ВИСТИНСКИ ЛАГИ, А-БУМ-БАМ-БУМ!

/, Звук, Блесок бр. 120 - 121/ВИСТИНСКИ ЛАГИ, А-БУМ-БАМ-БУМ!

ВИСТИНСКИ ЛАГИ, А-БУМ-БАМ-БУМ!

I can’t walk out, because I love you too much baby

1. ЕП и неговата жена

I

Годината е 1959.
Присила седи во својата едноставна соба. Масата и столицата се комплет од антикварница, извлечени од правот само за нејзина љубов. Плаче. Со нервозни движења го допира магнетофонот. Тоа беше сосема нова и модерна машина за диктирање, од марката Грундиг Стенорет, произведена во Германија, истата таа година. Гласот кој ѝ се обраќа е познат.

Чекорам вдолж Седмата улица. Градот е совршен во овие моменти. Ништо не би менувал. Шарените кабриолети поминуваат на сите страни пренесувајќи соединети црни и бели ритми. Сега сум веќе сигурен дека рокенролот ќе го смени светот. Овој град долго ќе го памети денешниот датум. Ма, ти подобро знаеш што значи одлуката на Елвис со своите колкови и колена да затанцува на нашата мала бина, во нашиот клуб. Сила, не го сакам како ти, ама верувај ми, ѝ припаѓаме на истата банда. На крајот на краевите, фризурата ја провалив пред него. Тоа го знаеш и самата. ќе ти биде криво што отпатува за Европа и го пропушти сето ова, ама затоа и снимам сѐ. Оваа лента е краен подарок за тебе. Ќе можеш да го почувствуваш мојот и твојот ден.

Најверојатно сѐ ќе помине како што планирав. Знаеш, морам на Дебелиот Ал вечерва да му вратам некои пари, или неговите мајмуни ќе ме фрлат в река. Знам, знам, ќе речеш дека сум идиот што земам пари од него, ама морав да ја отплатам колата, да купам фини алишта и билет за концерт. За тебе, овој пат, сѐ мора да биде во стил. Или, едноставно, ќе изнајмам соба во ебениот Хотел на скршени срца и таму ќе станам дел од инвентарот. Не грижи се мила, имам план.

Ја исклучи машината, стана и тргна кон прозорецот. Повеќе не можеше да плаче. Сѐ исплака — и солзи, и пот, и урина… Остана уште единствено да пушти крв. Му се врати на магнетофонот и повторно го активира. Гласот стрпливо ја чекаше.

Бади имаше работа за мене. Ќе се најдеме за пет минути. Ќе му помогнам да заебе некои глупаци и ќе ги земам парите.

 

II

Додека го зборуваше ова, Френки сигурно чекореше по улиците на кои беше пораснал. Никогаш не беше татков син, ама далеку од тоа да не беше добар. Отсекогаш живеел за музика. Чекореше за музика, се облекуваше за музика и ги сакаше жените. По завршените студии отвори мала правничка канцеларија, ама тоа не траеше долго оти никако не успеваше да се помири со системот. Од тогаш, од време на време, помагаше во клубот и се снаоѓаше работејќи неважни валкани работички како оваа која денеска требаше да ја заврши. Обично носеше темно сини фармерки, бела маица и црна кожена јакна. Денеска со себе имаше и мал пиштол од еден роднина, без куршуми. Мразеше оружје, ама понекогаш му беше неопходно. Штом влезе во барот, типот му го даде договорениот знак. Не, ништо нема да тргне на лошо. Едноставно ќе го предаде пакетчето, ќе ги земе парите, ќе ги проследи на Дебелиот Ал кој ќе му ги тргне горилите од врат. Уште само времето да не минува вака брзо. Веќе е шест саатот. Мора да биде вичен и да остане жив.

Присила повторно ја исклучи машината. Знаеше дека лентата мора да ја преслуша до крај и дури потоа да тргне понатаму — каде и да ја однесе тоа. Лентата ја доби пред неколку саати од црвенокосиот маж кој сѐ уште чекаше во приземјето. Тој ист маж беше шеф на обезбедувањето на концертот на Елвис оној ден кој е забележан на снимката. Да, лентата ја чека.

Френки се потруди смислено да го забележи тој ден. Знаеше дека снимениот концерт ќе биде најголем подарок за неговата девојка, ама сакаше мотивот да биде посилен од материјалот, тој да го победи Елвис на таа снимка. Во тоа име ги изговори најомилените стихови од „Страци трева“ на Витман. Едвај чекаше да се врати и да ѝ раскажува работи кои не можеше да ги стави на ниедна лента. На пример, како го откри тој лик, Кероак се вика, и своето воодушевување со откритието, со таа поезија и полудена проза каква што светот досега не видел. Тој не видел. Наскоро! Беше седум и дваесет, а до седум требаше да му ги врати парите на Дебелиот Ал. Тоа не го загрижуваше многу. Се чувствуваше добро. Чекореше кон дувлото на Ал, парите беа во мала зелена торба и времето отчукуваше токму како што треба. Веднаш на влезот доби придружба која го поведе кон озлогласениот шеф. Претходно му го одзедоа малиот пиштол без куршуми. Торбата ја држеше цврсто оти само така можеше да го држи животот. Дебелиот Ал мирно седеше во фотелјата и го галеше стариот мачор. Животното со него е толку долго што почнаа да си личат еден на друг.

