Љубен Пауновски

//Љубен Пауновски
Љубен Пауновски 2019-01-14T12:35:25+00:00

Project Description

Љубен Пауновски (1958) дипломирал на Институтот за историја на уметност со археологија на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Република Македонија, каде се стекнал со степен магистер на темата: „Експресионизмот во современата македонска уметност“, и докторирал на темата: „Уметничкиот одговор на егзистенцијалните парадокси – примери од современото македонско сликарство“.

Ги има објавено книгите: „Уметничкиот одговор на егзистенцијалните парадокси – примери од историјата на современото македонско сликарство“, 2017. Скопје: Кродо; „Борислав Траиковски – Контемплативен експресионизам за човекот, животот и светот во робусни форми и темни контури“, 2017. Битола: Македонско научно друштво; „Свето Манев. Низ соочување со Сенката до просветлување – 40 години уметничко творештво“, 2009. Битола: Општина на град Битола, Скопје: Национална галерија на Македонија. „Трајче Јанчевски. Добрата мајка на животот – 60 години уметничко творештво“, ретроспективно-монографска изложба, 2009. Скопје: Национална галерија на Македонија. „Експресионизмот во современото македонско сликарство – во контекст на експресионизмот како перманентна уметничка појава“, 2007. Скопје: Кродо; „Јанчевски Трајче – Мечтател со растреперена енигматска визија“, 1996. Скопје: Зум Прес; „Методија Ивановски – Менде. 40 години сликарство“, 1992. Скопје: Матица Македонска.

Објавил голем број ликовни рецензии во седмична радио-емисија „Културен мозаик“ на Првата програма на Македонско радио, текстови во каталози за изложби, списанија, седмични и дневни весници, како и во книги за уметноста од повеќе автори.

Работел како новинар, ликовен рецензент и уредник во весникот „Студентски збор“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје (1982-1986). Во истиот период како надворешен соработник бил ангажиран за редовен ликовен критичар во специјализираната седмична емисија „Културен мозаик“ на Првата програма на Македонското Радио (1984-1987). Потоа се вработува во Македонското радио како новинар и ликовен критичар, и повеќе години е уредник на “Редакција за култура и уметност“, а потоа и уредник на „Сектор за култура и уметност, образовна и документарна програма, драмска програма и детско-младинска програма“ (1987-1998). Бил советник на градоначалникот на град Скопје (1998), пратеник во Собранието на Република Македонија (1999-2000), министер за култура (2000) и за одбрана (2000-2001) во Владата на Република Македонија.

Во 1993 година е иницијатор и изработувач на уметничкиот концепт и организациониот елаборат за формирање на „Меѓународно графичко триенале“ (заедно со Владо Ѓорески), по што е понудено и прифатено манифестацијата да се реализира во Националната Установа Завод и Музеј Битола. Официјално бил назначен за Проект-организатор за подготовка, организација и реализација на првата одржана манифестација и како свое учество во формирањето на меѓународната манифестација со лични средства купил уникатна, со антикварна вредност графичка/литографска преса за манифестацијата.

Во 2008 година иницијатор е и самостоен изработувач на уметничкиот концепт и организациониот елаборат за формирање на „Светска галерија на цртеж – уметност на хартијата“, која е реализирана во рамките на Остен, Скопје, и уметнички директор на првите две манифестации во 2009 и 2010 година.

Од 2004-2017 година е уредник во издаваштвото КРОДО од Скопје, конципирано да ги преведува книгите на значајните светски мислители, при што досега се објавени книги од: Освалд Шпенглер, Мигел де Унамуно, Емануел Сведенборг, Фридрих Ниче, Пјотр Успенски, Николај Берѓаев, и други.

Related Articles