Homo homini… canis est?

Homo homini… canis est?

#4 Но, Триер не застанува тука, само на прикажувањето и разоткривањето на темните тајни на жителите на Догвил. Не, тој, се разбира, продолжува понатаму, неговата интенција оди уште подлабоко – треба да се разоткрие и Грејс зад своите ѕидови… А тоа го прави нејзиниот татко-мафијаш, оној нејзин гонител, од кого таа навистина бега, згрозена од неговиот начин на живот и сè што тој претставува: во само еден разговор помеѓу неа и него, Грејс е разоткриена и раскринкана во својата врвна суета на супериорност над простотилакот на жителите на Догвил, во нејзината умисленост дека е толку многу над секој од нив, во таа нејзина суета дека е апсолутно безгрешна и совршена во нејзиното длабоко разбирање и познавање на човечката душа и смисла… Во тој разговор, нејзиниот татко – на еден многу прост и едноставен начин, ја прашува (парафразирам): … која си ти да се поставуваш над сите нив толку високо… тие, а и јас, барем знаеме, длабоко внатре, што сме, знаеме дека сме грешни, и не им судиме ниту пак им простуваме на другите што грешат… која си ти да судиш и да простуваш? Зарем тоа не е врвна суета, толку поголема отколку на кој било од нас другите?… И во тој момент, доаѓа до главнот пресврт во приказната: Грејс, преку соочувањето со својот татко, ѕирнува и позади своите ѕидови и кули, и го пронаоѓа својот јад и бес, и го ослободува така катарзично, како што гледачот само посакува, до тој момент, и им наредува на убијците во служба на нејзиниот татко, да ги убијат сите жители на гратчето, а гратчето да го запалат. Катарзата започнува. Но, Триер не би бил Триер ако во тој момент ја заборави својата интенција во корист на силината на катарзата, и да се задржи само на блаженството на сировото ослободување и краткотрајното задоволство кое таа го донесува; не, тој не заборава дека тргнал во потрага по прашањата и одговорите, и само со еден кадар сред масовните убивања и палења на крајот од филмот, успева – само преку еден екстремно кус кадар на убиство на бебето на една од мачителките на Грејс (единствен кадар каде фактички убиството и е прикажано експлицитно) – да го пресече катарзичното уживање на гледачот сред одмаздата на Грејс врз жителите на Догвил, и да ја даде својата поента со имплицитното, но сеприсутно прашање: што е правдата тука? Каде е Вистината? Кај Грејс? Кај нејзиниот татко? Кај простите, неуки и фрустрирани жители на Догвил? Некаде на некое трето место? Никаде? Или некаде… позади сето тоа?
#5 Со еден супериорно вистинит, гностички манир на нарација, раскажување од врвен вид, Триер гледачот го доведува до такви чувствени состојби, што гледачот не може, па макар и да сака, да ги избегне; маѓепсан од длабината и заводливиот шарм на кралицата нарација, која зад себе ги остава и ги отфрлува сите стеги на медиумот и жанрот, и се покажува себеси како единствен суверен во потрагата по „Вистините со големо В“, гледачот, како и сите ние, не може а да не се запраша што сме ние, какви битија, што е Вистината за нас, што е тоа што нè тера така да се однесуваме и такви да бидеме; што е тоа во нас што нè тера да се однесуваме песјо спрема себеси и другите, а истовремено многу добро знаеме што и колку добро си посакуваме за себе, а често и за другите… И така натаму, и така натаму… А сепак се однесуваме онака како што се однесуваме, уплашени пред себеси и Постоењето, и се јадеме, се газиме меѓу себе, се повредуваме и себеси и другите… И некогаш сме Грејс, некогаш сме жителите на Догвил, а некогаш таткото-мафијаш, итн… И сега, како да не кажеме: човек на човека му е… пес?!
А, како, по гледањето на овој филм да не почувствуваме дека тоа, ама ни одблиску, не е така? А, за жал, тоа сè уште го живееме… и ќе го живееме, сè додека не си го поставиме вистинското прашање, и сè додека не си го одговориме…
А Ларс вон Триер ни дава вистински прашања и вистински посоки кон одговорите… Бидејќи, тој, на својот толку поинаков, а толку директен начин, ни раскажува и покажува дека одговорите ги нема ниту еден лик во неговото дело – иако секој лик таму има некакви си свои одговори… Но, ниеден од нив ги нема вистинските…

3. Прашања. Одговори

#6 И сега, сè понатаму, Триер ни го остава нам… Откако убаво нè раздрма со есенцијалните човечки мисловни и душевни концепции за она што е право а што не е, и откога нè проведе низ сето она што го знаеме за толку човечко, а го доживеавме толку туѓо, нам ни останува да се прашаме себеси, но овојпат да се прашаме себеси со вистинската интенција, и да си одговориме себеси на вистинскиот, директен начин – и со вистинското чувство и желба тоа да ни биде одговорено однатре
Тогаш, но само тогаш – ќе ги чуеме одговорите кои ќе бидат певот на небесните лири, и ќе ни биде одговорено како човек на човека НЕ ќе му е… пес, и како еден на друг да си бидеме она за што сме создадени да си бидеме…

А создадени сме да си бидеме љубов, убавина, светлина, и, пред сè – „Вистина со големо В“…

2018-08-21T17:21:35+00:00 декември 1st, 2004|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 39|