Homo homini… canis est?

Homo homini… canis est?

(за филмот ДОГВИЛ на Ларс вон Триер, 2003 год.)

1. Мисла. Интенција

#7 Понекогаш – ниту премногу често, ниту премногу ретко – некое уметничко дело, во својот обид да се разигра врз оние најсуптилни нишки на есенцијата на човечкото постоење, ќе ја исплете својата мелодија за човечкото постоење така, што таа мелодија ќе извие пев на ултимативните Вистини… И повторно – само понекогаш – тој пев ќе успее и да пробие доволно длабоко во оние кому е наменет, во оние длабини на човечката душа каде пристап имаат само оние „Вистини со големо В“… Вистини кои задираат позади сите оние ефемерности и заблуди што човекот – како битие растргнато сред своите обиди да го осмисли своето живеење овде и сега во оваа реалност – ги гради во и околу себеси: некогаш за да се заштити, а некогаш за да се поштеди себеси од „суровата“ реалност сред која живее. И така, по пократко или по подолго време, без разлика – тој успева да се загради и забарикадира себеси, своите чувства и својата суштина со таков ѕид од заблуди, полувистини и невистини кои само навидум му го олеснуваат неговото постоење во оваа реалност… реалност во која не ни е дадено a priori да ги знаеме вистините и убавините, туку мора да ги бараме за да ги пронајдеме…
Таа потрага не е нималку лесна за оние кои далеку забегале (а сите успеваме далеку да забегаме) во градењето на своите чувствени и мисловни замоци околу најранливото и најповредливото место во нас: нашата душа… И така затворени во тие лажни лулки на спокојот, се осудуваме себеси – не да бидеме огнот на убавината на постоењето, туку само топол пепел на сеќавањето на тој оган што се запалил во нас со нашето раѓање овде… А во суштина, тоа нè разјадува однатре, а не однадвор! И – често доцна, иако, да не заборавиме, никогаш предоцна – сфаќаме дека она што нè повредува и застрашува не доаѓа однадвор, туку однатре, и дека сите тие кули и замоци што сме ги изградиле не се изградени само од грешната страна, туку дека се изградени комплетно без потреба! И тогаш, и само тогаш, започнува нашата потрага по тие „Вистини со големо В“… А за таа потрага да биде навистина целисходна, потребно е да се поставуваат вистинските прашања…
#1 И затоа, да се навратиме повторно на оние уметнички дела кои ги спомнавме на почетокот на овој долг вовед кон едно такво дело, овојпат филмско – филмот ДОГВИЛ на Ларс вон Триер – и да назначиме дека токму ваквите дела знаат да ги постават, а понекогаш само да ги посочат (што во суштина е исто) оние вистински прашања чиишто одговори се оние кои ги плетат струните на певот на „Вистините со големо В“, и коишто ја чинат потрагата целисходна… Но, постои и уште нешто – не е потребно само да се запрашаме со вистинските прашања: потребно е навистина да сакаме да ни бидат одговорени; значи, потребно е да се запрашаме со вистинска желба и намера, со вистинска интенција тие да ни бидат одговорени… и тогаш, и само тогаш, ќе можеме да го чуеме певот на „Вистините со големо В“, и да се доживееме себеси во својата суштина, во онаа вистинска, прекрасна и небесна суштина на она што навистина сме… Иако, за да стигнеме до таа прекрасна суштина, треба да поминеме низ пеколот на тврдите и вжештени ѕидови на заблудите и лагите со чија помош сме ги кренале кулите и ѕидовите околу нашите души, а тоа не е нималку пријатно да се искуси. Но, оние што еднаш веќе почнале да се прашуваат со вистинската интенција за да се достигне вистинската цел, не престануваат да се прашуваат и да ги посочуваат тие прашања, бидејќи веќе ги намирисале „Вистините со големо В“ што стојат позади нив…
Авторот на филмот ДОГВИЛ, Ларс вон Триер, е еден од оние кои веќе отишле далеку по трагата, или далеку во потрагата по тие вистини. И, како што тоа толку добро и вистински го направи и со своите претходни филмови, го направи тоа и со овој филм – и, без сомневање, најмалку исто толку силно како и претходно! Интенцијата да се откријат вистинските прашања и да се назначат или барем посочат вистинските одговори – кај овој автор е силна, решителна и пред сè: бескомпромисна. Онаква каква што треба да биде кај секого. Секогаш.
А овој автор секогаш знаел и умеел тоа да го направи на исклучително свој, индивидуален, посебен и секогаш поинаков, подруг начин, секогаш онеобичен до крајност, до екстрем, со длабока и намерна онеобиченост на исказот и изразот, за преку таа онеобиченост, извртеност – како што во својата суштина се и нашите заблуди и стравови од кои се изградени нашите кули и ѕидови – на единствениот можен начин да нè доведе до прашањата и одговорите: преку потрес! Преку душевен и емотивен потрес, преку извртување на сè она што сме го сметале за нормално и секојдневно, и да нè натера, со тоа „тресење“ да го „истресеме“ она што сме го набиле толку длабоко во нас, во нашите кули и ѕидови за – заштита?! И, овој автор знае дека што се тие повисоки и поцврсти, толку посилно треба да е растресувањето… и дека тоа е единствениот начин тоа да се направи…

2018-08-21T17:21:35+00:00 декември 1st, 2004|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 39|