Мимоза Несторова-Томиќ

//Мимоза Несторова-Томиќ
Мимоза Несторова-Томиќ 2020-12-23T16:35:51+00:00

Project Description

Мимоза Несторова-Томиќ е родена во Струга, во 1929 година, дипломирала на Архитектонскиот  факултет при Техничката висока школа во Белград. По дипломирањето се враќа во Македонија, за да му помогне на своето семејство, како и во изградбата на својата земја. Набргу по доаѓањето во 1953 година почнува со работа на Архитектонскиот факултет како асистент на Катедрата за домување. Таму работи 12 години, а потоа се вработува во Заводот за урбанизам на град Скопје во 1965 година, каде што работи до своето пензионирање. Веднаш по земјотресот во Скопје 1963, со циркуларно писмо Заводот за урбанизам на град Скопје бара стручна помош од сите проектантски фирми, како и од Архитектонскиот факултет. Тогаш Мимоза Томиќ се вклучува во работните тимови на Заводот за урбанизам. Целиот стручен тим имаше за задача да ја прегледа постојната урбанистичка документација, за веднаш да можат да пристапат кон работа кога ќе дојдат тимовите на Обединетите нации. Била на студиски престој на Универзитетот во Беркли 1964 година, 3 месеци, заедно со сопругот кој бил носител на стипендија на Фондацијата „Форд“, а тематски се вклучува на Катедрата за социологија на урбанизам. Потоа има едномесечен престој во Лондон и Ротердам. Продолжува со работа во Заводот за урбанизам, каде што веќе биле формирани тимовите на Обединетите нации. Таа е вклучена во социолошко-урбанистичкиот тим на Пол-сервис, тимот на ОН од Полска. Подоцна станува раководител на македонскиот тим. Преку оваа проблематика поврзана со студијата за домување и сообраќај и генералниот урбанистички план, таа се вклучува во главниот тим за изработка на Генералниот урбанистички план на Скопје, кој завршува во 1965 г. Учествува во проектирање на западната индустриска зона, заедно со Пол-сервис, а потоа со тимот од Заводот за урбанизам во изработката на Деталниот урбанистички план и ревитализација на Старата скопска чаршија. Во 1968 г. го изработува проектот за реконструкција на Сули-ан кој беше урнат до темел, комплексот на занаетчиски дуќани, проектот за ревитализација на комплексот Чифте амам кој не е реализиран, а во 1970 г. го изработува угостителскиот објект „Менада“. Во 1977 г. го изработува проектот за архитектура и ентериер на стоковната куќа ,,Беко“. Во 1977-78 г. изработува идеен и главен проект и реализација за Музеите на Македонија во Стара чаршија со арх. К. Муратовски, за која ќе ја добијат наградата ,,13 Ноември“. Во 1983 г. таа пристапува кон идеја и реализација на решението за ентериерот за Музеите на Македонија, во одделите за етнологија и археологија. Следната година го изработува проектот за станбениот комплекс на ЈНА во Капиштец. Учествува со тим архитекти на разработка на идеен и главен проект за бизнис центар  на комплексот ,,Градска порта“, конкурсно решение на арх. Кензо Танге (нереализиран). Во 1985 г. изработува проект за реконструкција, адаптација и акустична интервенција на објектот Универзална сала во Скопје со внатрешно уредување.

Во периодот од 1986г. па до пензионирањето 1989 извршува функција и должност на Директор на Заводот за урбанизам и проектирање на град Скопје.

Учествува во многу идејни решенија и на многу конкурси во Македонија и Југославија, во тим со сопругот Љ. Томиќ, или пак во архитектонски тимови. Добитник е на Првата награда на конкурс по покана, заедно со екипа млади архитекти во 1985 г. за проектот на Републичкиот секретаријат за внатрешни работи на ул. Партизанска, кој остана нереализиран. Добитник е на националната награда за животно дело „Андреја Дамјанов“ на Академијата на архитекти на Македонија. Учествува на изложбата „Toward a Concrete Utopia: Architecture in Yugoslavia, 1948–1980“ во МОМА, Њујорк, во 2018 по иницијатива на тим архитекти. Добитник е на признанието ,,Опера омниа“ од Share Architects во 2019 година.

Related Articles