ВО СЕНКАТА НА ШАПКАТА НА ШОДАН

/, Звук, Блесок бр. 119/ВО СЕНКАТА НА ШАПКАТА НА ШОДАН

ВО СЕНКАТА НА ШАПКАТА НА ШОДАН

Надолу по улицата со црвен ветер
Здружени самотии
Дует од соништата
Додека има музика…


Никогаш не сум бил во Лос Анџелес, ниту пак сум барал нови домови поради талентот или интрументите, ако деловите на телото не ги сметаме како инструменти. Шапката ми ја подари Шодан пред неколку години во Хавана. Ја пазам како нешто од што ми зависи животот. Сите ние сме робови на некои свои амајлии, само ретките се осмелуваат да го признаат тоа.

Дует од соништата

Најмили ми се плочите од Хајден на кои со формирањето на квартетот Вест повеќе се посвети на звукот на ноар кинематографијата (ако тоа можам така да го наречам), можеби затоа и развив еден тик: ја поднаместувам шапката како така да ќе разберам повеќе за Хемптон додека Хајден ми свири. Се нафатив на оваа работа слушајќи го албумот In the Angel City, сакам тоа да остане забележано. Иако на него не се задржав долго.

Во сѐ гледав знак, а гласот на Хејс во мојата глава беше упорен: „Свири така како што треба и така ќе звучи. Обиди се да забушаваш и клавирот ќе ти врати. Клавирот не лаже. Погледни ги само пијанистите како се прчат со искри во очите и со прекрасни нокти кои блескаат низ клавишите — слушај ги внимателно бидејќи тоа е сѐ што постои, огин и лед, нема поголеми длабочини или значења од парчињата дрво кои танцувајќи паѓаат низ водопадот“.

Чекам толку долго што заборавив што работам. Чекајте со мене, ако моментално не сте во некоја гужва. Воглавно е така, се сместувам удобно во сенката на шапката и чекам. Со вистинска мисла нештата почнуваат да се одмотуваат. Внимателниот посматрач би можел да помисли дека чекам решение на којзнае каква мистерија додека се прашувам дали оваа кошула е премногу упадлива и дали ќе биде против моето чекање. Би бил во право, токму тоа го чекам! Ме смирува сознанието дека има совршена музика, се смешкам местејќи ја шапката.

АвторМехмед Бегиќ
ПреводЕлизабета Баковска
2018-09-20T12:40:46+00:00 мај 12th, 2018|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 119|