„Парите се тука. Сѐ е во торбата, дури и каматите. Фала.“

III

Еј, замисли, Сила, кога стигнав, тој веќе беше наредил да ме средат. Само затоа што доцнев неколку минути… да ти ебам… Никој веќе никому не верува. Се разбира, штом ги предадов парите, сѐ се смени. Концертот почнува за половина час. Веќе сум во Седмата улица. Не можам да верувам дека ќе го видам Елвис, веројатно дури и ќе го запознам, сепак тоа е мој клуб.

Чекореше го дигната глава додека го зборуваше ова. На себе имаше ганц ново сиво палто и онаа иста бела маица за која веруваше дека му носи среќа. Ја виде гужвата пред влезот во клубот. Ги виде сите тие девојчиња, но не и Присила. Размислуваше за сета иронија и се приближуваше кон влезот кога го зграпчија две раце, од зад грб. Другиот човек му се приближи од напред. Погледите им се сретнаа, додека со ножот му го параше стомакот. Губеше рамнотежа, а во далечината одѕвонуваше студен глас кој ја пренесуваше пораката, не знаејќи дека е повлечена.

Сѐ бледнееше додека конечно не стана црно. Во левата рака сѐ уште го држеше магнетофонот. Лежеше на улица, крвавејќи и мрморејќи ги последните зборови. Дали му успеа досетливо да го забележи тој ден? Почна да врне. Вистински порој, како од кабел. За миг се собра доволно вода за во поток по улицата да понесе и млаз крв. Пред вратата на клубот неговата бела маица стана црвена.

Неверојатно. Тука пред вратата на ебениот клуб мојата маица веќе не е бела, тукѕу црвена… баш без врска.

Тоа беа последните снимени зборови. Присила уште еднаш се сврте по собата, а потоа потрча надолу по скалите. Ја чекаше човекот од кого ја доби снимката, Френки веќе беше мртов кога му го зеде магнетофонот од раката. Така дојде до лентата. Сѐ му раскажа на Елвис, а овој го испрати по девојката. Додека лимузината полека лизгаше кон Грејсленд, Присила размислуваше за својата среќа.

2. Детективски џез

IV

Август е 1977 година. Горе небо и земја. Детективот поручник Раст Мартинез во Мемфис стигна на почетокот на годината. Пред тоа, цела деценија се замеруваше со секој жив на улиците на Сан Франциско. Подеднакво го мразеа од двете страни на законот. И така заврши во Мемфис. Она што му го одредија како казна го сфати токму така — како одмазда која никогаш нема да им ја прости, ниту пак ќе им остане должен. Ебени сељачишта! Системот е можеби посилен, ама затоа Мартинез е погрд и полуд, и има музика. Во педесеттите го прескокна рокенролот, а потоа и сите останати трендови на популарната музика во шеесеттите и седумдесеттите. Беше еден од оние џези-смут-ама-не-се-заебавај-со-мене типови. Се закачи за бибопот со првото слушање и никогаш не го остави. Имаше тромбон, на кој свиреше кога никој не слуша и тајно сонуваше дека еден ден ќе отвори бар во Њујорк и на Менхетн ќе му ја врати старата слава на Фајв спот кафе. Па сепак, кога го испратија во Грејсленд тој шеснаесетти август, не остана рамнодушен кон сувенирите на животот на оној кој е прогласен за крал на рокенролот.

Сѐ додека не наиде на ѕид од нешта кои имаа некоја своја смисла. Ги виде сенките на почетокот, знаеше да го намириса крајот, да ги стави нештата во свои рамки. Но ова беше сосема поинакво. Го намести шеширот. Имаше теорија дека аголот на шеширот наместен на главата е многу битен за енергијата на човекот и онаа тенка линија меѓу животот и смртта. Како хипнотизиран зјапаше во она што беше испишано на плочките од бањата веднаш над мртвото тело на Елвис.

годината во која живеам
романтиката перверзно ја претвора
во навика
поради тоа
речиси студен сакам да знам
зошто ме потсетуваш
на некогашната Брижит Бардо
погледни ме
остани каква што не си
дојди да се љубиме
ќе ги загрозиме магистралите
преправајќи се дека немаме
планови
кадилак
пари
само замисли и дојди
да го напуштиме Лас Вегас заедно

Поезија во клозетот на Елвис? Навистина?! Кој курац! Значи ли тоа дека е убиен? Завера на тајните служби, поети и платеници кои плачат? Одеднаш сѐ стана симболично и во сѐ гледаше знаци.

Посака Кралот да е жив, да може да му подготви еден од оние свои славни сендвичи со банани и путер од кикирики. Со полн стомак се размислува многу подобро. Рок-а-хула бејби а-бум-бам-бум!

V

Со истрагата никогаш не се утврди чиј кармин користел Присли за на плочките од својата бања да го напише она што ќе испадне дека се последните редови на неговиот живот во уметноста. И неговиот живот во целост. Џинџер Алден упорно и хистерично тврдеше дека карминот не е нејзин. Полиграфот, возачот, градинарот и чистачот на базенот ја потврдија нејзината приказна.

АвторМехмед Бегиќ
ПреводЕлизабета Баковска
2018-09-21T09:55:33+00:00 септември 19th, 2018|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 120 - 121|