Ethica Anthropofagon

Ethica Anthropofagon

(осум правила за воспитано човекојадешко однесување)

1. Бидете секогаш гладни! Тогаш, веќе сте слични.

2. Голтајте се со очите, најпрвин. Потоа ненадејно, возбудувачко каснување! Важноста на првиот загриз: зачеток на богатата взаемна гозба.

3. Подари ѝ го, во метално кутивче со анаграм, својот показалец со веренички прстен или левото уво со обетка. Тоа страшно ќе ја задоволи, како да ѝ ја даруваш последната роза или ја водиш на бесплатно патување со времеплов.

4. Густирајте се со љубов. Во секој залак најдете дел од себе. Чисто, рамномерно, искрено џвакајте. Ќе си станете неопходни.

5. Замислувајте! Потрагата по храна е неоспорно возбудлива колку и хранењето. Бидете сокол и пиле, волк и јагне, лав и срна. Улогата на пленот менувајте ја според надворешните временски услови: кога е жешко, играј ја ти, кога е дождливо – таа.

6. Усовршувајте го визуелниот впечаток. Користете облека од кожа, сомот или сроден надразнувачки материјал. Нека ве инспирира рафинманот на француските гурмани, нивната побожна страст кон спојот на изворот и мемлата, на раѓањето и гниежот. Вкусот на темјанот може да биде исто толку брутален, како што може да биде божествен загризот на гнилата крушка.

7. Шегувајте се! Напишете проштално писмо. Потоа, со нагласен апетит, изедете го вашиот минијатурен двојник од марципан, желе или жолт пудинг. Ноншалантно извадете го писмото од ковертата и прочитајте ја последната желба: „Го заветувам своето тело за напредокот на кулинарството“.

8. Романтичноста изумира во празниот желудник. Но, ситоста е банална, трома, најгорчлива измама за мечтаењето. Секојдневно дразнете си го апетитот, но никогаш не прождерувајте се до крај. Бидете секогаш гладни!

2018-08-21T17:21:44+00:00 јануари 1st, 2003|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 30|