години со динамит, за да можат место нив да изградат грди премини од бетон и железо. Стариот амам ги отворил вратите. Нејзиниот сопственик веројатно го имал на ум ланецот на познатите хотели „Шератон“. Но, работејќи по сивите градови на Европа, не научил како се пишува правописно ова име, бидејќи никогаш не спечалил толку пари за да може да испие едно кафе, на пример, во еден мадридски „Шератон“. Со апаратот купен во Италија, тој прави капучино што луѓето го пијат на брзина додека ги чекаат таксистите кои превезуваат патници низ околните села. Во очекување на такси возилата што ги замениле некогашните пајтони кои ги чекаа жените со саати откако ќе излезеа од стариот амам, амамот кој го цепкаше нивниот живот на две половини.

Превод од албански: Даут Даути
Адаптација на македонски: К. Ќулавкова

2018-08-21T17:21:53+00:00 ноември 1st, 2001|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 23|